Двајца уапсени за убиството на германските полицајци
31 јануари 2022Две лица на возраст од 32 и 38 години се приведени од германската полиција во градот Зулцбах, како осомничени за убиството на двајца германски полицајци кое се случи утрово.
Според полициските информации, 38-годишникот е осомничен затоа што на местото на убиството биле пронајдени негови лични документи. Се работи за трговец со дивеч кој од претходно и бил познат на
полицијата откако избегал од место на несреќа, а притоа имал и дозвола за оружје.
Истрагата за случајот кој ја потресе Германија продолжува и натаму.
Во понеделникот рано утрото, двајца полицајци биле во рутинска патрола во близина на малото место Кузел. Пред да бидат убиени тие повикале засилување со зборовите „тие пукаат“. Претходно полицајците откриле убиено диво животно во возило. Но кога пристигнале нивните колеги, веќе било предоцна за полицајците кои биле на возраст од 29 и 24 години. Помладата полицајка се уште била на обука.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер изрази огорченост од убиствата.
„Без оглед на мотивот зад злосторството, овој акт наликува на егзекуција, и покажува дека полицајците секојдневно ги ризикуваат своите животи за нашата безбедност“.
Според досегашните сознанија, еден од полицајците најверојатно го употребил своето оружје во престрелката, но нема информации дали погодил некој од напаѓачите. Двајцата полицајци носеле заштитни елеци, но полицијата одбива да ги коментира информациите дека наводно тие биле егзекутирани во главите.