Денот на жената како повод: Иницијатива 1000 жени да добијат одеднаш Нобелова награда за мир, зашто жените се фактичките носители на мирот
9 март 2004Швајцарската иницијатива "Илјада жени за Нобелова награда" се залагаво 2005-та година 1000 жени во еден потег да добијат Нобелова награда за мир. Во наредната година, имено, се навршува точно еден век откако Берта фон Зутнер го доби високото признание како прва од жените, па по тој повод иницијативата сака да номинира за наградата илјада жени одцелиот свет и со тоа да покаже што прават за мирот жените ширум светот. Иницијатор на проектот е Рут Габи Фермот-Манголд, пратеник во швајцарскиот парламент и претседател на Швајцарското друштво за загрозени народи. "Член сум на Советот на Европа и како претставник на Комисијата за миграции бев во различни земји во кои владеат војни, кризи, каде луѓето се во бекство. Насекаде постојано гледав жени кои работат за мирот: градат, бараат храна, внимаваат децата да одат на училиште, тие се тука кога луѓето се болни и имаат потреба од лекови, кои воопшто никаде ги нема.Тое се мајките на војниците од Русија, кои излегуваат на улица и велат -не сакаме повеќе да ги пуштаме нашите синови во војна, сакаме да останат овде; всушност сакаме мир. Тоа го доживеав во Босна и Херцеговина меѓу Босанките и Србинките, кои се среќаваат, си ја раскажуваат историјата на војната, своите страдања, слушаат што кажуваат другите; насекаде среќавав жени кои ја правеа таа работа" - вели Рут Габи Фермот-Манголд. Со текот на времето во неа растеше идејата дека всушност повеќе жени ја заслужија Нобеловата награда, отколку само 11, колку што беа наградени за сиве овие години откако од 1901-ва се доделува високото признание.
"Постојано ме лутеше кога ќе видев дека Нобеловата награда за мир повторно му е доделена на некој државник, па повторно на државник и повторно на државник, и си велев - тоа не е в ред, тоа е неправедно, тоа не ени вистина, ниту одраз на реалноста. Жените остваруваат многу повеќеработа за мирот, подолготрајна и поразновидна мировна работа; тие се фактичките носители на мирот. Што значи сето тоа, ако тие не се ни спомнувани, ако нивното дело не стане видливо" - се прашуваше Фермонт-Манголд.
Токму тоа - да се обелодени мировната работа на жените преку илјада примери од светот, со надеж дека вниманието на јавноста ќе ја засили нивната позиција, е целта што си ја поставија луѓето кои заедно со Фермонт-Манголд го основаа здружението "Илјада жени за Нобелова награда за мир". Тие развија систем кој обезбедува меѓу предложените да биде застапена најмалку една жена од секоја земја на светот, а посебно се земаат предвид кризните подрачја и регионите со голем број на население. 18 координаторки, меѓу нив и од Балканот - и самите мировни активистки - треба да помогнат да се најдат соодветни кандидатки. "Не сакаме корумпирани или жени кои оствариле мировна активност само за сосем кусо време. Ние сакаме жени кои се навистина достојни за Нобеловата награда" -вели Рут Габи Фермот-Манголд.
Се бараат жени од сите општествени слоеви кои се анагжираат за иднина без насилство. Притоа се поаѓа од пошироко сфаќање на поимот мир. "Во овој проект мирот не значи едноставно само да нема војна. Во една земја може да нема војна, но има доволно храна за луѓето, доволно вода запиење, има можности за образование, еднаквост меѓу половите, еднаквост и покрај религиозните разлики. Во оваа смисла секоја жена која се обидува да работи во овие области, е жена за мирот" - објаснува Камла Басин, координаторка за индискиот потконтинент. "Сигурноста на луѓето е клуч за мирот; кој придонесува за животот да биде посигурен, придонесува и за мирот" - гласи дефиницијата за кампањата за Нобеловата награда. "Доколку ја добиеме наградата, од паричните средства ќе востановиме фонд и натамошно ќе собираме пари, за да можат тие илјада жени и нивните организации да понудат проекти што ќе бидат финансирани. Не сакаме едноставно да ги поделиме парите, туку со нив да можеме да работиме на долг рок" - вели Фермот-Манголд. Во меѓувреме повеќе универзитети веќе најавија заинтересираност во научни проекти да ги истражуваат различните стратегии со кои жените воразни култури ненасилно ги решаваат конфиктите.