1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебели балкански лаги

25 мај 2019

Лагите во политиката се балканска спортска дисциплина. Така и Груевски раскажува разговор со Херман ван Ромпуј од 2015 година како „шеф“ на ЕУ, а тој беше претседател на Европскиот совет до есента 2014.

https://p.dw.com/p/3J40o
Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Некогаш има нешто неподносливо во грешките, невнимателните сеќавања и поврзувањето на настаните. За Балканот тоа е како спортска дисциплина во политиката. Еве два примери.

Откако беше потпишан Преспанскиот договор и заврши сѐ што следеше по него, почнаа да се појавуваат повеќе детали од преговорите меѓу Македонија и Грција последниве десетина години. Тие детали не се важни само за историчарите, туку и за политичките научници кои истражуваат како се однесуваат одредени политичари во специфични настани. А, се разбира, и за новинарите и аналитичарите. Грчкиот премиер Алексис Ципрас неодамна во интервју за лондонскиот „Фајненшел тајмс“ соопшти дека тој се обидувал да иницира договор за името уште кога Никола Груевски беше премиер, но дека тој одбивал каква било средба.

„Груевски беше човек кој никогаш не сакаше да преговара. Се сеќавам дека отидов во Берлин. Се сретнав со канцеларката Меркел. Долго време дискутиравме за економската криза, долгот, дефицитите, меморандумите и слично. Решивме да зборуваме и за надворешна политика, а јас ѝ реков: ‘Сакам да го решам овој проблем, дури и со Груевски. Ќе се обидам да го предизвикам со тоа што ќе го седнам на маса. Ако тој не сака да седне на маса, ќе биде обвинет дека не сака решение’“, објаснува Ципрас.

Дали Груевски не сакал да седне маса? Можеби да! Но причините се поинакви од она што сега сака да го претставува Ципрас. Речиси истовремено кога Ципрас победи на изборите во Грција, во Скопје почнаа да одекнуваат опозициските „бомби“, власта беше растресена. Во мај се случи драмата во кумановската Дива населба која се закануваше целосно да ја дестабилизира Македонија; потоа следуваа пржинските преговори со кои беше одреден датумот на заминувањето на Груевски. Кој вистински би преговарал во такви околности? И дали воопшто би имал мандат за такви чекори? Веројатно на Груевски тоа му била и последната грижа во операцијата за спас не само на политичката кожа.

Антидатиран разговор

Но Груевски како боцнат со остен не сака некој да му го нарушува херојството за името и веднаш испраќа депеша од Будимпешта за да ги побие Ципрасовите „лаги“. Откако соопштува дека Ципрас никогаш не предложил разговори за името кои тој ги одбил и дека имал само еден телефонски куртоазен разговор со грчкиот премиер кога тој ја презеде власта, а потоа не се случувало ништо, Груевски ламентира над тешката економска криза во Грција, објаснувајќи дека тоа било главната причина зошто немало преговори, а дека во Македонија започнал проектот за негова смена за да се промени името. Но Груевски, за да му даде тежина на овој одговор, споменува еден разговор од 2015, кој никако не можел да се случи таа година. Еве што вели тој:

„Кога истата година на една средба со претседателот на Европскиот совет, Ван Ромпуј, во Брисел замолив за поголем ангажман од Унијата и него лично да се изврши притисок врз Грција да го реши спорот со нас и да нѐ деблокира за нашите стратешки интеграции, по молчење и размислување од неколку секунди мошне искрено ми одговори отприлика вака: ‘Доколку некој висок политичар во светот, во овој период ви вети дека ќе се заложи за ова ваше барање, знајте дека не е искрен со вас. Затоа што наш клучен приоритет е како да се стабилизира финасиската криза во Грција и да почнат да си ги враќаат долговите кон нас. И доколку има најмал простор за притисок во овој период, верувајте дека ќе биде искористен во правец на мерките за финасиска стабилизација, а не за ова прашање. Вие имате два избора: или да ги прифатите сите грчки услови и барања и така да излезете од проблемот или да почекате’“.

Matthew Nimetz Besprechung
Метју Нимиц и Никола Груевски, 2012 годинаФотографија: MIA

Може овој разговор навистина се случил, но никако не можел да биде во 2015 година, кога Ципрас беше грчки премиер. Белгиецот Херман ван Ромпуј беше претседател на Европскиот совет од 1 декември 2009 до 30 ноември 2014 година. Во годината за која што зборува Груевски претседател на Европскиот совет беше (и сѐ уште е) Доналд Туск. Можеби Груевски сака да антидатира некои средби. Можеби мисли на разговорот што тој и Ромпуј навистина го имаа во декември 2013 година, но тоа беше времето на Андонис Самарас, а не Алексис Ципрас. Вакво промашување на настаните за цели две години, кои не беа така одамна, или е намерно смислена лага за да може да поентира во депешата од Будимпешта или овие „дани доколице“ во унгарскиот главен град го отапеле неговиот политички рефлекс. Што и да е, ова е типична дебела балканска лага.

Други колумни од авторот:

Црвени и други потерници за бегалецот

Што да се прави со победата?

Британска метла... а и естонска

Груевски во оваа реакција пишува дека „пред доаѓањето на Ципрас на должноста премиер, водев интензивни разговори со Папандреу со кого имавме 10 лични средби по ова прашање, но за жал поради познатите грчки позиции или црвени линии како што тие ги нарекуваа, не дојдовме до решение, кое подоцна би го предложиле на граѓаните на референдум“. Грчки премиер пред Ципрас беше Андонис Самарас безмалку три години и тоа е доба на најголемиот мраз во односите меѓу двете земји. Можеби Груевски не сака да се сеќава на тоа студенило.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Но околу тие „интензивни разговори“, посредникот на ОН, Метју Нимиц, во многу интересното интервју за Дојче веле од четвртокот дава поинаква експликација. Нимиц вели дека грчкиот премиер Јоргос Папандреу „имаше интерес да го реши проблемот“ и ги споменува неговите средби со Груевски ама дава поинаква оценка: „Тоа не беа интензивни преговарачки сесии, што ме разочара. Тоа беа само куси состаноци“. Во една реченица ја брише целата фама (што постоеше едно време) дека Груевски и Папандреу нешто сериозно разговарале, ама се немало доволна политичка храброст за чекор понатаму. Изгледа дека тоа била само добра миротворна претстава одиграна од двете страни, за која однапред се знаело дека ќе нема крај. Нимиц ја дава една од најпрецизните оценки за Груевски во преговорите за името: „Тој не беше подготвен на компромис доволен за да се постигне договор. Беше флексибилен, но неговата флексибилност беше лимитирана. А и политиката во земјата беше таква што тој со оваа тема добиваше на избори“.

На таа лимитирана флексибилност Груевски со депешите од Будимпешта сака да ѝ прикачи ореол на херојство. Но деталите излегуваат од длабочината на сенките и мозаикот на вистината добива појасни контури.

Софиска приказна

Вториот пример е поврзан со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Европските избори в недела, како и за сите во Европа така и за него, се многу важни. Опозициските социјалисти имаат повеќе шанси да победат, а Борисов уште пред неколку недели најави дека во случај на пораз нема да поднесе оставка. Минатата недела, еден ден откако му посла црвен тепих во Софија на кандидатот на Европската народна партија за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер, се најде во вителот на еден скандал. Елена Јончева, новинар кој е на чело на листата на социјалистите за Европскиот парламент, објави дека Борисов кога бил градоначалник на Софија помогнал неговиот братучед Радослав Иванов да добие земјиште, а уште го обвини премиерот дека поседувал луксузна куќа во Барселона.

Boiko Borisov, Bulgariens Premier
Бојко Борисов: обвинувања на туѓа сметкаФотографија: BGNES

Борисов заедно со европската комесарка Марија Габриел веднаш во едно надреално телевизиско гостување ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека бил во лоши односи со неговите братучеди, објаснувајќи дека со некои не зборувал по неколку децении, а со други само си мавнувале со рака. И дека куќата во Барселона била имот на еден од бугарските фармацевтски босови. Но Елена Дончева тргна по лагите и објави нови информации со скенирани документи во кои се покажуваат бизнис зделките. А уште повеќе, објави и фотографии на кои се гледа дека Борисов и неговиот братучед Иванов уште се многу блиски.

Работите не се добри за Борисов пред изборите и тој минатата недела се обиде да ја обвини еврокомесарката за правда Вера Јоурова дека само поради припадноста кон политичката група на либералите била пристрасна при одлуката да се продолжи мониторингот на Бугарија за владеењето на правото. Јоурова веднаш реагираше објаснувајќи дека тоа е одлука на целата Комисија и дека до крајот на мандатот на извршното тело наесен е невозможно таа да се промени. Едноставно, затоа што Бугарија не направила значаен чекор напред. А тоа беа лоши вести пред гласањето в недела – дека Борисов не успеал да го отстрани мониторингот. А за тоа наједноставно е да се обвини еврокомесар за пристрасност. Ако помине – добро, ако не, брз обид да се санира штетата. Ако може да се санира.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар