1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче. Нема потреба од рестриктивни мерки

ДТЗ
5 јули 2021

„Ги гледаме и оние земји каде што наши граѓани заминуваат на летни одмори. Има некое лесно зголемување на бројката на позитивни во Грција, но не е алармантно“, вели Филипче. 

https://p.dw.com/p/3w2RJ
Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Комисијата за заразни болести, која утрово имаше состанок на кој се разгледуваше епидемиолошката состојба со коронавирусот во С. Македонија и опасноста од новиот Делта-сој, не препорача нови рестриктивни мерки. Оценката на надлежните е дека во моментов ситуацијата е под контрола, но будно ќе се следи и ќе се реагира доколку има потреба. 

Ваквата информација ја потврди изутринава и министерот за здравство Венко Филипче. „Сметам дека ако во летото ситуацијата продолжи да биде ваква, не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки“, изјави Филипче во „Утрински брифинг“. Министерот смета дека нема потреба за рестрикции на граничните премини и за ограничување на прославите.

„Тука зборувам и за влез-излез на границите и во рамките на тоа што е препорачано во делот на организација на настани, собири и.т.н. Будно ја следиме ситуацијата, бидејќи има земји каде што индискиот сој, како поагресивен во однос на претходните, побрзо се шири и. еве. тие земји воведоа некоја рестрикција. Ако треба ќе интервенираме“, вели Филипче.

Bildergalerie über die Varianten des neuen Coronavirus
Фотографија: Christian Ohde/imago images

Според надлежните, повеќе денови по ред нема притисок во амбулантите. „Ја следиме ситуацијата и во околните земји. Во целокупниот овој период епидемиолошките криви, без разлика на тоа која земја какви рестриктивни мерки имаше, беа прилично слични. И во таа смисла, насекаде е мирно во регионот, и во Србија и во Албанија. Ги гледаме и оние земји каде што наши граѓани заминуваат на летни одмори. Има некое лесно зголемување на бројката на позитивни во Грција, но сметам дека тоа не е алармантно“, изјави Филипче. 

Повеќе:

Со вакцини против Делта сојот: Пристигнуваат донации од повеќе земји, се чекаат „Модерна“ и „Спутник“

Индискиот сој ги врати стравувањата од нов есенски бран на Ковид-19

Германски експерт: Делта сојот е позаразен, но смртноста е помала

Во меѓувреме Делта сојот, како позаразна варијанта на коронавирусот, зема замав во светот, а сѐ поголем број случаи се регистрираат и во соседните земји, особено во Грција.

„Прашање на време е кога индискиот Делта-вирус ќе се прелее кај нас“, изјави деновиве епидемиологот Драган Даниловски. Според него, за да се намали ризикот за брз продор преку границата, добро е да има бариера, а една од нив е ПСР-тестови на сите што влегуваат, особено на крај на летото.