Дали ЕУ ќе воведе визи за граѓаните на САД?
11 март 2017Медиумските наслови предизвикаа паника кај Андреа Шоелкопф од Албукерки, Њу Мексико поради можното влијание на новата резолуција на подарокот за нејзиниот син за матура - патување во Израел и Европа, кое таа детално го планирала со месеци. Таа воопшто не ни помислувала дека може да се соочи со бариера за влез во Лондон, Париз или Брисел.
„Прво проверив за Израел и дали ни е потребна дополнителна документација“ вели Шоелкопф. „Како Американка почнав да патувам во Европа во средината на 90-те години, од тогаш стануваше полесно да се патува. Дури и Французите кои имаа репутација дека не зборуваат англиски со туристите затоа што се наоѓаме во земја во која се зборува француски, беа многу повеќе гостопримливи на последното патување пред две години и сѐ почесто се нудеа да зборуваат англиски“.
Граѓаните на САД моментално имаат безвизен режим на патување во ЕУ. Но, резолуцијата од 2 март ја потсети Европската комисија дека сега е правно обврзана привремено да бара визи за граѓаните на САД затоа што Вашингтон сѐ уште бара визи за граѓаните на членките на ЕУ Бугарија, Хрватска, Кипар, Полска и Романија. Законодавците потсетија дека две годишниот период на чекање заврши на 12 април 2016 година и сега бараат од комисијата да донесе акт „во рок од два месеци“.
Фактот што мерката (н.з. резолуцијата) не е обврзувачка не охрабри многумина во американскиот корпоративен сектор. „Некои клиенти се јавуваа и бараа информации со цел попрецизно да се информираат што се случува во ЕУ“, вели Анреиа Гимис, правната канцеларија Фрагомен ворлдвајд чија специјалност е глобалното корпоративно имиграционо право. „Голем број мултинационални компании се загрижени дека нивните вработени нема да можат да дојдат во ЕУ без виза“.
Европски парламент: Ако Канада може...
Претседателот на парламентарната комисија која ја подготви резолуцијата, британецот Клод Мораес, забележува дека САД во последните години САД имале повеќе корист од ваквиот договор. „САД, имајќи ги предвид правата за нејзините граѓани да патуваат во ЕУ, постапува нефер со тоа што издвојува пет земји на Европската унија“, изјави Мораес за ДВ, објаснувајќи дека е неопходно итно да биде склучен договор поради неизвесноста која ја опкружува политиката за патување во време на владеење на администрацијата на Трамп.
Мораес вели дека изговорите на претходните американски администрации да се задржи визниот режим повеќе не се „доволно оправдани“. Тие вклулуваат тврдења дека резидентите на земјите за кои е потребна виза немаат адекватен безбедносен систем за да можат да ги верификуваат идентитетите и документите, дека нивниот БПД е толку низок што е многу веројатно туристите да станат „економски мигранти“ или дека податоците на САД за бројот на лицата кои престојувале подолго од што им било дозволено со визата е толку висок што не можат да го исполнат американскиот стандард за безвизен статус.
Мораес ги отфрла таквите аргументи. „Околностите се променија“, вели тој. „Други земји како Јапонија, Австралија и Канада даваат целосен реципроцитет, затоа според нас нема понатамошно оправдување за САД“.
Мораес очекува Европската комисија да бара решение со САД за време на долго очекуваниот самит планиран во јуни. Доколку не биде договорено ништо, комисијата е обрзана да усвои „делегиран акт“ и да воведе визи во времетраење од една година, доколку за тоа нема приговори од Европскиот совет или Европскиот парламент. Тој признава дека со тоа под ризик се ставаат сериозни политички и комерцијални интереси, но не смета дека тие би требало да надоместат за недостатокот на реципроцитет.
„Посетители секогаш ќе доаѓаат на двата континенти", изјави Мораес. „Есенцијално е. Бизнисмените и туристите ќе доаѓаат. Прашањето е дали луѓето ќе треба да одат низ понатамошни економски и бирократски бариери со цел да го сторат тоа и што тоа значи од аспект на економичноста, културата и друго“.
Во Њу Мексико, Андреа Шоелкопф приваќа дека барањето за реципроцитет е разумно и се надева дека во меѓувреме ќе се најде решение. „Доколку нашата сегашна влада планира да воведе рестикции за патување за резидентите на други земји, тие земји со сигурност имаат право да го сторат истото за Американците“ вели таа. „Иако ова патување е планирано, се надевам со доволно време да се направи се што е потребно – доколку е потребно – ме растажува да помислам дека нема да можеме да патуваме слободно низ светот како што можевме до сега“.
Адвокатката Андреиа Гимис вели дека нејзината канцеларија се обидува да ја предвиди иднината и дека двете страни во моментов се доста непредвидливи. „На клиентите им велиме дека го следиме развојот и дека комуницираме со институциите со цел да дознаеме дали ќе има некаков драматичен развој“ изјави таа. „Но засега е игра на чекање и на двете страни“.