Давос не е ексклузивен клуб
21 јануари 2020Толку е едноставно да се критикува Светскиот економски форум. На средбата годинава се очекуваат три илјади учесници од цел свет, меѓу кои и 116 милијардери. Таму ќе бидат многу шефови на мултинационални компании и на светски познати фирми ориентирани кон брз профит, како Блекрок. Доаѓаат и шефови на држави како американскиот претседател Доналд Трамп, или Жаир Болсонаро од Бразил, како и премиери, меѓу кои канцеларката Ангела Меркел или шефот на италијанската влада Џузепе Конте.
Погрешна слика
Елитата е повторно меѓу себе и разговара за проблеми кои не ги разбира. Веројатно притоа се пие и едно чудо шампањско. Ваквата слика се создава радо, но сепак е погрешна. Да, шампањско има и не може да се исклучат ни ексцеси овде-онде, но повеќето од оние кои доаѓаат на Светскиот економски форум во Давос работат напорно и интензивно. Тука во разговор влегуваат луѓе кои вообичаено си се тргаат од патот. Многумина во своето секојдневие во фирмите или владите се занимаваат толку со своите сопствени проблеми, што не гледаат што друго се случува.
Економијата не е сѐ...
Во Давос работите се поинакви. Социјалната нееднаквост, промената на климата, нов, можеби поправеден, капитализам - тоа се темите за кои се дискутира. Станува збор и за технологии за борба против сиромаштијата или теми кои малку допираат до јавноста, како депресија или осаменост. Тука, на подиумот, бегалци седат заедно со претседатели на управни одбори и претставници на влади и мора да разговараат и да се слушаат едни со други. И, знае ли некој дека овде се и најважните претставници на невладините организации, како и познати заштитници на климата и тинејџери кои за своите проекти дискутираат со големите шефови?
На основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, може само да му се честита за оваа уникатна платформа, иако прво само се разговара и малку се делува.
Контраветер за „големиот бизнис“
Тоа и е всушност проблемот. Кога конечно ќе се случи нешто, кога ќе го спроведете она што го разговаравте и најавивте во Давос, се прашуваат со право многумина. „Нашата куќа гори“, рече активистката за климата Грета Тунбергна Светскиот економски форум минатата година. Годинава таа е повторно во Давос и сака да изврши притисок за исполнување на своите барања. Таа е сместена во шатор на 1800 метри надморска височина, заедно со научниците кои сакаат да го свртат вниманието кон промената на климата на Арктикот. Грета Тунберг го користи овој форум заедно со многумина други за да ги лоцира проблемите. „Големиот бизнис“ го чувствува контраветрот. Млаки изјави за намери веќе не се доволни. Чисто максимизирање на профитот како цел на бизнисот не е ниту одржливо ниту има смисла. Потребна е борба против Растечката нееднаквост.
Состојбата во која се наоѓа светот деновиве се отсликува во планините околу Давос. Затоа се важни размената на мислења и отворените дискусии на сите учесници на Светскиот економски форум. Исто како што е важен и притисокот од оние кои не припаѓаат на т.н. елити.