Дали Груевски „преку народот“ го отфрла Договорот од Пржино?
25 јануари 2016Oва е опасна реторика која води кон натамошни поделби, кон отпор за Договорот од Пржино и кон мобилизација за насилство. Вака накусо аналитичарите го оценуваат говорот на бившиот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната годишна конференција на партиската Унија на жените. Во говорот на Груевски, кој повторно зборуваше од името на „народот“, доминираа „клоци“ и навреди за опонентите, а под сомнение го стави и неговиот личен однос кон Договорот од Пржино.
„На 24-ти април, доаѓа казната и одмаздата на народот. Доаѓаат неговите 5 минути. Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава. Во април, народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт, и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери“, рече Груевски. Потоа, објаснувајќи дека „не може криминалец и измамник да дојде на власт“ и оти „народот ќе испрати порака дека со валкани игри и манипулации на се доаѓа на власт“, ги спомна и имињата на европскиот медијатор и на специјалната обвинителка, кои функциите ги извршуваат како резултат на Договорот од Пржино, чиј потписник е и Груевски.
„После оваа лекција, која ќе дојде на изборите преку општонародното масовно гласање, ќе помине многу долго време, пред на некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла, на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“, прогнозираше Груевски.
Популистички наративи
Што значат ваквите пораки? Дали Груевски повеќе не го признава Договорот од Пржино - го прашавме директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.
„Тој инсистира да има избори на 24-ти април, како што предвидува Договорот, и тоа значи дека го признава и почитува“, одговори Котевски. Но, немаше одговор за значењето на „клоците“, ни за спомнувањето на имињата на специјалната обвинителка и европскиот медијатор во пежоративен контекст, со став дека „не е негова работа да го толкува говорот на лидерот на партијата“.
Комуникологот Петар Арсовски укажува дека се работи за партиски собир, каде пораките се секогаш „потврди“, поексплицитни, но и поискрени, поблиску до оригинерниот партиски наратив и „необременети“ со политичка коректност.
„Не пренебрегнувајќи го фактот што односот кон Питер Ванхауте и Катица Јанева е без никаква политичка коректност, мислам дека тоа е намерно. Како и во повеќе наврати досега, пораката е дека сите договори и сите постигнувања со меѓународното медијаторство стануваат 'тоалетна хартија' во моментот кога повторно ќе се реафирмира 'народната победа'. Во овој случај, проблемот е дотолку посериозен, бидејќи и Ванхауте и Јанева се службени лица, назначени со согласност и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ“, потсетува Арсовски.
Тој лоцира неколку линии кои во ваквиот тип говори секогаш се провлекуваат како детерминанти на авторитарниот популизам.
„Првата линија е - силата пред правдата. Тезата е, дека секој потег кој има народна поддршка по автоматизам е правилен, па нека е тоа и кривично дело. Ако народот го верификува, правдата лета низ прозорец. Втората е линија на поделби. Популизмот почива на еден основен наратив - спротиставување на 'народот' со замислена елита, на еден вид лумпенпролетеријатско движење. Затоа во сите популистички говори се зборува 'за нас-против нив', за остри линии на поделба, исклучиви територии. Третата е линија е страв. Најчесто се пласира тезата дека 'народот' е под напад од некои митски мрачни сили и сега тој треба да се налути за да ги спречи: странски служби, надворешни и домашни непријатели, соросоиди, предавници...Причината е да се побуди гнев и страв, за да се држи 'народот' на купче. Последната e линијата на конфликт. Популизмот како идеологија почива на одржување постојана тензија и конфликт, за секое гласање да биде еден вид 'одбрана' или замислена војна со непријател: некој кој сака да не обезличи, да ни земе, да не потисне. Оваa линија служи за мобилизација и консолидација на исклучив наратив, во кој секое одвоено мислење лесно може да биде прогласено за предавничко“, објаснува Арсовски.
СДСМ: Лаги и примитивизам
Опозицискиот СДСМ преку партиско соопштение реагираше на обраќањето на Груевски, „полно со лаги, примитивизам, недолични зборови, и навреди“
„'Силување, 'бркање на клоци', 'будала'... Тоа е речникот на очајниот Никола Груевски кој се плаши од казната на граѓаните и соочување со одговорноста за целокупниот криминал во изминатите 10 години. Груевски си призна на самиот себе: не може криминалец и докажан измамник да биде премиер“, возврати СДСМ.
Партијата потенцира дека Груевски зборувал половина час, но ништо не кажал за жените, за нивната положба и нивните права.
„За жал, уплашениот Груевски денеска повторно ги понижи и ги навреди жените, членките од сопствената партија, третирајќи ги само како бројка што треба да го сокрие неговиот страв. Со фашистички методи вработените жени од повеќе општини во Македонија беа изложени на притисок да присуствуваат на партискиот настан. Жените во Македонија во изминатите години се соочуваа со континуирана деградација. Секоја четврта жена во Македонија е жртва на семејно насилство. Во последните 7 години 22 жени биле убиени од своите партнери, што покажува катастрофална неефикасност на институциите на системот. Груевски им украде 10 години живот на жените во Македонија и на сите граѓани во оваа земја“, одговори СДСМ.
Преписката не заврши со тоа.
„Унијата на жени на ВМРО - ДПМНЕ сама да излезе на изборен мегдан со СДСМ, ќе го прегази аболицираниот криминалец Заев и неговата верна придружничка Радмила Шекеринска. Таква беше енергијата на денешната конвенција на Унијата на жени. Од таа енергија се исплаши криминалното дуо на СДСМ, бидејќи се освестуваат дека нивните лаги за режим и диктатура веќе не поминуваат кај граѓаните, кои го гледаат нивното богатство и расипнички живот“, одговорија од Унијата на жени на ВМРО- ДПМНЕ.
Подготвен на насилство
Во дипломатски кругови со загриженост ги следат ваквите „несоодветни тонови“ во периодот кога треба да се реализираат значајни обврски од Договорот од Пржино. Граѓаните по линија на партиски преференци и натаму се длабоко поделени: дел сметаат дека „клоци се малку, треба многу повеќе за предавниците и за слугите на странските служби“. Други прашуваат: „Ако Груевски сакаше од него нарачаната шлаканица за Жерновски да ја претстави како гнев на 'народот', јасно е дека дека криејќи се зад 'народот' сега на неговите послушници им издава нов налог: да ја турнат Македонија во насилство“.
Џабир Дерала, од невладината организација „Цивил“, оценува дека популистичкиот говор на Груевски, во суштина, претставува гротеска и во други околности би можел да биде предмет на подбив. Но, не и сега.
„Сепак, имајќи предвид дека тој и неговите соработници предводат партија која речиси во целост ги стави под контрола државата, институциите, финансиите, медиумите и општеството во десетте години од владеењето, овој говор мора да се третира како документ за крајно навредливиот однос на Груевски и на неговата партија кон сите напори, на национално и на меѓународно ниво, за надминување на тешката криза во која се наоѓа Република Македонија. (...) Тој, без особени заобиколувања, навестува дека мобилизацијата и притисоците ќе имаат масовни размери и дека е подготвен на насилство. И со овој став, Груевски вели дека го отфрла Договорот за надминување на политичката криза, за кој посредно тврди дека му бил наметнат“, пишува Дерала.
Груевски вчера сумираше дека „по дождот доаѓа сонце“. Но, по ставовите искажани во неговиот говор, очигледно, не се сите убедени во тоа.