Дали Лампедуза е повик за будење на ЕУ?
5 октомври 2013Официјални претставници на ЕУ реагираа со разочарување за бројот на удавени бегалци во водите во близина на италијанскиот остров Лампедуза. Кратко по трагедијата, темата за справување со прашањето на бегалците на најдобар начин повторно се врати на дневен ред.
Се дебатира за две суштински прашања. Едното е тоа што секоја земја-членка на ЕУ има своја бегалска и азилантска политика. Не постои заеднички европски став за ова прашање. Второто е што земјите се обидуваат колку што можат повеќе да ги одвраќаат бегалците. Затоа, земјите кои најмногу се погодени со имиграција, како што се Италија и Грција, во голем дел се оставени сами да се справуваат со ова прашање.
Земјите-членки на ЕУ се согласни со постоечките политики, според кои бегалците мораат да поднесат барање за азил во првата земја од ЕУ на чија почва стапнале мигрантите. Од правна гледна точка, од другите земји-членки од ЕУ не се бара да покажат солидарност.
ЕУ да го подобри откривањето на бегалските бродови
Но, со ваквата политика не треба да се продолжи, барем според комесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром, која со години се залага за заедничка европска политика за бегалци. Бидејќи таа не постои, она што Малмстром може да го направи е „да се поттикнат земјите-членки да прифатат повеќе луѓе на кои им е потребна заштита“. Тоа еврокомесарката го порача во писмо испратено од Њујорк, каде во моментов е на состанок на ОН.
Нејзиниот портпарол Микеле Черконе рече дека „зад оваа трагедија и зад многу други трагедии се кријат криминалци и криминални мрежи, кои ги експлоатираат луѓето во очај“. Тој додаде дека трговијата со луѓе е криминал кој генерира големи профити за овие мрежи. „Затоа треба да ги засилиме напорите во борба со овие криминални мрежи“, додаде Черконе.
Тој оцени дека претстоечкиот систем за надгледување на границите - ЕУРОСУР, ќе помогне да се подобри ситуацијата. Од декември оваа година ќе биде полесно да се откријат дури и мали бротчиња со бегалци и да се спасат оние кои се превртени во морето. Критичарите веруваат дека фокусот нема да биде ставен на спасувањето, туку спречување на бродовите дури и да тргнат на пат кон Европа.
„Европа глуми вџашеност“
Гинтер Буркхард, директор на невладината организација ПроАзил, изјави дека реакцијата на еврокомесарката за внатрешни работи се граничи со циничност.
„Европа ги затвора своите граници. И потоа Европа глуми вџашеност кога ќе се појават последиците од долгиот процес за зацврстување на тврдината“, вели тој. Според ПроАзил, откако ЕУ ја запечати копнената граница со Турција, бегалците почнаа се’ повеќе да одат на опасно патување преку морето.
Корнелија Ернст, член на Европскиот парламент, вчера ја даде следнава изјава: „Европската бегалска политика се фокусира на криминализирање на мигрантите, на протерување и дискриминација. Владејачките класи во земјите-членки на ЕУ ништо не ги запира во одбраната на своето богатство од луѓето од другите земји“.
Комесарката за внатрешни работи инсистира дека нејзиниот фокус не е на држење на бегалците надвор од ЕУ. Нејзиниот портпарол Микеле Черконе нагласи во Брисел: „Треба да осигураме дека ќе отвориме повеќе правни начини за доаѓање во Европа“. Тоа секако ќе бара „многу прецизни и стриктни услови“. Черконе ги критикуваше владите во ЕУ за тоа што ја сметаат „имиграцијата главно како закана, како проблем“ и додаде дека на Европа, која старее, и’ требаат мигранти.
Но, не секој се согласува со ова, дури и во Европскиот парламент. Во средината на минатиот месец, во интервју за Дојче веле, европратеничката Моника Холмајер од редовите на баварската конзервативна партија ЦСУ, изјави: „Секоја година добиваме по еден мал град“. Нејзината колешка Надја Хирш од либералите дополнува: „Ова не е прашање со кое се добива некаква поддршка дома“.
Мартин Шулц, претседателот на Европскиот парламент, е гневен поради неподготвеноста покажана од некои земји членки. „Ова е европски проблем. Не прифаќам што некои земји членки велат - ние сме надвор од ова“, нагласи Шулц.
Комисијата за внатрешни работи во Европскиот парламент, која е надлежна за ова прашање, сега ќе предложи резолуција со која ќе се повикаат владите и Комисијата да започнат да размислуваат за соодветна примена на директивата донесена во 2001 година, која до сега не е применета. Таа регулира „минимум стандарди за давање времена заштита во случај на масовен прилив на раселени лица и мерки за промовирање балансираност во напорите меѓу земјите членки во прифаќањето на таквите лица и справување со последиците од тоа“.
Ако директивата се примени, бегалците ќе добијат дозвола за престој според времето на заштита што им е потребно, а ќе смеат и да работат. Следната недела за оваа тема ќе се расправа на пленарна седница на Европскиот парламент. За неа ќе разговараат и министрите за внатрешни работи од ЕУ на состанокот в понеделник (07.10) во Луксембург. Но, се’ уште нема заедничка дефиниција за тоа што се смета под „масовен прилив“ и многу е веројатно дека земјите членки ќе се борат против тоа да прифаќаат зголемен број на бегалци.