1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Детската порнографија е лесно достапна

3 мај 2011

Двегодишната студија на Институтот за криминологија на универзитетот Лајбниц од Хановер се обиде да ги разоткрие патиштата на детската порнографија на интернет во Германија.

https://p.dw.com/p/RLRP
Фотографија: AP

Иако не донесе конкретни бројки за извршителите и жртвите, студијата потврди дека интернетот нуди лесен пристап до ваквиот материјал.

Како за бројни криминални деликти, така и за детската порнографија што се пласира преку интернет, превентивата е најефикасен пат за нејзино спречување. Ова го потврди и истражувачкиот проект, во кој две години експертите од покраината Долна Саксонија се обидоа да ги детектираат патиштата на детската порнографија која доаѓа преку интернетот, и тоа со класифицирање на материјалот, преку интервјуа со експертите кои ја следат оваа проблематика од полицијата, законодавството и непристрасни психолози кои работеле со извршителите, но и со жртвите. Како што вели професор Бернд-Дитер Мајер, прв човек на Институтот за криминологија кој го спроведе проектот, во Германија постои илегален пазар за оваа дејност. Во истражувањето, меѓутоа, не е анализирано какви се цените и добивката, но е констатирано дека порнографските слики и филмови се лесно достапни и може брзо да ги копира секој што има вакви интереси.

Deutschland Verbrechen Kinderpornographie
Фотографија: AP

Многу непознаници

На скалата од 1 до 10 во однос на тежината на деликтот, се потврди дека во околу половината од материјалот полицијата делувала кога станувало збор за тешки случаи на детска порнографија, проследени со насилство, што е и законски казниво дело. Како што подвлекува професор Мајер, половината од порнографскиот материјал (филмови и фотографии) потекнувал од таканаречените „берзи на размена". Новите слики и филмови најпрво се распространуваат преку ваквите затворени групи на корисници. Експертите сметаа дека пристапот до овие мрежи е најпрво врз база на пријателство, но секако и преку плаќање.

Инаку, проектот од Долна Саксонија уште еднаш потврди дека за спречување на детската порнографија големо значење би имала соработката меѓу германските покраини, но и на меѓународно ниво. Зашто, де факто, покрај страницата каде ваквите филмови и фотографии целно може да се откријат и преземат, има многу непознаници за пазарот каде корисниците ги следат технолошките новитети и честопати го менуваат идентитетот.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска