Дали се ближи крајот на дизел моторите?
27 февруари 2017Дизел моторот беше бисер на германската инженерска умешност, иако борците за животната средина го посочуваа како главен загадувач. Технологијата „BlueMotion“ требаше да ја промени таа слика, затоа што дизел моторите со оваа технологија загадуваат помалку од бензинците. Но, излезе дека ова се заснова на жестока измама на Фолксваген. Таа измама речиси случајно ја откри Меѓународниот совет за чист транспорт (ИЦЦТ). ДВ разговараше со директорот на оваа организација за Европа.
ДВ: Господине Мок, дизел моторите повторно се мета на жестоки критики, што е делумна заслуга на вашата организација. Градот Штутгарт од следната година ќе го забрани користењето на автомобили со стари модели на дизел мотори. Имаат ли „дизелашите“ иднина?
Петер Мок: Мислам дека имаат. Сепак, во наредните години ќе доживеат удар во сегментот на патничките возила, особено кај помалите, затоа што кај тие возила дизелот денес многу помалку се исплати отколку порано. Тоа најмногу е поврзано со технологијата за пречистување на издувните гасови која е неопходна за дизелот да биде чист. Таа технологија е скапа и зазема простор во автомобилот, па затоа не е погодна за употреба во помалите автомобили. Но, кај поголемите автомобили и камиони уште многу години ќе имаме работа со дизел моторите.
Каква технологија и каква цена се потребни за чисти автомобили на дизел со кои и борците за заштита на животната средина би биле задоволни?
Најмногу зависи од типот на возилото. Кај поголемите возила веќе се користи т.н. СЦР-технологија. Со оваа технологија раствор на уреа се меша со дизелот и така се пречистуваат издувните гасови. Оваа технологија функционира многу добро – освен ако софтерот не е намерно подесен да се исклучи, што беше случај со Фолксваген. Кај таквите возила кои веќе се на пазарот е потребно малку за навистина да станат чисти, бидејќи неопходната технологија е веќе вградена. Моментално проблемот е во тоа што резерварите за тој раствор се премали. Така се проектирани, па затоа во возилата има премалку раствор на уреа. Причината за тоа не е заштеда на трошоци, туку конструкцијата на автомобилите. Кај малите е возила е поинаку, затоа што по правило тие не ја вградуваат оваа технологија. Затоа нејзиното вградување би било финансиски крупен потег. Не можам да наведам точна цена, но проценувам дека тоа чини од 500 до 1.000 евра.
Дали тоа значи дека дизел возилата стануваат поскапи и помалку конкурентни на пазарот?
Дизел моторите едноставно отсекогаш беа поскапи затоа што бараат подобар систем за пречистување на издувните гасови. Освен тоа, самото производство е поскапо, за разлика од бензинските мотори, затоа што мораат да бидат изработени постабилни. Значи веќе имаат финансиски недостаток во однос на бензинците, а сега ќе бидат уште поскапи. Бензинските мотори се движат во правец на хибриди – во комбинација со електричен погон – и со тоа имаат потенцијал да ја намалат емисијата на јаглероден диоксид, иако веќе произведуваат значително помалку издувни гасови од дизел моторите. Така што, ќе стигнеме до точката каде што дизелот веќе не може да стане поефикасен, потрошувачката не може и натаму да се намалува – тоа ќе биде ќорсокак за дизел моторите. Од друга страна, бензинците секогаш ќе имат простор за подобрување. Мислам дека се ближиме кон тој момент, кога нема да биде исплатливо да се произведуваат дизел мотори, особено за мали возила.
Каква улога може да имаат електричните погони во истиснување на дизел моторите?
Гледаме дека трошоците за батерии во последните години драстично се намалени, многу повеќе отколку што очекувавме пред неколку години. Се разбира дека тоа ќе влијае на дизелот. Како што батериите и воопшто електричните автомобили стануваат поевтини, во перспектива, за неколку години, ќе станат поефикасни од дизел моторите, а покрај тоа имаат и многу ниска емисија на штетни гасови. Во нашите студии предвидуваме дека до 2025 година електромобилите ќе чинат речиси исто како и моторите со внатрешно согорување. Тогаш станува економично возачите да се префрлат на електричен автомобил.
Што мислите, до кога ќе биде дозволено во Германија да се регистрираат автомобили со дизел мотори?
Мислам дека ќе потрае. Во некои сегменти на пазарот класичните мотори ќе опстојат уште многу години. Но, гледам дека нивниот удел на пазарот опаѓа. Моментално дизел моторите имаат пазарен удел од 50% на европскиот пазар. Различни студии предвидуваат дека уделот помеѓу 2020 и 2030 година драстично ќе опадне на десет-дваесет отсто. Скандалот со дизел моторите во Германија досега немаше голем ефект. Во другите земји е поинаку. Во Франција на пример, уделот на дизел моторите на пазарот опадна повеќе отколку во Германија. Тоа е така затоа што акцизите за дизел горивото во Франција се подигнати, па како погонско гориво, дизелот веќе ја нема предноста во цената која ја има овде (во Германија, н.з.). Властите во Париз најавија дека од одреден момент нема да дозволат влез на автомобили со дизел мотори во градот.
Гледам дека кај купувачите сѐ повеќе се чувствува несигурност, затоа што и тие се прашуваат дали во иднина ќе можат без проблем со дизел моторите да возат низ градските јадра. Ако овие гаранции веќе ги нема, ќе падне цената на половните автомобили на дизел, па ќе опадне рапидно и нивниот удел на пазарот. Затоа сметам дека е многу важно не само да се вградува чиста технологија во возилата на дизел, туку и да се развијат соодветни методи за тестирање и посилни институции кои ќе можат да гарантираат дека скандал со дизелот каков што откривме, веќе не може да се повтори.
Петер Мок од 2010 година е шеф на Меѓународниот совет за чист транспорт (ИЦЦТ) за Европа. Тој е доктор на науки по хемија кој има долгогодишно работно искуство во одделението за животна средина на концернот Дајмлер.