1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали и „Опел“ вози кон банкрот?

21 февруари 2009

Кризата кај американскиот автоконцерн „Џенерал моторс“ ги зема првите жртви меѓу европските фирми ќерки. Шведскиот произведувач „Сааб“ најави банкрот, германски „Опел“ се соочува со сериозни финансиски проблеми.

https://p.dw.com/p/Gyds
„Опел“ - АјзенахФотографија: AP

Економската криза веќе извесен период драстично се одразува врз автомобилската индустрија. Деновиве во Германија во центарот на вниманието се проблемите околу производителот на автомобили „Опел“, која е фирма ќерка на американскиот автомобилски концерн „Џенерал моторс“. Германската сојузна влада сега стравува дека автомобилскиот произведувач „Опел“ за неколку месеци ќе биде платежно неспособен, јавува денеска весникот „Билд“. Според пресметките на Комисијата за банкарски гаранции на Бундестагот, „Опел“ има потреба од 3,3 милијарди евра, иако само пред два месеца се зборуваше за 1,8 милијарди евра, потребни за санација. Производителот на автомобили не може да најде банка за неоходните кредити, така што според проценките можно е од месеците мај и јуни „Опел“ да се најде пред банкрот. За да се спаси производителот на автомобили „Опел“, германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнамер побара да се најде европско решение. Ниту една од фирмите ќерки на американскиот концерн „Џенерал моторс“ не би можела сама да преживее, ни во Германија ни во другите европски земји, рече министерот Штајнамер.

Autokonzern Saab beantragt Insolvenz SAAB-Fabrik Trollhättan
„Сааб“ пријави банкротФотографија: picture-alliance / dpa

Вчера шведскиот производител на автомобили „Сааб“, исто така фирма ќерка на „Џенерал моторс“, пријави банкрот, но засега нема да престане со работа. Владата на Шведска имено одби да му даде финансиска помош на автоконцернот со образложение дека не сака парите од даночните обврзници да исчезнат во презадолжениот американски концерн „Џенерал моторс“, кој од 1990 година е сопственик на „Сааб“.

Во меѓувреме и канадската фирма ќерка на американскиот автомобилски концерн „Џенерал моторс“ побара кредит од владата во Отава во висина до шест милијарди американски долари. Државните средства се неопходни за да се продолжи со работа, се вели од „Џенерал моторс“ Канада кој приложи план за санација.

Во вторникот „Џенерал моторос“ предложи план за надминување на кризата којшто предвидува укинување на 47 илјади работни места во целиот свет. Од американската владата фирмата побара дополнителни 16,6 милијарди долари.