1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДИК треба да се раководи од ревидиран роковник

6 мај 2020

По завршување на вонредната состојба, ДИК во рок од еден ден треба да донесе ревидиран роковник. Тоа е должност и нема место за арбитрерно толкување, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.

https://p.dw.com/p/3bqGM
Nord-Mazedonien Wahlkommission
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Избори во јуни, јули, или..? Одговорот ќе го бараат партиите на лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски на 12 мај, а решението ќе зависи, пред се, од ставовите на здравствените власти. Но, во евентуалниот избор на датум сега се вметнува и ставот на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски, кој смета дека најлегитимно би било изборниот процес да почне од почеток.

Владата на 21-ви март донесе Уредба со законска сила со која се прекинуваат сите изборни дејства, но привремено. Во соопштението беше нагласено, дека Владата ја донела оваа одлука „поради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на Ковид-19 и поради тоа што Собранието не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање“.

Со член 4 од Уредбата, ДИК беше задолжена да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите.

Повеќе:

-Заев и Мицкоски се разминуваат за неколку недели за изборниот датум

-Изборите меѓу чекан и наковална

-Земјата оди кон безвластие, Уставниот суд пред клучна одлука

„Спроведувањето на изборните дејствија ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба. Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик до денот на стапување во сила на оваа уредба се сметаат за важечки“, се вели во членот 5 од Уредбата. Со членот 6 ДИК беше задолжена во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба да објави на својата веб страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

Преземените дејства се важечки

Почнувајќи од 16-ти февруари, кога беа распишани изборите, ДИК спроведе повеќе дејствија, како што е јавниот увид во избирачкиот список, објавен опис на избирачките места, потврдени кандидатски листи, извлечени редните броеви на партиите на гласачкото ливче... По прекинот на изборните дејства, од ДИК изјавуваа дека сите дејствија што биле преземени до 22-ри март согласно со Изборниот законик се важечки, и ќе се употребат за продолжување на изборите. Зошто претседателот на ДИК сега смета дека изборниот процес треба да почне од почеток? 

„Разговаравме за ситуација, на пример, кога во 2016 година се одложуваа изборите два-три пати, ни беше сугерирано дека најдобар и најлегитимиен начин би било целиот процес одново да се започне. Повторно истите денови се потребни за организација на процесот, но на никого нема да му дадеме право да го делегитимира изборниот процес", изјави Деркоски за ТВ „Алфа“. Според него, откако ќе биде определен новиот изборен датум, изборните рокови треба да почнат од почеток, односно 50 до 60 дена ќе и бидат потребни на ДИК за спроведување на изборите. Бидејќи вонредната состојба завршува на 16-ти мај, дури и ако веднаш потоа да биде одреден нов изборен датум, според Дерковски, најоптимистичката варијанта за избори е почетокот или средината на јули.

Nord-Mazedonien Wahlkommission | Oliver Derkoski, Präsident der Wahlkommission
Оливер Деркоски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК)Фотографија: DW/P. Stojanovski

“Најоптимистичката варијанта е почетокот или средината на јули затоа што има една работа која мора да ја знаат сите. Мора повторно да се преработи Избирачкиот список. Изборниот законик вели дека право на глас имаат сите граѓни коишто ќе наполнат 18 години на денот на изборите имаат”, вели претседателот на ДИК.

Арбитрерно толкување

Токму на овие сугестии на Дерковски се повикува и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Од она што го слушнав од претседателот на Државната изборна комисија му требале 50 дена за организирање на избори. Ако претседателот на државата ја прекине вонредната состојбата, тогаш теоретски во првата половина на јули е најбрзо што може од денеска да се создадат услови за изборно соочување“, рече Мицкоски во интервју на ТВ „24“, додавајќи дека изборите треба да се случат во услови кога нема да се бројат жртви од коронавирусот, и кога ќе нема опасност од заразување.

Поренешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, вели дека нема место за арбитрерно толкување.

„Со Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес од 21.03.2020 година, се прекинува изборниот процес, а се задолжува ДИК во рок од еден ден од денот на завршување на вонредната состојба да донесе ревидиран роковник. Оваа Уредба ја применила и ДИК, и донела заклучок за прекин на изборните дејствија, Самиот прекин значи дека сите дејствија се прекинуваат, односно се прекинува да течат роковите. Со оглед дека ДИК има роковник и согласно со истиот Избирачкиот список не е заклучен, истиот во меѓувреме само треба да биде ажуриран, посебно да бидат впишани и гласачите кои во меѓувреме станале полнолетни, што е законска обрска на ДИК како професионално тело целосно надлежно за избирачкиот список", посочува Новаковски.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според него, за ревидирање на Избирачкиот список не се потребни многу денови.  

„Едно од основните права со Уставот е правото на глас. Согласно со Закон и Устав, а и согласно со меѓународните стандарди тоа е неприкосновено, што значи, државата не може со административни пречки да го оневозможи. Ние имаме во секој извештај критики до ДИК што не дозволува гласање со истечени лични карти. Сега тоа е и возможно ако за списокот биде продолжен рокот, односно со ревидирањето да се даде некој рок од 5 дена за увид па да се заклучи, бидејки истиот се потпишува 10 дена пред денот на гласање. Ниту една административна Одлука не може да биде во насока на попречување на правото на глас, а се ова е можно во интерес на граѓаните, а и ОБСЕ И ОДИХР ќе го поздрават“, вели Новаковски.

Тој посочува дека нема никаков проблем изборите да се одржат во рок од 30 дена.

„Имајки во предвид дека имаме прекин, а ДИК треба по завршување на вонредната состојба во рок од еден ден да донесе ревидиран роковник, тоа е должност и тука нема место за арбитрерно толкување, па изборите без никаков проблем да бидат организирани и да се одржат во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба, ако се исполнети здравствените услови“, потенцира Новаковски.

ДУИ: Треба да каже Комисијата за заразни болести

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју на ТВ „24“ рече дека ќе побара веднаш да се оди на избори, ако има олабавување на мерките за заштита од коронавирусот. Тој потенцира дека пред да биде привремено прекинат изборниот процес, голем дел од изборните дејствија веќе биле завршени.

„Затоа се обраќам и до претседателот на ДИК, може да бидеме со различни интереси, но мора да преовлада интересот на државата. И од ОДИХР имаме потврда дека се подготвени да испратат мисија. Дефинитивно она што треба да преовлада е интересот на државата, дали ќе ја ставиме во ризик и да влезе во уставни проблеми од кои нема решение или навистина ќе бидеме одговорни и ќе го прифатиме првиот можен рок, а тоа сметам дека е средината на јуни“, изјави Заев, додавајќи дека е доцна во јули да се оди на избори, затоа што треба да се гледа и здравствената состојба, но и економијата.

Nord-Mazedonien Präsidentschaftswahlen - Blerim Reka
Фотографија: DW/P. Stojanovski

И додека Заев е за избори во средината на јуни, Мицкоски за почетокот или средината на јули, од ДУИ се уште не посочуваат можен рок.

„Нашиот став е изборите да се одржат во момент кога граѓаните нема да бидат исплашени или со дилема дали да гласаат од која било причина поврзана со пандемијата“, велат од ДУИ за ДВ.

Запрашани за прогноза на тој рок, имајќи ја предвид актуелната состојба со Ковид-19, од ДУИ упатуваат на проценка на здравствените експерти: „Комисијата за заразни болести треба да каже кога се создадени условите граѓнаите без страв да ја изразат својата волја“.