1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилетантскиот егоизам на Ципрас

Спирос Москову / превод: С. Недевски1 јули 2015

Алексис Ципрас веќе не се грижи за благосостојбата на грчкиот народ, туку само уште за преживувањето на неговата партија Сириза. Меѓутоа, зад кулисите во Атина одамна владее страв, смета Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/1Fr0H
Фотографија: REUTERS/Alkis Konstantinidis

Нешто е гнило во државата Грција. Еден свежо избрана популистичка влада во февруари вети дека ќе ја задржи банкротираната држава во еврозоната, истовремено меѓутоа ќе договори социјално издржливи спасувачки пакети со меѓународните доверители. На крајот на јуни грчките банки се затворени и воведени контроли на протокот на капитал, очајни пензионери чекаат во долги редици, за да подигнат пари на банкоматите кои честопати се празни. Ситуацијата е целосно излезена од контрола. И покрај тоа владата во недела организира референдум, кој според грчката управа за јавни приходи чини 110 милиони евра - во надеж за легитимација на нејзината пропадната тактика.

Чудно сфаќање на демократијата

Во овие драматични моменти, кусо пред крајот, премиерот Алексис Ципрас презентира сфаќање за демократијата, кое останатите европски демократии може само да ги шокира. Во исцрпно интервју за првата програма на грчката телевизија во понеделникот вечерта тој прокламираше нешто апсурдно: ако на референдумот произлезе „да“ за барањата на партнерите на Грција, тој ќе го респектира исходот, но плановите нема да ги спроведе. Меѓутоа, ако мнозинството гласа со „не“- за што владата ги мобилизираше сите свои реторички резерви - тогаш Атина, според Ципрас, би имала силен адут при евентуално продолжување на преговорите.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову, раководи со грчката редакција на ДВ

Неискусниот премиер, кој постојано се колне во мандатот од народот, значи однапред најави дека нема да ја спроведе волјата на народот која ќе биде изразена во недела, доколку таа не му одговара. Ако Грците гласаат онака како што се надева Ципрас, тогаш тој има намера гласањето да го искористи како оружје во преговорите со доверителите, кои тој самиот ги напушти минатата недела.

Еден дилентант станува судбоносна личност

Во земјата која постојано кокетира со сликата за себе како „лулка на демократијата“, денес главниот збор го имаат инфантилни дилетанти. Инаку шармантниот премиер не работи за доброто на својот народ, туку исклучиво за преживување на неговата партија. Токму како и т.н етаблирани партии, кои тој жестоко ги критикуваше и кои беа брутално казнети од народот на изборите во јануари. Оние партии кои со децении ја управуваа Грција кон денешниот банкрот.

Да, Алексис Ципрас, кој стана судбоносна личност за Грција, а можеби и за целокупната Европска унија, за наши сфаќања, говори збунувачки нешта. Но изгледот лаже: Грците тендираат кон покажување мускули кога имаат страв. Зад фасадата на резиденцијата на премиерот веќе долго се шири агонија. Четворица министри зад затворени врати предупредуваат дека е потребна промена на курсот, редица пратеници на Сириза во Европскиот парламент од понеделникот се дистанцираат од официјалната линија на партијата. А во Атина граѓани демонстрираа под мотото : Ја сакаме Европа“. Последна, конечно домашно создадена шанса за поинаква, подобра Грција!