Дали е ова крајот на ерата на Меркел?
6 септември 2016
„Самракот на канцеларката“, „Уште колку удари може Меркел да поднесе“, „Изборен дебакл на Меркел“. Со овие наслови се разбудивме во понеделникот. Со месеци се случуваат ситуации по кои делува како владеењето на Меркел да е на крај: по контроверзното „Ќе успееме“ минатото лето и палењето на бегалските центри, по Новогодишната ноќ во Келн, по нападите во Вирцбург и Ансбах. Но, Меркел е се уште канцелар. И се уште ја одржува својата позиција во однос на бегалците.
Секако дека изборните резултати во Мекленбург-Предна Померанија се срамен пораз за ЦДУ. И секако дека успехот на Алтернативата за Германија (АфД), која сега има пратеници во девет од 16 покраински парламенти, треба да ги загрижи етаблираните партии. АфД успеа да се етаблира и вината делумно е во бегалската политика на Меркел. Канцеларката донесе одлука во летото 2015. Не им го попречи патот на бегалците кои беа заглавени во Унгарија и со тоа и отвори голем проблем на својата партија. Јасно е дека таква далекусежна одлука носи и далекусежни проблеми. Исто така не е изненадување дека не сите во ЦДУ се убедени во нејзината исправност. Ниту е новина тоа што десничарските популисти се обидуваат да го пополнат вакумот десно од политичкиот центар.
Сепак, резултатите од покраинските избори не треба да се преувеличуваат. Говориме за покраина која секогаш била насочена кон гласање од протест. Крајно десната НПД таму освојува гласови и пратенички места од 2006 година наваму. Десничарски симпатизери никогаш не недостасувале. Во оваа покраина, политичките крајности- леви и десни, секогаш биле силни. На изборите пред пет години, долго пред бегалската криза, ЦДУ успеа да освои едвај нешто повеќе од 20 проценти од гласовите. На таа линија, може да се каже дека партијата загубила само 4 проценти од гласовите. Економски и политички, Мекленбург- Предна Померанија е периферна покраина, со 1,3 милиони гласачи од кои само 60 отсто излегоа на гласање и... и дадоа нов четиригодишен мандат на големата коалиција на СПД и ЦДУ.
Вистинскиот проблем на ЦДУ во покраината не е Меркел, туку непопуларноста на нејзиниот главен кандидат Лоренц Кафиер. Неговата кампања не успеа да добие апсолутно ништо од тоа што се водеше според АфД. Кафиер се претстави како цврст политичар кој ќе воведе „ред и поредок“, и бараше забрана за бурката. Друго прашање е колку бегалците се навистина проблем во оваа покраина. Според официјалните податоци, таму се сместени само околу 20 илјади.
Како и да е, канцеларката и нејзината партија треба да извлечат поука од овие избори. Политиката не треба да се менува, туку да се остане доследен на неа, а на луѓето да им се презентираат фактите. Дека во 2016 година има далеку помалку бегалци кои доаѓаат во Германија. Дека мнозинството од речиси еден милион кои пристигнаа минатата година се регистрирани и сместени. Би било добро, исто така, кога би почнале отворено да зборуваат за проблемите и за своите грешки, како на пример интеграцијата, договорот со Турција, и фактот дека бегалската криза не е завршена. Затоа што реалноста не е црно-бела како што сака да ја претстави АфД. Можеби гласачите ќе ценат помалку политички опортунизам, а повеќе кажувањето на вистината.