1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали муслиманската жена смее да носи шамија на работа во Германија?

Волфганг Дик / Александар Методијев26 септември 2014

Германскиот устав гарантира слободно изразување на религијата. Но, муслиманските жени често преку суд мораат да се бранат себеси кога сакаат да носат шамија на главата на работното место.

https://p.dw.com/p/1DL9L
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот сојузен суд за труд во средата (24.09.) пресуди дека црковните институции, доколку видат дека е неопходно, смеат да им забранат на муслиманските жени да носат хиџаб, односно шамија на главата, на нивното работно место. Пресудата не е прва која се однесува на шамиите кај муслиманките, и која е донесена од германските судови.

Правните спорови во германските судови за носењето шамија на главата започнаа пред повеќе од 15 години, кога муслиманка поднесе тужба во 1998 година. Таа сакаше да продолжи да ја носи муслиманската шамија додека работи како наставник во германската покраина Баден-Виртемберг. Ферешта Лудин, по потекло од Авганистан, стана германски државјанин во 1995 година и сакаше да извршува јавна служба. Но, министерот за култура на Баден-Виртемберг одби да и дозволи прием во училиштето како наставник, тврдејќи дека наставниците во Германија треба да останат неутрални во однос на учениците за прашања од религијата. Во секуларна држава, каква што е Германија, ова е еден од најсуштинските приоритети во јавната служба, нагласи министерот.

Со намера да донесат фер пресуда, судиите ги бараа правните основи на сите нивоа, па дури проверуваа дали Коранот предвидува задолжително носење на шамиите за муслиманските жени. Поддржувачите на таа теза како потврда за тоа го гледаат поглавјето од Коранот, наречено Сура 24. Следбениците на поразлични правни доктрини ја интерпретираат Сурата на друг начин.

Türkinnen im Deutschkurs
Забраната за носење шамија во приватниот сектор може да дојде доколку е дел од договорот за работаФотографија: picture-alliance/dpa

Потоа судиите проверуваа дали германскиот закон забранува носење шамии на глава од религиозно убедување. Таков документ не беше најден. Резултатот од тоа беше што германскиот Уставен суд ја отстрани забраната за прием во наставата. Покраината Баден-Виртемберг реагираше со носење нов Закон за образование, со кој им се забрани на муслиманските наставнички да носат шамии додека предаваат во државни училишта. Проблемот тогаш и сега е што сите покраини не ја следат оваа пракса. Во источна Германија министрите се воздржуваа да заземат страна, додека Северна Рајна Вестфалија, најнаселената германска покраина, усвои слична забрана за муслимански шамии.

Потоа се случи правно вртење за 180 степени. Административниот суд во Штутгарт во 2006 година повторно ја отстрани правната забрана за носење шамија, аргументирајќи дека религиозната еднаквост треба да се одржува и ако им се дозволува на христијанските калуѓерки да ги носат нивните религиозни шамии, тогаш исто така треба да биде прифатена и исламската шамија. Со тоа се создаде правен хаос, по што беше потребно да се прави проценка за секој случај поединечно.

Зошто продолжуваат контроверзиите?

Deutschland Thomas Brinkmann Rechtsanwalt
Томас БринкманФотографија: Günter Lintl

Томас Бринкман, адвокат кој е специјализиран за трудово и социјално право, вели дека тој и неговите колеги со години одблизу ги следат случаите и пресудите во однос на носењето шамии. Тој вели дека не забележал исламофобска тенденција од страна на германските судови, ниту пак несоодветни последици за муслиманите. Тој вели дека ниту еден закон не може одеднаш да стави крај на правните спорови, бидејќи слободата на вероисповед е гарантирано право во Германија. Адвокатот вели дека, на пример, муслиманска судијка не смее да носи марама на работното место, бидејќи покраината Берлин им забрани на сите државни службеници да носат каков било религиозен симбол. Во тие симболи спаѓа и христијанскиот крст, како и еврејската кипа. Бринкман вели дека со тоа се сака да се нагласи еднаквиот третман на сите религии во јавната сфера.

Според адвокатот, ситуацијата е покомплицирана во приватниот сектор. На работодавачите им е тешко да најдат причина за забрана на носењето шамија на работното место, доколку вработените се на позиции на кои не мораат да бидат во контакт со клиенти, кои би можеле да негодуваат поради религиозниот симбол. Забрана за носење шамија може да има доколку тоа е наведено во договорот за работа.

Според податоците објавени од Сојузната служба за миграции и бегалци во 2009 година, 25 проценти од муслиманските жени во Германија на возраст од 16 години па нагоре носат шамија. Околу 70 проценти никогаш не носеле шамија на главата.