1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денот потоа, или враќање во иднината

21 април 2020

Колку време ни треба да се вратиме на нормалното наше незадоволство да си бидеме и натаму меѓу најнесреќните народи на Европа, во очекување и надеж за убавата иднина. Има ли респираторни машини за тоа? Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3bD6N
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Само до пред еден месец мислевме дека сме на патот кон иднината. Сега очајно мечтаеме да се вратиме кај што бевме. Не ни беше толку лошо иако не бевме задоволни, што е многу човечки. Секогаш има од бетер побетер.

Пред неколку дена ми стаса од Куманово една порака за правилно степенување на трагедијата од коронавирусот: лошо, полошо.... го однесоа во Скопје. Знае ли некој колку време ни треба да се вратиме на нормалното наше незадоволство да си бидеме и натаму меѓу најнесреќните народи на Европа, во очекување и надеж за убавата иднина. Има ли респираторни машини за тоа?

На почетокот на пандемијата пишував ајде да се пазиме, па пак да се мразиме. Тажниот резултат е што сега повеќе се мразиме отколку што се пазиме и кога сме во изолација и живееме во страв и неизвесност. Несреќата овојпат не нѐ зближи како што е тоа вообичаено кога се големи страдањата. Можеби затоа што нас  не нѐ зближува ни среќата, или не можеме да ја препознаеме. Каква е тоа проклетија и анатема врз оваа кутра земја. Како да се вратиме во блиското минато кај што ја чекавме нестрпливо иднината.

 Кога нешто ќе изгубиш, дознаваш колку вреди

Поблиската и подалечна историја даваат одговори на прашањата кои верувам многумина си ги поставуваат деновиве кога откриваме колку била драгоцена слободата која не ја ни забележувавме. И колку многу го потценувавме и сѐ уште не изградивме правилен однос кон сопственото здравје за кое сега наеднаш од страв сме толку загрижени. Додека нешто не изгубиш не знаеш колку вреди.

Еве што вели не само историската закономерност, туку и личните сведоштва и искуства, како изгледа Денот потоа. По големите природни катастрофи, војни, пандемии, пожари, поплави,  револуции, диктатури и економски кризи, враќањето во нормален живот трае многу подолго, некогаш со децении. Земјотресот разорува и уништува за неколку секунди  сѐ што градел човекот со векови. Скопскиот земјотрес во 1963 година за десетина секунди однесе над 1000 жртви и го разурна градот. Истото се случува со поплавите и пожарите. Надојдените води носат сѐ пред себе за неколку минити, а пожарите прават пустош оставајќи згаришта за само неколку часа. Шумите растат сто години, а горат за еден час. Луѓето уште побрзо. За само една минута во Куманово неодамна изгореа шест луѓе од плинска боца.

Обновата по војните и страдањата, сиромаштијата и бедата траат подолго од еден човечки животен век. Потребни се жртвувања на повеќе генерации.  Се креваат револуции во два три дена, а потоа со години револуционерите  ги јадат своите деца.

Воздишки по цврста рака

Кај диктатурите и страховладите работите стојат само малку поинаку. Ако тие што ги урнале режимите знаат што да прават со слободата им треба два до трипати повеќе време отколку што траела заробената држава и  народ за  да го обноват и општеството и свеста кај луѓето, да сфатат колку е скапоцена  слободата и демократијата. Нема демократија само со курдисување на повеќепартиски парламент. Долги години траат воздишките по цврста рака. Брзо се заборава дека камшикот не удира само по туѓиот грб. Дури кога ќе удри по нивниот ја разбираат заблудата. Тогаш, обично е доцна.

Како е со пандемите кои не признаваат граници, богати и сиромашни? Одговорот е исто како со војните, вели историската наука. Човечките жртви брзо се забораваат. Тие им служат само на политичарите како потсетник и опомена во нивните пресметки за превласт. Тоа го прават  и за време на војната против  пандемијата,  а уште повеќе по неа во годините  на економската криза која е редовна последица на големите несреќи. 

Надминување на кризата по епидемиите е во строга зависност од капацитетите на државата и на граѓаните, од економските, образовните, културните,  човечките ресурси, од лидерството и мудроста на политичкие водачи, од пожртвуваноста и заедништвото, од солидарноста и хуманоста, од самодисциплината и силната желба да се обнови нормалниот живот за да продолжиме таму кај што застанавме. А, не застанавме на лошо место.

Преживеавме и полоши времиња

Големи се изгледите Македонија да продожи на својот пат кон европското семејство, колку и тоа во овој момент да изгледа далеку од нашиот приоритет, за да се спасиме од чумата на 21 век. Во ова време ни Европа не изгледа толку перспективно, но тоа е само привид. ЕУ сигурно многу побрзо од нас  ќе се врати на нормалата. Нејзините економски и човечки потенцијали  се огромни, колку и да се поголеми нивните загуби од нашите надоместливи се, освен човечките животи. Сега можеме само да жалиме што не станавме членка порано, полесно ќе ја пребродевме оваа криза. Тоа укажува и на нашите големи грешки.

Претходни колумни од авторот:

Еден петел секогаш чини колку две кокошки

Чувајте се од волшебници

Мала прослава за своја душа

Снег на цвет, вирус на човек

Повеќе генерации на Македонија поминале и низ поголеми страдања, премрежија  и кризи. И воени и природни катастрофи, режими, економски кризи и епидемии. Ако тргнеме од историјата само на 20 век, зад нас се три балкански војни, две на почетокот од минатиот век, една  од крајот на векот со распадот на Југославија. Преживеавме   и две светски војни во кои  животите ги загубија илјадници луѓе, само во Втората светска војна  25.000 луѓе од  милион граѓани ја платија слободата со својот живот. Беше разуранато и уништено и она малку што го имавме. Изградбата  на Македонија по Втората светска војна со сопствени сили и со помош на Југославија е  потфат забележан со светската историја. Рипнати се векови.

Видовме и преживеавме и режими и во Кралството Југославија и во првите децении на тврдиот комунизам, но и во демократијата и независноста во 11-те години од ерата на груевизмот.

Како ќе се одвива нашето враќање во иднинат?. Прво ќе мораме да се соочиме со фактот дека пандемијата не е надмината. Прашање е дали сме на половина пат. Подготовките треба да бидат добро обмислени по насоките на  Светската здравствена организација, по препораките на епидемилозите и по добрите и успешни урнеци во светот. Секој непромислен чекор може да го врати вирусот пожестоко, особено  кога се мисли преурането  дека е пребродена кризата. Такви се опомените на светските и домашни медицински експерти. Тоа мора да се почитува.

 Треба нешто повеќе од пари

За обновата на економијата која падна на колена само за месец дена и во многу побогатите земји треба нешто повеќе од пари. При сите досегашни воени и економски кризи и природни катастрофи во Македонија имаше една константа, која за жал сега ја нема. Тоа е заедништвото, солидарноста, ентузијазмот и вербата во успех. Тоа налага мораториум на сите кавги, омрази и партиски валкани натпревари и предизборни кампањи. Неопходен е договор на највисоко ниво меѓу политичките  лидери, здравствените, економските и научни авторитети од дома и од светот да се утврди единствениот приоритет за излез од здравствената и економската криза. Да се отстрани привидот дека негде има многу пари, а некој не сака да ги даде. Планот за излез од кризата како и во многу земји во слични ситуации треба да биде прифатен од сите и спроведуван без попречување. Совладувањето на епидемијата, заздравување на економијата и преговорите со ЕУ не смеат да бидат предмет на политичка пресметка ако се прифати Договорот. Тука има работа за сите, за повеќе влади, парламентарни состави, институции на системот и генерации на граѓани.

Ќе речете, со право, прилично утопистичко гледање, тоа кај нас не е можно. Така е,  но има еден начин на кој тоа е сепак остварливо. Ако нема политичка волја тоа да се направи, верувам дека е можен силен  притисок на граѓаните кои веќе ги препознаа приоритетите. Голема обврска за таа работа е и на медиумите. Од тоа најмногу се плашат политичарите. Кога тие страхуваат од јавноста тоа е добар предзнак.