1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Бугарија е поготвена за откажување од јагленот?

Ашира Морис
11 ноември 2021

Под притисок на ЕУ, Бугарија конечно се обврза постепено да го исфрли јагленот од употреба како енергенс. Но, рударите стравуваат дека земјата потфрлила во планирањето на транзиција кон позелени работни места.

https://p.dw.com/p/42ov7
Работници на јагленокопот Мини Марица Исток во Бугарија
Работници на јагленокопот Мини Марица Исток во БугаријаФотографија: Nikolay Doychinov/DW

На прв поглед, површинскиот јагленокоп Мини Марица Исток изгледа неплодно и празно како површината на Месечината, и пусто, освен огромните машини кои систематски го ископуваат лигнитот (кафен јаглен) од земјата. Најголемиот рудник за јаглен во Бугарија со површина од 240 квадратни километри ги снабдува блиските електрани во регионот Стара Загора, каде што се произведува околу 30 отсто од националната електрична енергија.

Меѓутоа, ако се погледа од поблиску, пејзажот е населен со стотици работници. Тие работат во 12-часовни смени. Тоа се мажи како 40-годишниот Јордан Митков, оженет, татко на две деца, кој седум години работи во јагленокопот.

Оваа работа не била детскиот сон на Митков, но платата е добра: Според Бугарскиот завод за статистика, просечните плати во рударството се на слично високо ниво како и во финансискиот сектор. Сепак, Митков не е сигурен до кога работниците на јагленокопот ќе можат да продолжат да работат. „Сите се загрижени за својата егзистенција, нивните семејства и што ќе се случи со нас“, вели тој.

Зелено закрепнување од КОВИД-19?

Митков и неговите колеги со години ја следат политичката дебата за транзицијата кон позелена економија. Европската унија си постави цел за ЦО2-неутралност до 2050 година, што значи дека земјите-членки како Бугарија мора да се откажат од експлоатација на јагленот. Европскиот зелен договор им обезбедува на земјите-членки средства да отворат нови работни места и да ја направат транзицијата кон позелена економија дел од економското закрепнување од пандемијата на коронавирусот.

Огромен багер во погон во јагленокопот Мини Марица Исток
Огромен багер во погон во јагленокопот Мини Марица ИстокФотографија: Nikolay Doychinov/DW

Сепак, бугарската влада до почетокот на оваа година уверуваше дека работните места во секторот за јаглен се сигурни. Една деценија со земјата управуваше премиерот Бојко Борисов, чија влада минатата година усвои декларација со која вети дека ќе ја заштити државната централа Марица Исток 2 и тоа „независно од мислењето на Европската комисија за ова прашање“. За Митков и неговите колеги, Зелениот договор поради ваквата дискрепанца изгледаше „како гласина која лебди како дух“. 

Но, во април годинава, Борисов ја загуби функцијата по неуспешните избори. Во октомври, преодната влада објави дека Бугарија постепено до 2038 година ќе го исфрла од употреба јагленот. Одредувањето на датум за постепено откажување од јагленот беше предуслов за земјата да може да аплицира за средства во износ од 6,6 милијарди евра од фондот на ЕУ, кој треба да им помогне на земјите-членки повторно да застанат на нозе, по пандемијата на коронавирусот.

Почеток на крајот на јагленот во Бугарија?

Има доста време до крајниот рок во 2038 година, наведен во бугарскиот економски стимулативен пакет - многу други земји од ЕУ се стремат да ја укинат употребата на јаглен до 2030 година. Сепак, планот предвидува и развој на нови капацитети за гас и за обновлива енергија кои ќе заменат голем дел од капацитетите на јаглен во земјата во следните 10 години.

Александар Николов, поранешен заменик-министер за енергетика во преодната влада, за ДВ изјави дека заштитата на лигнитот повеќе не е профитабилна со оглед на цената на ЦО2 во европскиот систем за тргување со емисии - која оваа година достигна историски максимум од над 60 евра за тон. „Прашањето не е дали ќе има промена, туку како оваа промена да се направи ефикасна и хумана“, вели Николов. Со други зборови, како можеме да обезбедиме постепеното исфрлање на јагленот да не ги доведе Бугарите до невработеност и осиромашување?

Рударско-енергетскиот комплекс Марица директно вработува 12.500 луѓе
Рударско-енергетскиот комплекс Марица директно вработува 12.500 луѓе Фотографија: Nikolay Doychinov/DW

Еден ден пред да биде претставен планот за обнова, работниците во јагленокопот Марица протестираа во бугарската престолнина Софија и ја повикаа владата да ги заштити нивните работни места. Рударско-енергетскиот комплекс Марица директно вработува 12.500 луѓе во јагленокопите и во електраните, а дополнителни 100.000 работни места се индиректно зависни од секторот, велат синдикатите кои ги предводеа протестите.

Згора на оние 6,6 милијарди евра што Бугарија ги побара од фондот на ЕУ за постпандемиско економско опоравување, земјата има право и на 1,2 милијарди евра од Фондот за праведна транзиција на ЕУ, кој беше специјално создаден за справување токму со последиците од кои стравуваат овие работници - на пример, преку преквалификација да им се овозможат работни места во секторот на поеколошки енергии.

Нови работни места преку туризмот и зелената енергија?

Румјана Грозева, директорката на Регионалната агенција за економски развој од Стара Загора, сака да ги искористи овие европски фондови за да развие просперитетна, мешана економија која ги комбинира обновливите извори на енергија, земјоделството и туризмот.

Површинскиот јагленокоп Марица во моментов ги уништува некои од најплодните почви во Бугарија, а привремената влада го идентификуваше потенцијалот на локацијата за деловен парк или соларна фарма. На друго место, историјата на Тракија и здравствените одморалишта на Стара Загора би биле зрели за туристички развој, вели Грозева: „Ако сите овие ресурси се добро испланирани како систем, Стара Загора навистина има значителен потенцијал да стане врвен регион“.

Сепак, рударите како Митков стравуваат дека по една деценија неактивност, транзицијата кон зелена економија може да биде тешка. „Многу нешта одамна требаше да почнат, но се доцни“, вели Митков. „Сите дриблаат, но никој не ја шутира топката“.

Дали машините и неполодната почва во јагленокопите можат да бидат заменети со земјоделско земјиште и соларни електрани?
Дали машините и неполодната почва во јагленокопите можат да бидат заменети со земјоделско земјиште и соларни електрани?Фотографија: Nikolay Doychinov/DW

Додека земји како Романија веќе ги преквалификуваат рударите да станат техничари за ветерници, Бугарија нема такви програми. Агенцијата за регионален економски развој во Стара Загора започна пилот-програма за преквалификација на работниците, но таа нема да биде целосно оперативна до февруари 2023 година, иако секогаш има барања од рударите кои задоволство би учествувале.

Дури и оние кои се скептични кон откажувањето од јаглен велат дека би се преквалификувале доколку можат. Николај Чолаков, раководител во одделот за поправки во рудникот Марица, сè уште се надева дека јагленот има иднина во Бугарија, но доколку Фондот за праведна транзиција му даде можност да се квалификува за друга професија, тој ќе ја искористи оваа можност.

Перспективи за нова бугарска влада

Со приближувањето на парламентарните избори во Бугарија на 14 ноември, иднината на бугарскиот сектор за јаглен наскоро ќе биде во рацете на новата влада. Јулијан Попов, вработен во Европската фондација за климата, сепак претпоставува дека производството на електрична енергија на јаглен - без оглед на изборниот резултат - ќе биде прекинато уште во 2030 година поради пазарните сили. Мислам дека изборите нема да сменат ништо драматично“, вели Попов.

Во меѓувреме, синдикатите најавија дека без разлика кој ќе ја преземе власта, ќе вршат притисок да ја заштитат индустријата за јаглен. И Грозева не е уверена дека новата влада јасно ќе им каже на работниците на јаглен колку време ѝ треба на Бугарија да ја спроведе транзицијата. „Не сум сигурна дека постои политичар кој е доволно силен и храбар да застане пред овие луѓе и да им ја каже вистината“, вели таа.

Оваа статија беше поддржана од Пулицеровиот центар.