Сѐ помалку демократија во светот
23 февруари 2022Автократии како Русија и Кина од една, демократии како САД или Германија од друга страна. Дали тоа е конфликтот на нашето време? „Се работи за тешка борба“, рече канцеларот Олаф Шолц опишувајќи ја глобалната политичка клима за време на својата посета на Вашингтон на 7 февруари.
Во интервјуто за Си-Ен-Ен, Шолц беше оптимист: тој е апсолутно сигурен дека на крајот ќе победи демократијата. Бидејќи, тоа не е само западна идеја, туку нешто што е длабоко вкоренето во луѓето. „Апсолутно сум сигурен оти луѓето ширум светот го ценат нашиот начин на живот кој е обележан со демократија, владеење на правото, слобода на поединецот и со пазарна економија“.
Ограничување на слободата, укината поделбата на власта
Меѓутоа, демократијата денес и натаму е далеку од тоа да биде доминантен облик на живот отколку што беше за време на изминатите години. Првпат од 2004 година таканаречениот индекс на транформација на геманската фондација Бертелсман (БТИ) бележи повеќе автократски, отколку демократски држави. Од 137 земји во развој и транзиција, само 67 сѐ уште се демократии. Бројот на автократии се зголеми на 70.
„Ова е најлош резултат на политичка трансформација кој некогаш сме го измериле во текот на 15 години од нашата работа“, вели Хауке Хартман, шеф на проектот БТИ во Фондацијата Бертелсман. Во глобален просек има помалку слободни и чесни избори, помалку слобода на мислење и собирање, а поделбата на власта е сѐ повеќе загрозена.
На пример во Тунис, земјата која долго се сметаше за последен светилник на надеж за демократските движења на „Арапската пролет“. Тука претседателот Каис Сајед владее со декрети откако го распушти парламентот во јули 2021 година и суспендираше делови од уставот. Неодамна го распушти и Врховниот судски совет којшто требаше да гарантира независност на правосудството во земјата.
И тоа е само еден од многуте примери кои Хартман ги наведува во интервјуто за ДВ. „Турција најмногу назадуваше во последните 10 години под претседателот Ердоган, кој своевремено важеше за надеж за напредок“, вели тој. „Поделбата на власта и учеството на граѓаните во обликувањето на политиката се толку ограничени, што пред 2 години моравме Турција да ја класифицираме како автократија. За жал, таа оценка во меѓувреме не се промени“.
Политички и економски елити како главен двигател на автократиите
Загрижувачки е тоа што многу, претходно добро етаблирани демократии се лизнаа во категоријата „дефектни демократии“. Пример за тоа е етнонационалистичкиот курс на премиерот Нарендра Моди во Индија, или десничаско авторитарни влади на претседателите Жаиро Болсонаро во Бразил и Родриго Дутерте на Филипините.
„Тоа се демократии кои пред 10 години ги квалификувавме како консолидирачки, како стабилни, а кои сега имаат големи недостатоци во своите политички процеси. Во Европа примери за тоа се Полска и Унгарија - во нив се подриваат начелата на ЕУ за владеење на законите.“
Како најважен актер за засилување на автократските системи и ерозии на демократските норми Харман ги гледа политичките и економските елити кои сакаат да го заштитат својот клиентелистички и корумпиран систем.
Повеќе: Македонската „несовршена“ демократија и политичка (не)култура
„Во поголемиот дел од 137-те земји кои ги испитавме имавме работа со политички систем кој се базира на псевдоучество на граѓаните и економски систем кој го нарушува пазарниот натпревар и спречува нивна економска и општествена партиципација.“
Тоа особено често може да се види во централна Америка, каде политиката често е проткаена со мафијашки структури, како и во субсахарска Африка, каде поединци осигуруваат политички синектури и ја искористуваат слабата институционализација на политичките процеси.
Бран на популисти
На оние кои им се заканува сиромаштија, глад и социјална исклученост, а не гледаат напредок низ демократските процеси, често се заслепени со популистички алтернативи. И тоа не само во земјите во развој, туку и во одамна воспоставените демократии како САД, кои БТИ не ги зема предвид.
Тој не ги истражува ситуациите во земјите кои биле членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) пред 1989 година и затоа секогаш се сметале за демократски и пазарно консолидирани.
„Со оглед на изборот и трајната популарност на Доналд Трамп, како и неодговорното однесување на англиската елита, могумина прилично се разочарани со силата на нашите сопствени демократии“, вели Хартман.
Со маргинализација на одделни популациски групи, тој како проблем ги гледа и изборите на кои за победник се одлучува со едноставно мнозинство на гласови. Тоа често доведува до двопартиски политички систем. „Тоа ми изгледа како причина за поларизација, која веројатно најдобро можеме да ја видиме во САД“.
Репресија во сенка на пандемијата
Пандемијата на коронавирусот донесе и дополнителни ограничувања на политичките и на граѓанските права во многу земји. Во повеќето случаи, тие мерки беа умерени, временски ограничени и, што се однесува до демократиите, парламентарно легитимирани, вели Хартман.
„Но, гледаме исклучоци во популистичките режими со авторитарни особини како Филипините или Унгарија, или во автократиите како Азербејџан, Камбоџа или Венецуела. Тие земји ја искористија пандемијата како изговор за зголемување на репресијата.“ Во развиените автократии како Кина, опсегот на дигиталниот надзор значително се зголеми.
И покрај светскиот тренд кон повеќе автократија, Хартман сè уште верува дека повеќето луѓе копнеат по слобода и по можност за соучество и оти нема да има пад на граѓанскиот ангажман на глобално ниво.
„Тоа може да се види во храбрите протести за слободни избори во Белорусија, во солидарноста на граѓанското општество во Либан, во борбата против воените власти во Судан или на примерот на протестот против пучот во Мјанмар. Овие луѓе не одат само на демонстрации, туку ги ризикуваат своите животи за подобро општество“. Тие се херои - последниот и најцвстиот бастион во глобалната борба против автократијата, убеден е Хаук Хартман, раководител на проектот БТИ.