Дали Макрон и Источна Европа ќе најдат заеднички јазик?
13 октомври 2018Францускиот претседател Емануел Макрон, исто како канцеларката Ангела Меркел, има многу проблеми на внатрешнополитички план. Можеби дури и повеќе отколку што во моментов може да реши. Меѓутоа, тоа не го спречува да биде особено активен на меѓународно и европско ниво во одбраната на мултилатерализмот и темелните вредности на Европската унија. Тоа се карактерни црти за пофалба во времиња кои се трубулентни за Европа - во политиката, но и во други сфери.
Макрон е среде офанзива на шарм, се обидува да добие поддршка за своите предлози за реформа на ЕУ. Притоа, од одлучувачко значење е препознавањето на пријателите и непријателите. И, тој разбира дека стратешките интереси имаат поголема тежина од шармот.
Источна Европа не е единствен блок
Франција има клучна улога во ЕУ и се залага за континуиран процес на интеграција. Тоа е нешто што Романија и други - кон Брисел пријателски настроени - држави можат да го поддржат. Сосема е поинаку со Унгарија и Полска. Во вакви услови е тешко на Источна Европа да се гледа како на единствен блок. Макрон сигурно има нов француски стил на раководење и во ЕУ внесе поголем елан. Тој подготвено оди на курс на конфронтација со противничката коалиција, која е предводена од Унгарија и Италија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан е регионален интелекутален водач, но за жал, не е и конструктивен актер за Макроновиот голем европски проект.
По прашањето на стилот на раководење во ЕУ, Макрон е веродостоен и релативно предвидлив во неговата смелост. Веќе има поднесено неколку интересни предлози. Реакциите на источните ЕУ-држави се различни. Германија де факто и натаму е еднакво омилен, колку и омразен лидер на ЕУ (во меѓувреме е тешко да се зборува за француско-германски мотор), додека Полска, која неодамна се искачи на ниво на развиен пазар, важи за предводник на источните земји Она што источните ЕУ-држави го бараат - од Париз, Берлин и/или Брисел - е подобра позиција на масата за преговори. Сеедно дали национализмот и патриотизмот се омилени на Запад или не, живееме во патриотски и националистички времиња. Самодовербата е силна во цела Централна и Источна Европа. Офанзивата на шарм може да функционира само ако тие бидат третирани со почит. Се разбира, истото тоа се бара и од нив.
Истовремено, Истокот очекува еден вид нов капиталистички социјален договор, врз чија основа владите од една страна ќе ги држат вратите отворени за глобализацијата и странските претпријатија, а од друга страна ќе обезбедат нивните граѓани да бидат заштитени, а не искористувани.
Повеќе од авторот: Моја Европа: Повратете си ја ЕУ- пред Бенон да ја приграби
Борба против САД не е потребна
Повеќето источноевропски држави имаат - или барем сакаат - добри односи со САД. Тоа значи дека при секој „ЕУ на прво место“-дискурс во Источна Европа би требало да се работи за еден вид (супра)национална консолидација на ЕУ, за стабилност, а не за борба против САД. Јасно е дека не сите ЕУ-држави од Истокот сакаат исто. Тоа важи дури и за Вишеградската група: Полска веројатно останува на страната на Унгарија, но Чешка и Словачка можеби и не сакаат толку многу да ги следат евроскептичните пораки од Варшава и Будимпешта. Односот кон темата миграција ги поврзува Вишеградските држави, но нивните предлози за решение би можеле да не ѝ се допаднат на Франција.
Земјите од Балтикот повеќе стремат кон силна Европа, во комбинација со силни трансатлантски врски. Тоа важи и за Романија и Хрватска, но за Бугарија и Словенија и не толку. Во дел од овие земји од помош се позитивните искуства од воведувањето на еврото. Независно од говорите на Акрополис - да, Макрон направи обид со многу стилски говор - од помош е доколку економијата на една земја не морала да преживува грчка трагедија.
Шармот не е доволен
Погледот врз Балтикот, како и врз централно- и источноверопските земји покажува дека Макрон таму би можел да најде сојузници за своите европски планови, но за таа цел му се неопходни пораки скроени по мерка и диференцирани стратегии за разговори со различните земји. Личниот шарм не е доволен. Живееме во прагматични, цинични и популистички времиња, во кои е тешко да му се верува некому кој во ЕУ верува потполно, дури и кога таков ќе се најде. Источна Европа е свесна дека сите седиме во ист брод, но сака да има право на глас при важните промени во ЕУ. Тука е предизвикот за која било реконструкција на блокот. Европските избори во мај 2019 година би можеле да внесат поголема јасност. Ако се набљудуваат дивергенциите меѓу Макрон и Орбан, се добива впечаток за тоа во кој правец оди ЕУ. Да се надеваме дека кога ќе бидат надминати актуелните проблеми, ќе има уште една шанса за напредок.
Раду Магдин е романски аналитичар и политички советник. Тој, меѓу другото, им бил совентик на романскиот премиер (2014-2015) и на молдавскиот премиер (2016-2017). Од 2007 до 2012 година работел во Брисел за Европскиот парламент, ЕурАктив и Гугл. Дел е од работната група „NATO Emerging Leaders“ на Атлантскиот совет на САД.