1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски избран за мандатар на идната влада

ДТЗ
27 декември 2021

Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работам за да ја оправдам довербата, порача новиот лидер на СДСМ, најавувајќи дека партијата ќе се реорганизира.

https://p.dw.com/p/44sss
Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на вечерашниот Централен одбор на СДСМ ја доби довербата да биде мандатар на идната влада.

„За мене е огромна чест и одговорност што денес од ЦО на СДСМ ја добив довербата да бидам мандатар на идната Влада! Тоа е предизвик кој сум подготвен да го прифатам и посветено да работам за да ја оправдам довербата. Продолжуваме со седницата на ЦО за избор на ново раководство, како и нови членови на Централен и Извршен одбор на СДСМ“, објави Ковачевски на социјалните мрежи.

Тој најави дека партијата ќе се реорганизира. „СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и модернизира. Партијата е отворена за вклучување на нови луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократските вредности“, порача Ковачевски.

Тој претходно изјави дека ќе предложи Извршен одбор во кој ќе бидат застапени 50 отсто жени и 50 отсто мажи за да се запази родовата еднаквост за која се залага Социјалдемократскиот сојуз. „33 отсто ќе бидат млади, што е исто така статутарна одредба и ќе бидат запазат сите плански региони во државата“, додаде Ковачевски.

Тој вели дека никогаш не ги дели кадрите на стари и нови, туку на оние што придонеле повеќе или помалку во развојот на партијата.

И поранешната потпретседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, пред седницата на Централниот одбор, изјави дека сите партиски членови во моментов се потребни, како и дека вратите на партијата се отворени за нив. Таа најави дека ќе се формира посебно тело кое ќе се занимава со креирањата на нови политики, ставови и анализи.