1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали талибанците можат да направат камбек?

Масуд Саифулах / Александар Методијев26 април 2014

Експертите веруваат дека само мал број Авганистанци ја поддржуваат талибанската идеологија. Ако бунтовничката група сака вистински да се интегрира во општеството, таа треба да ја промени политиката.

https://p.dw.com/p/1BkLV
Фотографија: ARIF KARIMI/AFP/Getty Images

Џавед Рахими беше ученик во средно училиште кога талибанците владееја со 90 проценти од Авганистан. Тој беше жртва на психичко насилство од страна на исламистите.

„Бев тепан три или четири пати на ден, само затоа што имав долга коса и затоа што брадата ми беше многу кратка“, вели 32-годишниот жител на западната провинција Гор.

И покрај се’, Рахими верува дека на талибаанците треба да им се даде шанса, ако се откажат од насилството, го прифатат авганистанскиот устав, ги гарантираат правата на жените и се претстават себеси како поумерена исламистичка крупа.

Кејт Кларк, експертка за Авганистан, верува дека талибанците на многу начини се полоша борбена сила во опозиција, отколку што биле кога биле на власт.

Afghanistan Taliban
Талибанците контролираа најголем дел од Авганистан од 1995 до 2001 годинаФотографија: AP

„Тие беа организирана, во голем дел дисциплинирана сила, иако понекогаш прибегнуваа кон извршување на сериозни воени злосторства. Во опозиција, тие таргетираат и убиваат цивили секој ден и веруваат дека имаат право да го прават тоа“, вели Кларк, членка на „Авганистанската мрежа на аналитичари“, истражувачка група со седиште во Кабул.

Поткопана поддршка

Насилството, според универзитетската професорка и активистка за права на жените Хумариа Хаќмал, е причина зошто меѓу Авганистанците има се’ повеќе омраза кон талибанците.

По падот на владата во 1992 година, која беше поддржана од Советскиот сојуз, Авганистан се соочи со граѓанска војна. Се верува дека војници на авганистанските муџахедини убивале мажи и жени поради нивната етничка припадност, силувале жени и уништувале домови, присилувајќи милиони луѓе да ја напуштат својата земја.

Потоа талибанското движење се трансвормираше во политичко-религиозна група, водена од едноокиот Мула Мохамед Омар. Групата владееше со повеќе од 90 проценти од земјата една деценија, пред да биде нападната од НАТО со поддршка на специјалните сили на САД, откако талибанците одбија да го предадат Осама бин Ладен, лидерот на Ал Каеда, кој беше мозокот на нападите од 11 септември.

Талибанците и денес продолжуваат со заканите. Тие ги отфрлија претседателските избори и јасно гласно се заканија. Многумина веруваат дека овие избори дојдоа прерано. Еден од нив е Вакил Ахмад Мутаваки, поранешен министер во владеењето на талибанците, кој рече дека изборите беа „ненормални и ненавремени“. Според него, пред одржување на изборите Авганистан требал да спроведе мировни разговори, да внесе амандмани во уставот и да се ослободи од странските сили пред одржување на изборите.

Се верува дека и натаму има одредена поддршка за талибанците меѓу мал број на Авганистанци. Кларк смета дека групата во претходната деценија доби поддршка и поради „лошото однесување на странските сили“. Таа смета дека сега недостасува ваквата поддршка и дека „мнозинството од авганистанските луѓе не се заинтересирани за талибанците да се вратат во владата“.

„Сметам дека Авганистан се менува година за година и дека се менува во насоки кои прават се’ повеќе и повеќе да биде неверојатно талибанците да се вратат на власт“, додава Кларк.

Flash-Galerie Afghanistan 10 Jahre Intervention Tora Bora
НАТО со помош на САД ја нападна талибанската владаФотографија: picture-alliance/dpa

Вистинско време за мир

Од падот на талибанскиот режим авганистанската влада постојано ја повикува групата да го предаде оружјето и да се приклучи кон авганистанскиот мировен процес. Претседателот Хамид Карзаи беше критикуван за неговата мека позиција во однос на талибанците и поради обраќањето кон членовите на милитантната група со зборот „браќа“.

Сега на бунтовничката група останува дали таа ќе преговара или нема да преговара за мир во земјата.

„На хартија, ова би било добро време талибанците да ги отворат преговорите. Но, тие можат и да ги држат кренати главите и да велат: 'Странските трупи заминуваат оваа година и ние ги победивме нив’“, смета Кларк.

Талибанскиот режим беше соборен од страна на инвазијата предводена од САД во 2001 година. Групата, која е поддржана од Пакистан, контролираше најголем дел од Авганистан од 1995 до 2001 година и воведе многу стриктна верзија на исламот и Шеријатско право, со остри казни за неговите непочитувачи. За време на владеењето на исламистите на жените им беше забрането да одат на училиште, вообичаени беа јавните егзекуции, а сигурност во рајот беше „гарантиран“ за членовите на Ал Каеда.