1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француското вето го проблематизира Преспанскиот договор?

БГ
22 октомври 2019

Согласно Преспанскиот договор, блокадата на Скопје во ЕУ ќе значи и запирање во целосната имплементација на одредени членови од договорот. Дали ерга омнес не важи без ЕУ перспектива?

https://p.dw.com/p/3RjHt
Nord-Mazedonien Umbenennung Autobahnschilder
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Без почеток на пристапните преговори со ЕУ, Северна Македонија не е обврзана да го спроведе докрај Преспанскиот договор, односно точката од договорот која предвидува употреба на новото име „ерга омнес“, тврди поранешниот грчки вицепремиер и уставен експерт Евангелос Венизелос. Неговиот став денеска експресно предизвика внимание во двете земји и се анализира во грчкиот печат.

Изјавата на Венизелос, всушност, пред пошироката јавност во двете земји го става сознанието дека имплементацијата на Преспанскиот договор, во некои делови, е директно врзана и со напредокот на Северна Македонија кон ЕУ.

Имено, се работи за Членот 1, став 10 од Договорот, со кој употребата на новото име дома- во некои официјални документи и материјали; треба да се финализира во рок од пет години, но паралелно со отворањето нови поглавја во преговорите со ЕУ.

Одложување на ерга омнес?

Прашањето сега е дали француското вето на самитот на ЕУ, практично значи дека Северна Македонија нема обврска да го имплементира тој дел од договорот, со оглед на тоа што наскоро нема да отвори ниту преговори со Унијата?

И второ, на што точно се однесува Членот 1, став 10 од договорот?

Според толкувањето на Венизелос, Членот 1, став 10 од Договорот предвидува транзициски период за користење на новото име во внатрешните документи кои ги издава Северна Македонија кој пак зависи од отворањето на пристапните преговори со ЕУ. Оттука, заклучи Венизелос, „неуспехот да се отворат пристапни преговори ќе значи одложување во интерното користење на новото сложено име“.
„Односно, одложување во користењето на името ерга омнес“, тврди Венизелос, а пренесува атинскиот весник Катимерини.

Македонски експерт кој учествуваше во изработката на Преспанскиот договор, кој инсистира на анонимност, за Дојче веле објаснува дека имплементацијата на тој член од Договорот не го загрозува принципот на „ерга омнес“. Експертот ги отфрла тврдењата на Венизелос, иако потврдува дека тоа може да доведе до мало одложување во преименувањето на некои документи и материјали кои се користат само за внатрешна употреба. Како пример тој наведува разни општински и локални документи како и судски одлуки кои се исклучиво за домашна употреба.

Грчките медиуми предупредуваат дека Скопје и натаму ќе мора да се нарекува Северна Македонија во странство, но не и дома. Македонскиот експерт го отфрла и тоа тврдење, објаснувајќи дека новото име е веќе влезено во Уставот и се употребува и во сите официјални документи на државата и на општините.
Во продолжение, еве го во целост ставот 10 од првиот член на Преспанскиот договор, кој предизвикува забуна во јавноста:

10. Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите на Втората страна (Северна Македонија, н.з.), Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“:

а) „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.

б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. “