Безимена несреќа
7 јуни 2018Добрата вест е дека здодевниот спор за името меѓу Грција и Македонија е поблиску до решение од кога било претходно. Лошата: тоа сепак сѐ уште не значи дека решението е блиску.
На овој начин Франкфуртер алгемајне цајтунг денеска го објаснува актуелниот момент во преговорите за решавање на деценискиот спор меѓу двете соседни земји.
На своите читатели ФАЦ на следниот начин им го опишува спорот:
„Грција не дозволува Македонија да се вика Македонија затоа што тоа државно име ги навредува грчката историја и здравото чувство на национална припадност на Грците.
(...) Само Грците смеат да го користат името Македонија, затоа што она го Александар Велики му го приреди на светот со меч и оган, во крајна линија беше елинистичката култура. Така накусо гласи грчката позиција. Како што дознавме и пред неколку години од протечените интерни извештаи на американските дипломати, многу грчки политичари признаваат дека ставот на Атина во спорот за името е апсурден, но како што обично бива: Кога еднаш ќе забегате со неразумна идеја, не можете така лесно да се извлечете без да го изгубите образот“.
Натаму ФАЦ пишува дека грчкиот премиер Алексис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас не потпаднале под „овој политички делириум“. „На Ципрас и неговата Сириза може да им се префрла за многу нешта, но никогаш не биле предводници на националистичко-антиквизирачката интоксикација во спорот за името“.
„За веме на разговорите на Коѕијас во Берлин (минатата недела, н.з.) тој остави впечаток дека искрено е заинтересиран за решение и дека е подготвен да го прифати и внатрешнополитичкиот гнев. Затоа што постои отпор. Македонските и грчките националисти, кои се послични едни на други одошто сакаат да признаат, планираат да протестираат против можниот компромис“.
„(...) Досега ни Ципрас ниту Заев не дозволуваа да бидат ставени под притисок поради ваквите протести и аргументи, но сепак преговорите можат да пропаднат на повеќе начини. Затоа што дури и да се постигне македонско-грчки договор, тоа ќе биде само почеток. Ципрас мора да обезбеди поддршка од опозицијата за ратификација на договорот во парламентот...“
„А Заев мора, затоа што тоа го вети во предизборната кампања, не само да го истурка договорот во парламентот, туку и да го стави истиот на референдум пред граѓаните. Според оптимистичките сценарија во Скопје, ако се дојде брзо до договор Македонија може да добие покана за членство во НАТО на самитот во јуни, која ќе зависи од успешниот референдум. Тој би можел да се организира во септември или октомври“.
Конечно, заклучува ФАЦ, неуспех е можен и без помош на националистите. „И тоа ќе биде една безимена несреќа за обете држави, но и за регионот“.