Двете лица на Лука Модриќ
25 септември 2018Без тетоважи, без гел во косата и со прилично затворен приватен живот; Лука Модриќ делува како фудбалер од некои минати времиња. 172-сантиметри високиот капитен на хрватската репрезентација е срамежлив, а прес-конференциите и интервјуата не му се омилени. Тешко му е да зборува за себеси. Но на теренот, тој е главен.
„Војната, животот во бегалски камп ме зацврстија“, рече тој во една прилика раскажувајќи за своето детство во времето на Хрватската војна за независност. Во секој случај го зацврстија доволно за да ја издржи конкуренцијата во Реал Мадрид. „Ел Пони“, како што го нарекуваат соиграчите, го носи дресот со број 10 во Реал- знак на почит за неговите постигнувања. Модриќ е борец и техничар кој знае да дели 30-метарски додавања со надворешниот дел од копачката.
Најдобриот хрватски фудбалер на сите времиња
Последната е само врвот во серијата награди кои ги освои 33-годишниот фудбалер. Откако ја предводеше Хрватска до финалето на Светското првенство во Русија, каде неговиот тим загуби од Франција, Модриќ ја освои Златната топка. Пред само неколку недели беше прогласен и за најдобар европски фудбалер.
„Лука не само што е најдобар фудбалер во моментов, тој е најдобар хрватски фудбалер на сите времиња“, изјави неговиот репрезентативен колега Иван Ракитиќ за време на турнирот во Русија. Модриќ играше толку добро на турнирот што делуваше како да заборавил на бурата која се случуваше во неговата земја поради неговото наводно лажно сведочење на судењето на Зоран и Здравко Мамиќ. Тоа е другата страна на Лука Модриќ.
За време на сведочењето на почетокот на годинава, Модриќ беше прашан за неговиот трансфер од Динамо Загреб во Тотенхем во 2008 година. Тој прво рече дека се согласил на договор според кој тогашниот директор на Динамо, Здравко Мамиќ требало лично да добие дел од сумата. Но подоцна, Модриќ го демантираше тоа, тврдејќи дека не може да се сети на деталите од трансферот. Доколку биде осуден за лажно сведочење, Модриќ може да биде осуден до 6 години затвор.
Капитенот на националната селекција е обожуван од многумина во Хрватска, но неговиот настап во судот го чинеше дел од таа поддршка. Многу навивачи беа разочарани, не можеа да го сфатат неговото однесување во случајот Мамиќ, но и неговите врски со „Кумот“ на хрватскиот фудбал.
Спортот и националниот идентитет
Од една страна, нормално е да се очекува од врвните спортисти да бидат пример за другите, вели Дарио Брентин од Центарот за југоисточноевропски студии на Универзитетот во Грац. Но од друга...
„Модриќ не се смета за некој кој е господар на ситуацијата, туку повеќе за мал дел во корумпираната и непотистичка фудбалска машинерија на Мамиќ. Поради тоа, неговите грешки во најголем дел ќе бидат заборавени“.
Поради тоа, постои одредена јавна амбивалентност кон Модриќ, иако еуфоријата и гордоста од успесите на националниот тим на Светското првенство се далеку посилни. Долго време, спортистите беа сметани за најдобри амбасадори на Хрватска. Политичарите знаат како да го употребат тоа во нивна корист и да си ја присвојат славата на „Огнените“.
„Спортот има клучна улога во идентитетот на нацијата“, вели Брентин.
Новинарите кои ги истражуваат скандалите и критички известуваат за улогата на оние кои го претставуваат националниот спорт честопати се напаѓани како „предавници“. Како Александер Холига од онлајн порталот Телеспорт.
„Со оглед на тоа што репрезентативците не го претставуваат само хрватскиот спорт, туку целата земја, поддршката за Огнените се смета за врвна патриотска должност“.
Крај на една ера
Со прогласувањето на Модриќ за најдобар светски фудбалер прогласен е и крај на една ера, откако за првпат по една деценија, ни Кристијано Роналдо ниту Лионел Меси не ја освоија наградата. Според Холига, Модриќ не само што испиша хрватска спортска историја, туку неговата награда го испраќа и вистинскиот сигнал во светски рамки, без оглед на скандалот со Мамиќ.
„Играчите како Модриќ се антитеза на модерниот фудбал. Во време кога индивидуалната брилијантност и ѕвездите се глорифицирани. Ние денес зборуваме за херои. Модриќ не е фалбаџија, тој е пред сѐ тимски играч, срце на тимот, неговиот мотор. Тој ги поврзува поединечните делови во една целина и ги прави подобри“, вели Холига.