Да се пуши или да се „пафка”?
1 јуни 2019Секако за здравјето е најдобро воопшто да не се користи ни едно од нив, барем во тоа се сите сложни. Но, тоа што нема студии за долгорочните ефекти и можните ризици за здравјето на социјалните мрежи често предизвикуваат, да речеме "многу живи дискусии". Приврзаниците на електричното пушење укажуваат на предности во однос на конзумирањето тутун. Дали медиумите, па и ние тука во ДВ Наука, премногу негативно ги претставуваме е-цигарите? Кои предности ги има електричната алтернатива во директна споредба со тутунот?
1. Е-цигарите може да помогнат во одвикнувањето од пушење
Додека Светската здравствена организација и нејзините научници и натаму имаат критички и одбивен став спрема е-цигарите, британската влада активно го поддржува трансферот од обични на е-цигари како средство за одвикнување од зависноста од тутунот.
Британски научници од Ројал колеџот за наука и јавно здравје во Англија во април 2016 во публикацијата "Никотин без чад: намалување на штетата од тутунот" како позитивен го истакнаа ефектот дека е-цигарите се помалку штетни од обичните и дека ризикот за заболување од рак е само 5 проценти во споредба со ризикот од обичните цигари. Во многу земји на ЕУ таквата проценка на британските наулници прво наиде на критички став, бидејќи нема валидни податоци за студија за долгорочните ефекти. Појасни цифри содржи "Здружението на трговците на е-цигари во Германија", кое посочува на најновата анкета од 2015 на Центарот за интердисциплинарно истражување на зависности од Хамбург спроведена меѓу испитаници кои се корисници на е-цигарите.
"91 процент од сите корисници на е-цигари се поранешни пушачи. Осум проценти користат и е-цигара и обична и со тоа спаѓаат во групата на т.н.дуални корисници. Само еден процент се нови корисници, кои претходно не пушеле. Просечната возраст на корисник на е-цигара е 40 години, а групата на лица под 21 годишна возраст е застапена со едвај два проценти."
2. Е-цигарите се помалку штетни од тутунот, но…
При согорувањето на обичните цигари се ослободуваат илјадници супстанци од кои повеќе стотици се отровни или важат за предизвикувачи на рак. Е-цигарата функционира и без тутун, па така тие отровни супстанци ги нема во неа. Сојузната служба за проценка на ризици оценува дека "карактеристичните канцерогени производи од согорувањето ги нема кај е-цигарите" во споредба со обичните цигари.
Пушачите на е-цигари веќе не вдишуваат катран, помалку се жалат на болки во грлото или душникот и бележат помал број воспаленија на тие делови. Тие кашлаат помалку, се чувствуваат физички поспремни и чувството за вкус им е посилно изразено отколку кај пушачите на обични цигари. Кога пушачот не внесува никотин, потребата од цигара драматично се намалува. Но, со пареата во белите дробови навлегуваат најфини честички и остануваат таму. Последиците може да бидат кашлање, воспаленија и намалена функција на белодробните крила. Некои од аромите може да предизвикаат тешки алергии или воспаленија на дишните патишта. Течноста содржи штетни материи кои се поврзуваат со голем број причинско-последични заболувања. Тука особено се мисли на пропиленгликол познат и како "чадот во театрите" кој може да предизвика иритации наочите и на дишните патишта. При загревањето на течноста настанува ацеталдехид и формалдехид кои исто така ги оштетуваат дишните патишта и ги надразнуваат кожата и слузокожата. Ако се загреат три милилитри течност за е-цигарите, се ослободуваат околу 14 милиграми формалдехид. Тоа е 5-15 пати повеќе отколку при пушењето на 20 обични цигари. Колку позагреана цигарата, толку поголема е и концентрацијата на штетни материи.
3. Пушачите на е-цигари имаат поголем избор
Секако, и класичните тутунски производи имаат голема понуда на вкусови, но сепак е поголема понудата на "регулирани и нерегулирани е-цигари, уреди и производи за еднократна и повеќекратна употреба". Покрај најразличните апарати има и навидум бескрајна понуда на вкусови, течности, ароми со кои е-цигарите се полнат според вкусот на корисникот. Огромниот избор е и голем проблем бидејќи содржината и нејзиното влијание на долг рок често пати не е позната. За сега нема валидни студии за долгорочните влијанија, а штетните последици од тутунот исто така станаа видливи дури по извесен временски период.
4. Е-цигарите помалку и штетат на околината
За непушачи ароматизираните облаци од чад од е-цигарите се проблем исто како и чадот од тутунот. Ако си седиш во кафуле и те опфати леплив чад од јагода од соседната маса, тоа е грозно!
Но, барем пасивното пушење не е толку штетно како кај обичните цигари. Според Германскиот центар за истражување на рак пасивното пушење кај млади жени предизвикува рак на дојка, проблеми со дишните патишта и напади на астма. Децата на родители кои пушат почесто страдаат од кашлање, егземи на кожата и слично, и имаат почесто воспаленија на средно уво отколку на оние чии родители не се пушачи. Кај е-цигарите нема такво пасивно пушење. Пушачите немаат карактеристичен здив, забите, прстите или брадите не им се пожолтени и алиштата не смрдат на цигари.
5. Е-цигарите предизвикуваат помалку отпад
При загадувањето на морињата прво ни текнува на пластични шишиња, но по бројност отпушоците се најголемиот проблем. Според една студија на универзитетот во Гисен од 5,6 милијарди испушени цигари годишно околу 4,5 милијарди отпушоци не се отстрануваат соодветно. СЗО проценува дека филтрите од цигари сочинуваат околу 30 до 40 проценти од отпадот, кој се собира во градовите и на плажите.
6. Е-цигарите се поефтини
Пресудно за пресметувањето се секако навиките на секој поединечен корисник. Страствен пушач пуши по една кутија цигари на ден, која чини од 5-7 евра, што значи околу 150-220 евра месечно. Дури и страствен корисник на е-цигари кој чат-пат купува нови течности за апаратот, нова глава или сосема нов апарат годишно не троши толку многу. Цената за набавка е околу 50 евра. Едно шишенце со 10 милилитри чини само неколку евра. Струјата може да се занемари. И кај корисниците на е-цигари може да се собере фина сума, но пушењето тутун е убедливо поскапо.