Деликатна мисија: Обама во Јапонија
23 април 2014Американскиот претседател Барак Обама од денеска (23 април) ја започнува тридневната официјална посета на Јапонија. Двете страни се согласни дека таа е од суштинско значење за безбедноста и просперитетот на регионот. Зборувајќи на конференција во Токио на 17 април, една недела пред посетата на Обама на Јапонија, премиерот Шинзо Абе рече дека тонот на претстојниот состанок бил договорен на нуклеарниот самит во Хаг на крајот од март.
„Ние имаме намера да ги надминеме нашите разлики и заедно да изградиме цврст економски поредок за Азија и Пацификот во 21-от век“, рече јапонскиот премиер.
Основа за развој
„Ние сакаме да создадеме стабилна основа за развој. Мое цврсто убедување е дека ние мораме да создадеме таква основа“, додаде јапонскиот премиер во тоа обраќање.
Разговорите за Трговскиот договор за транспацифичко партнерство не одеа мазно, бидејќи како проблематични се покажаа земјоделството и автомобилскиот сектор. Вашингтон го повикува Токио да ги намали тарифите за увоз на телешко месо, како и да ги олабави мерките на заштита за млечните производи, оризот и свинското месо. Јапонија, од друга страна, сака САД да ги намалат давачките наметнати за увоз на автомобили и камиони, иако моќното автомобилско лоби во САД се противи на ваквото барање.
Многумина сметаат дека посетата на претседателот Обама е предобра можност за да се пропушти и дека би можела да коинцидира со пробив во дебатата, што на двете страни би им овозможило да покажат дека надминале некои од разликите, па дури и да потпишат договор.
Еден договор што ќе биде потпишан за време на посетата е за програма за образовна размена, со која за двојно ќе се зголеми бројката на Јапонци кои студираат на американски универзитети. Таа во моментов изнесува 20.000. Со договорот треба да се зголеми и бројката на американски студенти на јапонските универзитети и таа треба да се зголеми до 12.000.
Да се пронајде влијание
Освен трговијата, тема која ќе доминира во разговорите ќе биде и регионалната безбедност, смета Го Ито, професор по меѓународни односи на токискиот Универзитет „Меиџи“. Тој за Дојче веле додава дека посетата на Обама „е многу значајна, бидејќи расте чувството дека во последните години САД повеќе не се светскиот полицаец и дека во одредени делови од светот би можеле да бидат предизвикани“.
„Токму тоа го прави Кина во регионот Азија-Пацифик и значајно е што претседателот Обама има јасни позиции во однос на Кина и Северна Кореја. Јапонија очекува јасна изјава на поддршка за нејзините територијани интереси и сигурност на границата, нешто со што би се обновила посветеноста на Вашингтон во однос на Јапонија“, додава професорот Го Ито.
А, претседателот Обама како да ќе оптегне геополитичко јаже за време на неговото осумдневно патување во регионот. По Јапонија тој ќе ја посети Јужна Кореја, која е заглавена во спирала на взаемни критики со Јапонија за територијата и заедничката историја, што го вклучува и периодот од првите децении на минатиот век кога жените биле принудени да даваат сексуални услуги на јапонската војска, но и тоа како историјата се учи денес во јапонските училишта. Се очекува дека претседателот Обама ќе ги намали тензиите меѓу Јапонија и Кужна Кореја, бидејќи овие две земји се најважните сојузници на Вашингтон во регионот.
Американскиот претседател на ова патување нема да ја посети Кина, која има исто така непријателски однос кон Јапонија и која одбива да се откаже од претензиите врз суверенитетот на ненаселените острови Сенкаку, кои во Кина се нарекуваат Диаоју и се наоѓаат во западно-јапонската префектура Окинава.