Дали роботите ќе ни ја земат работата?
1 ноември 2016Стравот од промени на работното место не е новина. На почетокот на 19. век загриженоста на англиските текстилни работници од влијанието на индустриската револуција кулминираше во целно уништување на машините. И британскиот економист Џон Мејнард Кејнис во 1930-те години предупредуваше од ширечка „технолошка невработеност“.
Во неговата книга „Крај на трудот“, американскиот еконимист и социолог Џереми Рифкин во 1995. година пишува дека порастот на продуктивноста на трудот од 1975 до 1995 година предизвикала исчезнување на бројни работни места во фабриките, без оглед што економијата во истиот период забележала растеж. Врз основа на вкупните светски економски податоци, Рифкинс предвиде во 2020 година во производството да работи само 2 процента од светското население.
Денес повторно се поттикнува страв, а виновникот овојпат е дигитализацијата, Индустрија 4.0, интернетот. „Дали роботите ќе го уништат германското економско чудо?“ праша неодамна германскиот весник „Билд“. Една американска студија од 2013. година тврди дека во САД 47 проценти од сите работни места се загрозени од техничкиот и технолошкиот пресврт. Пренесено врз Германија, експертите утврдиле бројка од 42 проценти.
Морничави информации
„Владее конкуренција во ширењето на што поморничави информации“, оценува Хилмар Шнајдер, директор на Институтот за истражување на иднината на трудот во Бон. Тој не се согласува со хорор-сценаријата според кои во Германија се загрозени до 60 проценти од сите работни места. „Се премолчува меѓутоа истовременото настанување нови работни места. Во основа, условите за работа и работата постојано се подобруваат. Зошто сега би било поинаку?“
И студија на Организацијата за економска соработка и развој, ОЕЦД, доаѓа до многу понеспектакуларни резултати. Анализа вршена во 21 земја од ОЕЦД покажува можност за автоматизација само на 9 проценти од работните места. Меѓутоа, постојат релативно големи разлики меѓу одделни држави. Австрија и Германија ја предводат листата со ризик од автоматизација од 12 проценти, а земји како Кореја, Естонија или Финска имаат наполу помал ризик.
До промени на полето на работата не води само дигитализацијата, во Германија улога играат и демографскиот развој и промената на потребите. Во публикациите владее неподелено мислење кои бранши ќе профитираат, а кои не: едноставните производни процеси ќе исчезнат исто како и рутинските канцелариски работи во банките, управата и осигурувањата.
Опстојуваат работните места со „хјуман тач“
Потребата за работна сила е најголема онаму каде до израз доаѓа креативноста, комуникацијата и интеракцијата: во истражувањата и развојот, образованието, маркетингот, медиумите и ИТ-браншата, здравството, негата на болни и немоќни, терапијата, туризмот, гастрономијата. Резиме: работата нема да исчезне, нема да ни побегне, само ќе се промени.
Покрај поимот Индустрија 4.0 зачестено се појавува и зборот „платформна економија“. Поединци нудат свои услуги во рамки на професионално организирани интернет-портали. Примерите како „Убер“ покажуваат дека на овој начин можат да бидат „протресени“ цели бранши. „Аирбнб“ преку ноќ стана најголем светски понудувач на сместување, без поседување еден единствен хотел. Сепак, овој гигант може да го преврти на глава целиот пазар на станови за изнајмување.
„Во тоа гледам и големи шанси“, вели Оливер Суши, раководител на проектот „Работното место на иднината“ при Управниот одбор на германскиот сојуз на синдикати.
„Кога ќе помислам на 'Убер', кој посредува околу возење односно транспорт на луѓе со такси, се прашувам зошто секое место или општина не би можеле само да основаат своја интернет-платформа и да направат понуди кои би им биле од полза на граѓаните. На овој план многу нешто се случува и постојат големи можности“, вели Суши за Дојче веле.
Рај со мани
Додека Суши во платформната економија гледа првенствено шанси, ваквиот развој кај многумина предизвикува загриженост. Според нив, постои опасност рајот на тоталната пазарна транспарентност да ги покаже и своите наличја, проследено со големи социјални аномалии. Станува збор за дампинг во платите, аутсорсинг, односно селење на производството, дерегулација, ерозија на колективните договори, за привидни самостојни претприемачи или приватници кои заработуваат помалку од минималната плата и не можат да одвојат ништо за стари денови. Во прашање е неможноста на синдикатите за делување во ваква атомизирана форма на економијата.
Оливер Суши не мисли така. „Прво, во Европа и во Германија владее голема дебата за потребата да се позанимаваме со механизмот на делување на таквите платформи. Таму преку платформите се нуди работа, но важат условите за работа само на една платформа. А наводно сите платформи имаат самостојна дејност. ЕУ и Германија ја препознаа потребата од создавање регулатива, законско уредување на таквите односи во општеството. Овде мора да се создадат добри услови за добра работа.“
Дали синдикатот ја потценува опасноста од „платформната економија“? Професорот Хилмар Шнајдер од Институтот за истражување на иднината на трудот во врска со ова разви плаузибилна теорија. Платформната економија не ги менува само производните процеси, туку ги превртува на глава и традиционалните пазарни врски меѓу производителите и консументите. „Во момент кога тоа се случува, се доведуваат во прашање застарените и надминати структури на организација на работата во фирмите или фабриките“, вели Шнајдер.
Старите синдикати извисуваат
„Работното време е силно поврзано со постоењето фирми. Правниците очајнички се обидуваат да го спасат трудовото право и да го пренесат во новиот свет на трудот. Тоа, според мое мислење, е осудено на пропаст“, дополнува Хилмар Шнајдер. Тој предвидува големи проблеми за синдикатите. „Тие веќе нема да бидат потребни или ќе мора комплетно да го променат својот профил, зашто ќе мора да се преобразат во организации кои ќе ги штитат правата на приватниците, односно на самостојните работници. Тоа е културен шок кој синдикатите допрва мора да го сварат.“
Оливер Суши од Германскиот сојуз не гледа толкава драматика во последиците од дигитализацијата. Според него, одлучувачко е луѓето кои сакаат успешно да ги совладаат промените во областа на трудот, да добијат таква шанса и тоа со преквалификации и дошколување. „Моментно имаме натамошно образование без систем. Веќе 20 години зборуваме за учењето кое трае цел животен век, но не правиме ништо конкретно на тоа. Сега мораме да ги искористиме техничките можности и да инвестираме на вистински начин“.