1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров: „Ова е историско распаќе“

Обработка: Е.М. Фиданоска
24 септември 2018

На граѓаните треба да им се врати надежта дека ќе може да го фатиме возот за НАТО и ЕУ, зашто тоа е можеби последниот европски воз кој застанува во Македонија, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров за ФАЦ.

https://p.dw.com/p/35ODV
Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Фотографија: Imago/A. Parsons

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ вели дека предизвикот на референдумот е избирачкиот список.

„Во Македонија официјално се регистрирани 1,8 милиони избирачи. Но, имаме причина за верување дека 300.000, па дури и 400.000 луѓе веќе не се во земјата“, нагласува Димитров, и додава: „Ни недостигаат оние луѓе кои во изминатите години се откажале од надежта дека Македонија кога било ќе направи напредок во процесот на интеграција кон Западот. Повеќе од 100.000 луѓе од Македонија се иселени во Германија, околу 100.000 во Италија. Заминале затоа што веќе немале надеж дека овде ќе можат да водат достоинствен живот. Тоа значи дека зависно дд регионот ќе ни биде неопходен одзив меѓу 65 и 70 проценти за да ги постигнеме 50-те проценти кои се неопходни на хартија (за успешен референдум, н.з.)“

На прашањето дали такво нешто е реално да се постигне, шефот на македонската дипломатија одговара:

„На парламентарните избори во декември 2016-та, со кои е почнат политички пресврт по години тешка криза, на избори излегоа околу 1,1 милиони луѓе. Значи, многу повеќе од  900.000 колку што е неопходно да излезат на референдумот. Но, во 2016 година немаше повици за бојкот од страна на опозицијата. Во програмата на главната опозициска партија ВМРО од 2005 година се наведува дека за договор со Грција во 'спорот за името' мора да има референдум. Сега ваков референдум ќе има, но најголемата опозициска партија се извлекува од одговорноста и се обидува да избега од волјата на народот. Притоа, оваа партија постојано повторува дека зборува во име на народот. Наскоро ќе видиме што сака народот. Референдумот не се некакви локални избори, на кои станува збор за оваа или онаа партија. Ова е историско распаќе за Македонија... Може ли да има поголема патриотска должност од учество на референдумот?“

Македонскиот министер за надворешни работи во интервјуто нагласува дека на руските партнери им повторува оти македонскиот парламент уште од 1993 година има донесено декларација за приклучување кон НАТО и дека тоа е стара приказна која не е насочена против никого. Што велат тие на тоа, прашува новинарот Михаел Мартенс. Димитров одговара: „Патот е тежок. Но, ова е наша земја и наша одлука.“

На крајот на интервјуто шефот на македонската дипломатија одговара на прашањето - што доколку референдумот не успее, па вели:

„Некои експерти по уставно право се на мислење дека со тоа одлуката повторно ќе падне на парламентот. Референдумот не е законски предуслов за процесот на решавање (на спорот за името, н.з.). Во нашиот договор со Грција се споменува само како можност, не како неопходност. Тој би требало да ни даде поддршка за добивање двотретинско мнозинство во парламентот за уставни промени. Колку поголем одзив на рефрендумот и повеќе гласови 'за', толку поедноставно ќе биде за нас од 120-те пратеници да добиеме 80 кои би гласале за уставни измени.“

Потпрашан дали зад кулисите веќе се преговара со пратениците за да се добие неопходното мнозинство, Дмитров повторува:

„Колку појасна порака од страна на народот на референдумот, толку поедноставно ќе биде потоа во парламентот. За жал, како кај нас, така и во Грција, има сили кои не сакаат конфликтот навистина да се реши. Во двете земји има политичари кои ја имаат изградено својата кариера врз одржувањето на 'спорот за името'. Се работи за тоа дали ќе гледаме во иднината или сакаме да се вратиме во рововите на историјата. Се работи за тоа на граѓаните да им се врати надежта дека ќе може да го фатиме возот за НАТО и ЕУ, зашто тоа е можеби последниот европски воз кој застанува во Македонија“, вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров  во интервју за угледниот ФАЦ.