Гугл се враќа во реалниот свет
11 август 2015Сите треба длабоко да здивнат - не настана преку ноќ некоја нова планета Земја. Иако не помина се’ без треска во интернет, додека обичниот Европеец уште спиеше, се случи само нешто сосем нормално: едно претпријатие си создава нова структура. Такво нешто спаѓа во секојдневието на секоја фирма, голема или мала.
Кој сака да преживее, мора да се менува
В ред, во право сте: Гугл не е обична фирма. Гугл е влезна порта во интернет, Гугл не носи од А кон Б и ни покажува кога сме стигнале, не упатува каде најблиску има најдобра пица. Гугл ги собира нашите дигитални траги и од тоа ни прави профил. Со тоа сака да ни понуди работи, за кои ние воопшто не сме ни знаеле дека сакаме да ги купиме. Гугл сака да донесе интернет и во најзафрленото катче на светот; од љубов кон ближниот, се разбира. Гугл сака да гради автомобили кои сами ќе се управуваат, без возач, и со парите што ги држи за зло време може без проблем да го купи Фолксваген. А и веќе многу изнакупува - претпријатија кои прават производи со добра перспектива: термостати кои можат да бидат вмрежени во системот во домот, или пак лекови кои го продолжуваат нашиот живот, за да можеме подолго да го користиме Гугл. Речиси и се заборави дека Гугл го купи и Јутјуб.
Сега е време да се напушти гаражата
Но, во изминатите бурни 17 години, откако постои фирмата, од неа настана една огромна продавница за мешовита стока. Шеесет и шест илјади соработници, 66 милијарди американски долари обрт. Сето прилично нетранспарентно, што берзата не го смета за добро и изгледа веќе за двајцата основачи и шефови Лери Пејџ и Сергеј Брин и не е управливо. Затоа целата продавница сега се пребришува со влажна крпа, со Алфабет се гради холдинг под чија капа областите подобро можат да бидат сортирани. Ако така сакате, во една област која заработува пари, и област која ги троши. Тоа е чисто претприемничко решение и сигурно не доаѓа сосем изненадувачки. Оти, и претпријатие како Гугл - или токму поради тоа - мора да се оспособи за иднината. Кој вели дека по десет години мора уште да го има Гугл? Можеби во Силиконската долина или каде и да е постои некоја старт-ап фирма за која ние уште не знаеме, но која има уште подобри алгоритми од Гугл или сосем поинакви претстави за вмрежување на светот?
Не, ноќеска навистина не се случи ништо драматично. Гугл едноставно мораше да реагира оти пребарувањето во интернет веќе одамна не е голема машина за пари. Бизнисот со реклами опаѓа, буџетите за реклами се преместуваат врз мобилните уреди. А таму во моментов Фејсбук едноставно оди подобро од Гугл. Пејџ, Брин и другите од Маунтин Вју не можат да си дозволат да не му се спротивстават на тоа. Алфабет со А како почеток на нова ера. Можеби е случајно, но „алфа“ на берзите е ознака за дел од рента, кој не може да се објасни со општиот развој на пазарот. А „бет“ (на германски: облог - н.з.) е облог за во иднина.Тој би можел да се оствари. Гугл, простете - Алфабет, сега е нормално претпријатие, само со сосем посебни амбиции.