041010 Wilders Prozessbeginn
4 октомври 2010Слики од 11 септември, од терористичките напади во Мадрид и Лондон и од убиството на холандскиот режисер Тео ван Гог. Сето тоа проследено со цитати од Коранот, во кои поради несоодветниот превод, се повикува на насилство против немуслиманите.
Згора на тоа, снимки од проповедници кои шират омраза, а во подлога тажна музика од Едвард Григ. „Фитна“, дваесетминутниот филм на Герт Вилдерс завршува со апел, испишан со бели букви на црна основа.
„Во 1945 година, во Европа беше победен националсоцијализмот. Во 1989 година, Европа го победи комунизмот. Сега мора да се победи исламската идеологија.“
Филмот „Фитна“ го донесе Вилдерс на обвинителната клупа. Но, тоа не беше се`. Меѓу другото и изјавите како оваа:
„Нашата култура, која се заснова на христијанството, еврејството и хуманизмот, е подобра отколку заостанатата исламска култура“, смета Герт Вилдерс.
Уште една изјава за која се товари Вилдерс е изнесена во интервју за весник. При отворањето на процесот против него, на почетокот на годинава, таа беше прочитана од државниот обвинител:
„Коранот, тоа е ’Мајн кампф’, религија која е насочена кон тоа да ги елиминира останатите, немуслиманите, односно ’неверните кучиња’“.
Жртва е слободата на мислењето
Затоа, во обвинителниот акт против него стои ширење на омраза против исламските верници. Освен тоа, Вилдерс се товари и за навреда на група граѓани, како и поттикнување на расна омраза против Мароканците и останатите народи, кои не потекнуваат од Запад. Меѓутоа, обвинетиот не се смета за виновен по ниту една точка. Нему му е најважно следното прашање:
„Дали моите изјави и споредби се точни? Ако нешто е точно, како може да е казниво?!“
На шефот на „Партијата за слобода“ му се заканува затворска казна од една година, доколку биде осуден. Меѓутоа, сосема извесно е дека Вилдерс ќе го искористи процесот против него за да се претстави себеси како жесток поборник за слобода на мислењето:
„Разочаран сум од тоа што морам да одговарам пред суд во исполитизиран процес за работи што ги реков околу исламот, а што ги мислат и милиони други луѓе во Холандија. Сето тоа оди на штета на слободата на мислењето. Тоа сега ќе биде жртвувано на олтарот на исламот, што е многу тажно“, смета Вилдерс.
Процесот почна денеска (04.10.), а предвидено е судот да заседава осум пати. Конечната пресуда треба да падне на 4. ноември. Дотогаш, власта треба да ја преземе и ново избраната холандска влада - која е упатена на поддршка од Герт Вилдерс.
Автор: Андреас Ројтерс / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска