1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деца како бомбаши-самоубијци

Витали Волков/сн11 јануари 2016

Во Авганистан и други средноазиски земји терористите не се колебаат ни да злоупотребуваат деца за самоубиствени напади. Тие киднапираат деца и потоа во терористички кампови ги подготвуваат за пат во смрт.

https://p.dw.com/p/1HXmy
Фотографија: AP

Европските медиуми често известуват дека т.н. „Исламска држава“ во Ирак и во Сирија во специјални центри обучува деца за самоубиствени напади. Меѓутоа, во Авганистан и во други средноазиски земји тоа е одамна пракса.

Најмногу такви логори има во деловите на Авганистан долж границата кон Пакистан. „Во Кундуз на северот на Авганистан не се обучуваат само возрасни, туку и деца од 6 до 8 години. Нив на пример ги обучуваат да поставуваат мини на патиштата, но и за самоубиствени напади. Обуката трае 1 до 6 години“, вели за ДВ Андреј Серенко од Центарот за модерни авганистански студии во Москва.

Цена за дете: 1.000 долари

Во еден талибански центар за обука во регионот Гармах, мула Кајум важи за познат „учител“ за идните деца-самоубијци. Најголем број од тие деца се киднапирани или ги продале родителите. Цената за едно дете се движи околу 1.000 долари. Во еден друг логор за обука во северната провинција Сарепул во близина на границата со Пакистан, тренерите за деца главно се Пакистанци. Овој камп за обука трае само три месеци. Центарот за модерни авганистански студии во тој логор, во ноември 2015. година изброја шест или седум деца.

„Децата се особено „успешни“ во самоубиствени напади бидејќи многу брзо ја стекнуваат довербата на идните жртви“, вели Наталија Каритонов од Центарот за анализа на кризни жаришта ЦСРЦ на Малта. Децата полесно поминуваат низ контроли и полесно се пробиваат до потенцијалните цели.

Afghanistan IS Kindersoldaten Ausbildung
Фотографија: picture alliance/dpa/G. Habibi

Децата се поефикасни отколку постарите атентатори, меѓутоа не можат да се користат кога се во прашање нападите со автомобили наполнети со експлозив. Поради тоа цената на малолетните атентатори во Авганистан и во Пакистан е пониска од онаа за постарите идни самоубијци.

„Децата за атентати се опремуваат со импровизирани експлозивни направи. Експлозивот често се активира со далечински управувач. Има случаи кога децата не знаат ни за што се работи, во каква улога се наоѓаат“, вели Каритонов за ДВ.

Каритонов поаѓа од тоа дека меѓу децата во камповите за обука се наоѓаат често деца на загинати борци. Некои од нив таму остануваат подолго и со оглед дека грижата за нив чини пари, често ги продаваат. Информации за ваквата пракса доаѓаат како од Авганистан, така и од Пакистан.

Исламска држава во Ирак и во Сирија

Андреј Серенко смета дека ИД во Сирија и во Ирак за самоубиствени атентати обучува жени и деца. Во центрите на ИД во Авганистан и во Пакистан се обучуваат само мажи. Во повеќе наврати имаше извештаи оти во тие центри на ИД има деца, но дека нивната улога е нејасна. Факт е дека ИД досега не користеше авганистански деца за самоубиствени напади- тоа го прават талибанците.

Серенко смета оти во Авганистан и во Пакистан обуката за самоубиствени напади- посебно на деца- е влијание од арапската Ал Каеда. Притоа треба да се земе предвид улогата на Узбекистан: „Треба да се обрне внимание на тоа дека симпатизерите на Исламското движење на Узбекистан (ИБУ) за време на престојот во Авганистан важеа за компететни во обуката за атентатори самоубици.“ Поради тоа некои од нив станаа дел од „Исламска држава“, вели Серенко за ДВ.