Грчката борба со етничката разноликост
2 мај 2019Една туристка од Израел се расплакува во моментот кога Еви Меска во најстарата синагога на северот од Грција раскажува како Евреите од Бер кон крајот на април 1943 година со денови биле затворени без храна и вода и потоа на 1 мај биле уапсени и депортирани во логорот Аушвиц. На крајот од турата двете жени се прегрнуваат. Историјата во случајов е помалку важна од самата средба. Местото има нешто свето, вели Еви:
„Тука загинале луѓе на мачен начин, меѓу нив и мали деца, само заради тоа што не одговарале во рамката на други луѓе. Тука се сфаќа дека човештвото мора да се обедини.“
За Еви Меска е болно тоа што луѓето во Бер не се занимаваат и соочуваат со етнички разноликата историја на градот. Многумина дури и не знаат дека во градот постои синагога. Луѓето заборавиле дека долу, на реката, каде што проповед држел дури и апостолот Павле, илјадници години имало мирен соживот на христијани, Евреи и муслимани. Еви Меска сакала тоа да го смени и затоа по сопствена иницијатива ја отворила историската синагога за јавноста.
Историја во форма на граѓанска иницијатива
Ѝ помогнал само еден единствен човек од градската управа. Тој ѝ ги дал клучевите и обезбедил дозвола од еврејската заедница во Солун. Еви Меска од неодамна е ангажирана како водич. „На почеток сето тоа го правев на волонтерска основа. Со мобилниот телефон в рака чекав посетители. Еден фин сосед ми дозволи да го користам неговиот тоалет.“
До ден денешен градот Бер не успеал да инсталира тоалет за посетители. „Полека нешто се придвижува, но нема добра организација. Многумина во градот имаат добри идеи, но најчесто не успеваат - и тоа е голем проблем во Грција. Не сакам никому да ја префрлам одговорноста. Има многу луѓе во Грција кои се одговорни. Кога сите тие би се договориле и конечно би ја презеле одговорноста, ситуацијата значително би се подобрила.“
Но, вината не е само во политичарите, смета Еви Меска. „И ние граѓаните мора да си го смениме менталитетот и да бидеме отворени за посетителите.“ Промената прво почнува кај индивидуата, додава таа.
Антисемитизмот го кочи развојот
За жал, досега не е многу проширена информацијата дека синагогата конечно е повторно отворена за јавноста. Ретко кој во Бер сфатил дека стариот дел од градот покрај реката е едно од најголемите свртувалишта за туристи.
„Илјадници луѓе од сите религии од секаде дојдоа да ја видат синагогата откако е повторно отворена и имаа тури низ градот", вели Еви.
Историска конфронтација како економски фактор во Бер, град каде што владее криза. Но, она што стариот живописен дел од градот покрај реката го раскажува за историјата на Бер - дека северногрчкиот регион Македонија има етнички разнолика историја - не одговара во сликата за себеси на модерна Грција. Православието и антиката - гордоста на Грците - главно е лимитирана на овие два аспекта. Таквиот национализам се покажува во особено агресивна форма особено сега, во времиња на потпишувањето на Преспанскиот договор за решавање на спорот за името.
„Некои луѓе тука не сакаат во градов да има црнци или Евреи. Тие се жалат на тоа", вели Еви. Антисемитизмот, според неа, е структурен проблем: „Добив Давидова ѕвезда за подарок и ја носев околу вратот. На патот накај дома сретнав три лица. Еден познаник ме предупреди од фашисти кои би можеле да ме претепаат. Друг рече дека еврејството било вуду и дека требало да носам крст. Третиот пак, христијански верник кој редовно оди во манастир, ме праша дали сум глупава и дали сум станала Еврејка. Во тој случај би ме исфрлил од својот дуќан и би ме испратил по ѓаволите."
Меѓу информирање и национализам
Адвокатот Јоргос Лиолиос не е изненаден. Роден е во Бер и ја напишал првата книга за еврејското население во градот и за убивањето од страна на нацистите. Кон крајот на 1980-те започнал со прибирање информации. Во тоа време еврејската заедница во градот никаде не се споменувала. Тоа му пречело и затоа тргнал во потрага по дополнителни информации. Не било едноставно да се дојде до нив.
„Луѓето тука едноставно не сакаа да зборуваат за тоа." Неговата книга „Сенките на еден град“ била точка на пресврт за Бер. Луѓето почнале да се занимаваат со темата. На некои тоа им пречело: „Ми се префрлаше дека сум бил платеник на еврејската заедница или агент на Мосад. Многумина конфронтацијата со тој дел од историјата го сфаќаат како отворен напад. Има многу предрасуди во однос на Евреите, како тоа дека се сатанисти или инструмент за моќ на Слободните ѕидари (масоните, н.з.)."
Образование како лек за стравот
За Лиолиос таквите предрасуди се пред сѐ поврзани со националистички мотивирана и погрешно водена образовна политика, која довела до развој на многу селективна самосвест. А, токму Бер за разлика од Солун никогаш не бил антисемитски град. Граѓаните имале добра меѓусебна хармонија. Многумина им помагале на Евреите за време на прогонот од страна на националсоцијалистите. Денес не останало многу од тој дух.
„Со векови многу етнички групи живееле во една голема Македонија која била дел од Отоманската империја. Во тоа време никого не го интересирало тоа што сограѓаните се разнолики. Кога во 1912 година регионот Македонија и Тракија станале дел од Грција, властите сакале да создадат културолошки хомогена држава. Муслиманите и Евреите одеднаш станале малцинство. Тоа предизвикало чувство на страв."
Лиолиос посакува во земјата да има подобри закони за борба против расизам и антисемитизам и да има култура на оворен дијалог. Тој своите надежи ги полага во образованието. „Мора да почнеме со младите генерации.“ Проблеми како расизам и антисемитизам мора да бидат третирани уште во училиште. За тоа е потребна и преработка на учебниците, вели Лиолиос: „Во нив се содржани националистички наративи, како тоа дека Грците се избран и најдобар народ и бескрајно херојски." А, всушност треба да се согледа едно нешто - имено, дека од етничката разноликост не произлегува никаква опасност.