1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилемата на германската надворешна политика

26 јануари 2018

Германските тенкови во Турција нема да бидат бргу доопремени како што се надеваше Анкара, поради тоа што Турција тенковите ги употребува против Курдите во Сирија. Германија мора да се одлучи што сака, оценува Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/2rXrM
Berlin - Aktion gegen Bau einer Panzerfabrik in der Türkei
Фотографија: picture alliance/dpa/J. Carstensen

Тенкови од германско производство под турска команда во акција против Курдите во Сирија. Вознемирувачки слики кои стигнаа изминатите денови. Слики кои ја покажуваат дилемата во која се наоѓа германската надворешна политика. Обединета Германија, традиционално ориентирана кон рамнотежа, облагородена од историјата, земја која размислува во меѓународни рамки, истовремено е и извозник на оружје. Само што стана познато дека во изминатите години извезла толку оружје, пред сѐ во земји надвор од ЕУ и НАТО, како ниту една германска влада претходно. Ветено беше нешто друго. Актуелниот министер за надворешни работи Зигмар Габриел од СПД пред четири годуини, во времето кога беше вицеканцелар и министер за економија, вети дека ќе се постапува внимателно со извозот на оружје. Особено проблематично станува кога, како што се случи изминатите недели, двата става ќе се судрат.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Габриел пред само три недели најави дека германската влада би можела да одговори позитивно на турската желба за доопремување на тенковите „Леопард“ во Турција. Во позадината на ваквата најава беа обидите за деескалација во германско-турските односи по повеќемесечното ледено доба. Беше ослободен германскиот борец за човекови права Петер Штојтнер, уапсен во Турција без обвинение и со нејасни сомневања за тероризам. И преведувачката Мешале Толу беше ослободена од притвор. Габриел во тоа виде потврда за својот став дека најдобар рецепт против автократскиот режим на претседателот Ердоган е да се зголемува економскиот притисок, а истовремено да се одржуваат разговори. Потоа малку си играше со желбата на Турција за доопремување на германските тенкви. Сега, кога е познато дека Турција ги употребува воените средства до Германија во офанзивата во соседна Сирија, одеднаш се вели дека влада која е само вршител на должност не би можела да носи одлука околу тоа. И, уште се додава дека за владата е јасно оти не се лиферува оружје во тензични региони.

Повеќе:

Германија не ѝ испорачува опрема за тенкови на Турција

Со германски тенкови на Курдите

Меѓутоа, тоа е стара дилема на секоја испорака на оружје. Никој не може да гарантира дека оружјето ќе биде употребено само за целите кои ги ветува купувачот. Офанзивни војни тука никако не припаѓаат. Со други зборови: крајно време е наново да се размисли за германскиот извоз на оружје, тоа да се направи врз реална основа, но со консеквенции. Испораката на оружје на држави како Египет и Саудиска Арабија не е во согласност со целите на германската политика. Основата за извоз на оружје во НАТО-државата Турција е нешто поинаква, тоа е точно. Но, тој извоз, барем во моментов, мора да е минимален и во никој случај не смее да биде средство со кое ќе се постигнуваат други цели (како ослободување на неправедно уапсени германски државјани). Колку бргу ваквите дилови ја губат основата се покажува во моментов.