Дебакл на Американците во Авганистан
16 август 2021Не постои добро решение за авганистанската дилема која американскиот претседател Џо Бајден ја наследи од своите претходници. Доналд Трамп во еден од своите последни потези на власт најави повлекување на сите американски единици од Авганистан. А неговиот претходник, Барак Обама, ја пропушти можноста за подготовка на повлекувањето со валидниот аргумент дека со смртта на Осама бин Ладен, инвазијата во суштина стана беспредметна.
Џо Бајден се наоѓа под огромен внатрешнополитички притисок за конечно да ја оконча таа војна. Мнозинството Американци не сакаат ризикување човечки животи и издвојувања нови милијарди долари за Авганистан, земја во која најголем дел од населението не ги слави американските војници и нивните сојузници како ослободители, туку се бори против нив како против окупатори.
А на Бајден му се итно потребни успеси. И додека многу американски претседатели почнуваа војни за да победат на избори, овој претседател мора да заврши една војна за на изборите следната година да не го загуби повторно своето тесно мнозинство во обата дома од американскиот Конгрес.
Западните цивили во голема опасност
Сето тоа треба да се земе предвид во актуелната ситуација. Но, сложеноста не треба да биде оправдување за драмата и хуманитарната катастрофа која моментно се одвива во Авганистан. Без заштита не се оставени само илјадници Авганистанци со семејствата кои во изминатите децении работеа за западните војници.
Се чини како воениот сојуз да не е во состојба да ги прибере на сигурно ниту сопствените цивили. Како е можно персоналот од амбасадите, соработниците на невладини организации и други групи да не се префрлени со авиони од Авганистан пред војската да напушти големи делови од земјата и така да го ослободи патот за победничкиот поход на талибанците?
Како е можно до само пред неколку дена т.н. експерти од Белата куќа да тврдат дека Кабул нема толку брзо да падне? Сега во главниот авганистански град владее целосна паника, зашто авганистанската војска, се разбира, веднаш ја променила страната.
-повеќе:
Доста со лицемерието во Авганистан!
Фотографија на денот: Талибанците го зазедоа Кабул
Од страв од надмоќта на талибанците, но и затоа што не се исплаќа да се борат за владата, на чело со претседателот Ашраф Гани, која е тешко да биде надмината по корупција. Што зборува тоа за квалитетот на тајните служби и познавањето на земјата? И колку, со оглед на тоа, вредат зборовите на Џо Бајден, кој до неодамна наголемо изјавуваше дека Авганистан не претставува веќе терористичка закана и може да биде препуштен сам на себе?
Помагачите оставени на цедило
Војната во Авганистан започна како реакција на нападите врз САД од 11 септември 2001 година. Џо Бајден, со тешко сфатлива логика, најави дека на 20-годишнината од нападите, повлекувањето ќе биде завршено. Веројатно се надеваше дека конечно ќе заврши едно неславно поглавје на американските воени инвазии и тој на спомен-локацијата во Њујорк ќе прогласи победа во борбата против меѓународниот тероризам.
Во изминатите 20 години немаше победа. Но, истовремено е прокоцкан многу кредибилитет. И тоа токму кај оние кои со својата спремност да работат за западниот сојуз, на коцка ги ставија не само своите, туку и животите на своите семејства. И кои сега така срамно се оставени на цедило. Тоа се однесува на сите нас. И мора сите нас да нѐ засрами.