1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојна вакцинација, двојна заштита

ЖА / Тагесшау
7 октомври 2021

Германија есенва би можела да се соочи со двоен бран на инфекции предизвикани од коронавирус и грип, што би довело до преоптоварување на болниците. Поради тоа се апелира граѓаните да се вакцинираат во што поголем број.

https://p.dw.com/p/41NIe
Berlin | Grippe | Impfung
Фотографија: Omer Messinger/ZUMA Wire/imago images

Германскиот министер за здравство Јенс Шан ги повика Германците да се вакцинираат против грип. „Порачани се повеќе од доволно вакцини, на располагање се 27 милиони дози“, изјави министерот. Во претходната сезона на грип биле употребени 22 милиони дози, значително повеќе отколку во годината претходно. „Би сакале повторно да ја достигнеме оваа квота“, изјави Шпан, за на тој начин да се спречат страдања и смрт. 

Поголем ризик од грип

Со оглед што минатата година поради локдаунот речиси воопшто немаше грип, оваа година ризикот од него е многу поголем, истакна Шпан. Оној кој уште не се вакцинирал против коронавирус, сега може да го комбинира тоа со вакцина против грип. „Двојната вакцинација води до сигурна заштита“, рече министерот, а на тој начин се спречува преоптоварувањето на здравствениот систем во текот на есента и зимата.

Deutschland | Weitere Entwicklung in der Corona-Pandemie
Министерот за здравство Јенс Шпан и шефот на Институтот Роберт Кох, Лотар ВилерФотографија: Wolfgang Kumm/dpa/picture alliance

Дупло преоптоварување на здравствениот систем

Според шефот на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер, не може да се предвиди како ќе се одвива инфекцијата со грип, но се очекува пораст на бројот на заразени со Ковид-19. Двете заболувања се посебно ризични за постарата популација и хроничните болни. Тој предупреди од дупло преоптоварување на здравствениот систем – важно е да се спречи да мора паралелно да се лечат заболени од двете болести: „Ако истовремено дојде до голем број заразени со коронавирус и со грип, болниците ќе се најдат под масивен притисок." 

Тоа би било опасно за други пациенти, на кои исто така им се потребни болнички кревети, потенцираше Вилер, нагласувајќи дека ваквото сценарио може да се избегне со вакцинирање, носење маски, држење истанца и користење на апликација за предупредување од коронавирус.

Вакцинација против грип им се препорачува посебно на постари од 60 години и на хронично болни лица, како и на бремени жени и вработени во сите професии каде се во контакт со ризични групи. Но, и сите други во консултација со матичен лекар можат да се вакцинираат, истакна Вилер. Вакцинирање против коронавирус им се препорачува на сите постари од 12 години.