1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Данок за џамиите: Добро, исправно, неопходно

27 декември 2018

Кога министерот за внатрешни работи зборува за „ислам во Германија“, со право се поставува прашањето за данок за џамиите. Но, тоа е дел од покерот околу идниот правен статус на ваквиот ислам, оценува Кристоф Штрак.

https://p.dw.com/p/3Agee
Deutschland Türkischer Präsident Erdogan in Köln
Фотографија: DW/G. Acer

Да се размислува за данок за џамиите е добар чекор во вистинска насока. Зашто, оној кој се жали поради влијанието од странство врз германските џамиски заедници, мора да се грижи за финансиската самостојност на џамиите и на нивните заедници во Германија. Кога доаѓаат пари од Турција, можеби и од Саудиска Арабија, тоа значи и право на глас или барања од Анкара или Ријад. А, тоа за еден германски ислам, или еден во Германија интегриран ислам е - пречка.

Deutsche Welle Strack Christoph Portrait
Кристоф ШтракФотографија: DW/B. Geilert

Ќе успее или не? Интеграцијата на муслиманите во Германија е постојана тема. Над 12 години Германија прави обиди за промени преку Германската исламска конференција. На почетокот на четвртата рунда на Конференцијата, германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер како домаќин изненадувачки јасно побара „ислам за Германија, ислам на Германците“. И додаде: „Се разбира дека муслиманите ги имаат истите права и истите обврски како секој друг во Германија.“

Уставно прашање

Воведувањето данок за џамиите не би претставувало излегување на државата пресрет на верската заедница. Тоа би било последица од правилата на религиозното уставно право, онака како што се определени со Уставот. Тоа во суштина значи признавање на една верска заедница како јавно-правна корпорација. Големите цркви во Германија одамна го имаат овој правен статус. Него може да го добијат и други верски заедници, доколку тие ги исполнуваат неопходните услови. Така, на пример, еврејските заедници во Германија, Јеховините сведоци или различни слободни цркви се признати како корпорации и на тој начин се и третирани од страна на покраините. Тие смеат, доколку сакаат, да воведат данок за своите членови. И, за одреден износ тоа може да ѝ го остапат на државата - таа може да го собира тој данок за нив.

Значи, станува збор за давање и земање, речиси за покер помеѓу различни интереси. Примерот на данокот за џамии тоа многу јасно го покажува. Законот од религиите очекува - врз основа на нивното членство и темели - да им бидат верни на законите и отпорни на надворешни влијанија. Во замена тие добиваат олеснувања, како и можност за воведување данок. Тука е видлив интересот на државата од религиозни или световни здружувања, кои ги зближуваат граѓаните и им нудат чувство на припадност на свој начин, но кои исто така му служат и на општеството.

Муслиманските заедници во Германија, тоа Зехофер го стави јасно до знаење, мора да се организираат така да бидат во согласност со религиозното уставно право. А, дел од тоа е и откачувањето од странските донатори (или барем од странскиот персонал, кој не зборува дури ни германски).

Интеграција и влијание од надвор

Секој гласен настап на турскиот претседател Ердоган во некоја германска џамија, секој нов извештај за шпионажа од страна на турскиот исламски сојуз ДИТИБ, секоја изјава на некој имам на поминување која е спротивна на Уставот, ќе го зголемува притисокот врз џамиските здруженија. Зашто, интеграцијата на муслиманите во Германија не значи дека мора да се прифаќа политичко влијание однадвор.

Затоа оваа дебата сега е исправна, неопходна и итна. Може да се спори околу конкретното име или да се дебатира за спроведувањето. Може да се размислува за културен данок според италијански урнек, но во таков случај мора да се знае дека со оглед на политичката состојба во Германија нема да се дојде до заклучок.

Ако неодамна започнатата Исламска конференција доведе до џамиски данок за корпорацијата „ислам во Германија“, тоа бил сензационален успех и - итно неопходен чекор.