„Да се држи сѐ под контрола“
14 април 2016Документите на Министерството за државна безбедност (МфС) на поранешната Германска Демократска Република секогаш ги следеа конфликти. А и не можеше да биде поинаку. Никогаш порано наследството на некоја тајна служба не е секцирана толку јавно. Обиди тоа да се спречи имаше за време на клучните месеци на мирната револуција во 1989/90 година во двата дела на Германија. На истокот злосторниците на Штази веќе почнаа да ги уништуваат документите, кога борците за човекови права тоа успеаја да го спречат, така што ја заземаа централата на Штази во Берлин и во другите градови.
Сигурно е оти без нивната храбра акција, една година по повторното германско обединување не би дошло до основање на Институцијата за документите на Штази, ниту Јоахим Гаук не би имал со што да управува. Актуелниот германски претседател, имено, од 1991. до 2000. година беше „Сојузен ополномоштеник за документите на Државната безбедност на поранешната Германска Демократска Република“. На тоа место го избра парламентот. Гаук, инаку, во последниот состав на парламентот на ГДР беше претседател на Специјалната комисија за контрола на распуштањето на Министерството за државна безбедност.
Триумф на Гаук на суд
Да беше според Хелмут Кол, канцеларот на обединувањето, документите на Штази ќе останеа недостапни за јавноста. Зад тоа не би требало да се бараат некакви политички или лични мотиви на Кол - тоа едноставно беше во согласност со западногерманските поимања на правото, односно толку чувствителни документи да се држат под клуч. Но активистите за човекови права во поранешна ГДР инсистираа на жртвите на комунистичката диктатура да им се овозможи увид во досиејата за нив.
Гаук во 1992. година пред берлинскиот Управен суд избори уште една победа. Законот за документите на Штази доби предност во однос на Сојузниот закон за заштита на податоците.
Дека работата на Институцијата за документите на Штази беше успешна, е општо познато во цел свет, во тоа денес, 25 години по нејзиното основање, нема веќе никаков сомнеж. Во бројни земји во источна Европа, но и во Латинска Америка и на Блискиот исток, таа служи како пример за тоа какво треба да биде соочувањето со сопствената диктатура од минатото. Злосторниците со помош на документите можат да бидат откриени и изведени пред суд. Жртвите можат да докажат дека биле злоставувани од политички причини. Така од случај до случај е можно да се обештетат жртвите - барем парично.
Документите служат и за рехабилитација на жртвите
Архивирањето, истражувањето и отворањето на списоците на Штази, меѓу останатото, има и обележја на широка програма за индивидуална и општествена рехабилитација на жртвите. Бидејќи, во ГДР, и покрај стотиците илјади доушници, секако имало и многу луѓе кои се спротивставувале на соработката со сеприсутната тајна служба. Да се расветли таа страна била важна задача за оваа Институција веќе во првата деценија на нејзиното постоење, а со време таа добивала и на тежина.
Времето на големи откритија одамна помина. Наследничката на Гаук, Маријана Биртлер и нејзиниот наследник Роланд Јан, која таа функција ја презеде во 2011. година, вниманието уште повеќе го насочија кон расветлување на диктатурата. Документите на Штази за тоа нудат единствен материјал. Многу работи се веќе истражени, но има уште простор за истражување. Тоа ќе се случува во новите организациски структури: специјалната комисија соствена од стручњаци ги даде во Бундестагот своите препораки.
Документите на Штази остануваат достапни за јавноста
Документите веројатно ќе бидат префрлени во Сојузната архива. Сојузен ополномоштеник за документите на Штази во досегашниот облик веројатно нема да има. Но, веќе може да се наѕре конфликт околу начинот на спроведување на тие препораки, што е, со оглед на чувствителноста на темата, разбирливо.
Стравовите дека со укинувањето на Институцијата за документите на Штази ќе биде затворено поглавјето за тајната служба не се втемелени. И во иднина ќе биде можно да се побара увид во личните досиеја. А научниците и во иднина ќе можат да откриваат важни факти и да ги објавуваат. Многу работи досега завршуваа во медијатеката на Штази. Актуелен е примерот за односот на поранешната ГДР кон нуклеарната катастрофа во Чернобил, на 26. април 1986. година. „Да се држи се’ под контрола“, е наслов на документот кој може да се види на интернет. Овој наслов точно одговара на целите на Штази.