1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Денот кога Вермахтот го почна касапењето на Исток

Сабине Фабер
22 јуни 2011

На 22. јуни 1941 година милионските трупи на Вермахтот го почнаа походот кон Источна Европа. Со тоа почна една од најбруталните војни во поновата историја, заснована на ништо повеќе од обична пропаганда на нацистите.

https://p.dw.com/p/11gQ2
Einmarsch Wehrmacht Sowjetunion 2. Weltkrieg
Фотографија: akg-images/picture alliance

Национал-социјалистичкото раководство на Германија почнало со подготовката на војната со Советскиот сојуз уште во 1933 година. Осум години подоцна условите за напад беа исполнети. Врховниот командант на Вермахтот преку радио објави дека во одбрана од големата опаснот од Истокот, германскиот Вермахт на 22. јуни во 3 часот наутро го спречил големиот марш на непријателските сили. „Германското воено воздухопловство ја почна офанзивата против советскиот непријател рано в зори“, се велеше во соопштението.

Foto aus der Ausstellung 1941 - Der tiefe Schnitt
Во акцијата учествуваа и Италија, Финска и РоманијаФотографија: Deutsch-Russisches Museum Berlin

Почетокот на војната беше заснован на лага: не се работеше за одбрана, туку за противправен напад врз целосно неподготвена земја и луѓе, почеток на војна за уништување со брутално окупирање и егзодус. Две години претходно, СССР и Германија потпишаа договор за ненапаѓање и тој технички се` уште важеше. Без оглед на тоа, на 22. јуни 1941 година, три милиони војници беа испратени на исток, со целата опрема што ја имаше германската војска: тенкови, авиони, оружје. За тогашниот Советски сојуз борбата за преживување почна преку ноќ. Легендата дека Хитлер, всушност, го надитрил Сталин, чија Црвена армија исто така подготвувала напад против Германија, долго време се одржа во живот. Меѓутоа, научно тоа се` уште не е потврдено, вели историчарот Волфганг Вете.

„Целта беше да се окупира Советскиот сојуз, населението да десеткува, земјата да се експлоатира - за во иднина да се претвори во германска колонија. Целта беше да се формира голем германски рајх, од Атлантикот, до Урал“, нагласува Вете.

Светот е без зборови

Геноцидот врз Евреите од Источна Европа, масовните убиства на воените заробеници и цивили беа свесно искалкулирани. Воената елита не пружаше никаков отпор. Германското население, пак, и покрај пропагандната машинерија, реагираше вознемирено. Стравувањето дека ситуацијата ќе ескалира веќе беше проширено. Но, во тие моменти никој не претпоставуваше дека ќе има милиони жртви на германска страна. Заедно со германските војници, во акцијата беа вклучени и сојузниците Италија, Финска и Романија. Светот беше шокиран. Во Велика Британија, премиерот Винстон Черчил му се обрати на населението:

1941 Wehrmacht in der Sowjetunion
Голем број жртви на германска страна, уште поголем на рускаФотографија: picture-alliance/akg-images

„Хитлер е монструм, ненаситен во неговата алчност да ја стави цела Европа под своја контрола и да го тероризира населението. Сега продолжува со касапењето и уништувањето по територијата на Русија.“

Балтичките држави, Белорусија и Украина беа едноставно прегазени. Хитлер и неговите генерали сметаа дека брзо ќе го пробијат патот, дека војната кратко ќе трае. Но, се излажаа. Само неколку месеци по нападот, германските сили во Москва се соочија со најсилниот сојузник на Советскиот сојуз - лутата зима. Тоа беше почетокот на конечниот пораз во 1945 година. Три милиони германски војници не се вратија во татковината. Историчарот Волфрам Вете нагласува:

„Во Русија имаше десетпати поголем број жртви. Од нив, десет милиони беа војници. Три милиони беа воени заробеници, а три милиони беа Евреи, кои Германците систематски ги убиваа. Дополнителни шест милиони цивили станаа жртви на германската уништувачка политика.“

Промени во мислењето

Со години германската одговорност за ужасната војна на истокот од Европа не беше тема во јавните расправи. Секоја земја се занимаваше со сопствените рани. Освен тоа, во живот се одржа легендата дека Вермахтот е „чист“, одговорноста за злосторствата му се префрлаше на нацистичкото раководство. Меѓу германското население не постоеше големо сочувство кон огромниот број жртви на руска страна. Дури подоцна, кога критички настроени историчари почнаа повеќе да се занимаваат со тој аспект од германската историја, а уметниците организираа разни изложби, јавноста почна поинаку да размислува. 

Автор: Корнелија Рабиц/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска