Промена во Данска: Победа на социјалдемократите
6 јуни 2019Најдобри резултати на парламентарните избори во Данска постигнаа социјалдемократите. Партијата на Мете Фредериксен освои 25,9% од гласовите. Либералната партија на досегашниот премиер Ларс Локе Расмусен на свое конто има 23,4% од гласовите.
Големи губитници на овие избори се десните популисти, односно Данската народна партија. Таа од 21,2% гласови освоени во 2015 година, сега падна на само 8,7% од гласовите.
Со ваквите резултати т.н. црвен блок предводен од социјалдемократите има 91 од вкупно 179 места во парламентот во Копенхаген. Граѓанско-либералниот син блок има 75 места.
„Ова е историски голема победа“, изјави веројатната идна премиерка на Данска, Мете Фредериксен пред своите приврзаници во Копенхаген. Според нејзе, резултатот покажува дека Данците посакуваат нова влада и нова политичка ориентација. Обраќајќи им се на младите, Фредериксен рече: „Вие овие избори ги претворивте во први клима-избори во историјата на Данска.“
Доколку биде избрана за премиерка, Фредериксен би била втора жена на чело на владата по Хеле Торнинг-Шмит, а со со своите 41 година би била досега најмлад премиер.
За Данците, по европските избори, ова беше второ изјаснување во рок од само 10 дена. Но, и покрај тоа, одзивот беше висок - 84,5%.