Девет нешта во Германија кои на странците им се чудни
Она што на Германците им е целосно нормално, на некои странци им претставува културен шок. Претставуваме неколку типични примери на однесување и навики, кои во други земји не се баш вообичаени.
Гласно чистење на носот
Не само кога се сами дома, туку и во јавност или дури и во ресторани Германците го чистат носот- како воопшто да не им е гајле кога тоа го прават гласно и притоа, бескрајно долго. Во многу други земји тоа е апсолутно непристојно и потполно незамисливо.
Синхронизирани филмови и слатки пуканки
Освен во малобројни кина, филмовите се исклучиво со германски превод, наместо во оригинал, со титлови. Исто така, наместо солени постојат слатки пуканки. И не треба да се исплашите кога по рекламите повторно ќе се запали светлото и ќе се појави продавач на сладолед. Таа навика е уште од времето кога мораа да се менуваат филмските ленти.
Црковен данок
Воведен е уште во 1875 година, а од 1950 година директно од платата го одбива даночната управа. Осум до девет отсто од данокот на приход или добивка оди за црквата. Оној кој сака да го избегне тоа мора да излезе од црквата. Незамисливо за многу странци.
Претплата за радио и телевизија за сите
И оној кој не гледа телевизија и не слуша радио, мора месечно да плаќа претплата за радио и телевизија. Таа се наплаќа по домаќинство, без оглед дали таму има еден или повеќе уреди. Од плаќањето на претплатата можат да бидат ослободени само граѓаните со минимални примања.
Во недела е сѐ затворено
Под притисок на црквата и синдикатите, во недела и за празници сите продавници мора да бидат затворени. Тој ден треба да му биде посветен на семејството и слободното време. Само пекарите се отворени претпладне, бидејќи слободен ден без лепчиња, сепак, не може да се замисли.
Туш без ѕидна шипка
Само во модерните бањи тушевите се закачени на шипка или на плафон. Но честопати, рачката од тушот мора да се држи в раце. Германците не сакаат долго туширање. Уверени се дека тоа е расфрлање со вода и дека не е здраво за кожата.
Благ ручек
Во повеќето земји за ручек дома, во кантините или во рестораните се сервираат обилни солени оброци. Десертот доаѓа на крај. Но во Германија за ручек се сервираат и пржени рендани компири со пире од јаболка, царски омлет или благи кнедли. Тоа особено го сакаат децата!
Турканици во супермаркетите
Оној кој во супермаркет ќе дојде на идеја да плаќа со ситни пари, мора да има силни нерви. Редот зад него може да стане доста долг и нетрпелив. Лути погледи и дофрлувања како „Ајде веќе платете!“. Од касиер(к)ите не треба да се очекува помош, и ним им се брза исто толку како и на други купувачи.
Пената останува
Плакнењето на садовите не се прави со одвртена славина, туку водата се запира. Испраните садови заедно со пената се ставаат на сушење. Германците така сакаат да штедат вода, што за странците е едноставно нехигиенски.