1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките недвижности повторно интересни на пазарот

Ј. Палокај/Б. Георгиевски2 јуни 2014

По повеќегодишна стагнација поради финансиската криза, недвижностите во Грција повторно се на цена, а расте интересот и на странските инвеститори, особено поради ниските цени

https://p.dw.com/p/1C2Kw
Фотографија: Reuters

На грчките плажи има уште многу простор за нови хотели. Тоа сакаат да го искористат агентите за недвижности. Во северна Грција, во близина на планината Атос, тие промовираат изградба на нов хотел. Конечно во земјата повторно се инвестира, нешто што по кризата од 2009 година речиси и да не се случуваше, особено во најважната бранша.

„Некои од градежните закони беа сменети за да се олесни постапката и да се поттикне изградбата. Сега тоа е повеќе насочено кон туризмот, кон изградбата на туристички недвижности, а истовремено и во подобрување на хотелската инфраструктура во Грција“, вели Константин Фолбах, експерт за недвижности.

Градителот Темис Канцис работи на проект од еден милион евра и смета дека нема ризици, затоа што туризмот е повторно на добар пат.

„Прогнозите се охрабрувачки, во 2014 ќе имаме 20 проценти повеќе туристи, а бројот на руските туристи ќе се зголеми за четири пати. Тоа е јасна индиција, дека државата гледа одржливи инвестиции само во туризмот“, вели Канцис.

Во моментов само Грците се осмелуваат да инвестираат. Но, за комерцијалните и станбените недвижности, интерес покажуваат и странци, во прв ред големи фондови за недвижности. Цените за време на кризата паднаа за околу 30 проценти.

Superteaser NO FLASH Griechenland Urlaub Kreta Agia Pelagia
Фотографија: picture alliance/ZB

Во многу случаи, покажува искуството на експертите, цели згради и станови зјаат празни. Сега е моментот за трагачите по багателни цени.

„Се’ уште има опасности, но тие се сега многу помали. А, инвеститорите доаѓаат непосредно пред да заврши опасноста. Вистинскиот момент е кусо пред да почне експанзијата на економијата. Тогаш се најголемите шанси за добивка“, вели Фолбах. Кога конечно ќе дојдат странските инвеститори, тогаш земјата може да оди само напред, сметаат експертите.