Грција: Холокаустот како табу тема
7 април 2018На кампусот на универзитетот во Солун се наоѓа споменик за грчките жртви на холокаустот. Подигнат беше во 2014 година- предоцна за еден град, кој некогаш бил нарекуван „Ерусалим на Балканот“. „Во Солун и натаму има луѓе кои не знаат дека кампусот порано беше дел од еврејските гробишта“, се жали режисерката Лидија Конста.
Гробиштата биле уништени за време на окупацијата на Хитлеровиот Вермахт. Во соработка со градските власти, кои следеле сопствени цели. Имено во 2017 година големи делови од Солун биле уништени од пожар. Со погребните плочи требало да бидат довршени поправките. Така во улици, тротоари и цркви во градот, исчезнаа едни од најголемите еврејски гробишта во светот.
Избришано и заборавено
Сѐ до раниот 20 век половина од населението на Солун било еврејско. Повеќето од бројните синагоги и еврејски продавници паднаа како жртви на пожарот од 1917 година. Евреите беа дошле во Солун веќе во 7 век. Во синагогата Ец Ахаим, која исто така беше уништена во пожар, проповедал апостолот Павле на неговото второ мисионерско патување. Во 15 век во Солун се населиле сефардски Евреи, кои биле протерани од Шпанија и со векови му даваа решавачки белег на културниот живот на градот.
Повеќе:
-Зошто се Грците најголеми антисемити во Европа?
-Расте антисемитизмот во Европа
-Грција опстојува на барањето на отштета од Германија
За сето ова Лидија Конста дознала дури на крајот на 80-те години од минатиот век. Ниту на училишната настава, ниту во градската слика не се потсетувало на еврејското наследство на Солун. А и судбината на еврејските сограѓани била потиснувана. „По страдањата од окупацијата, едноставно се сакало да се заборави сѐ што има врска со војната“, претпоставува Лидија Конста.
Меѓутоа многу колаборационисти профитирале од уништувањето на грчките Евреи, вели историчарката Рена Молхо, која истражува за холокаустот и грчките Евреи. Бројни недвижности во градот по војната ги промениле сопствениците.
97 проценти од Евреите од Солун не го преживеале холокаустот. Потоа молк се надви над градот, во кои и денес речиси и да не се зборува за тоа кој ги поддржувал германските окупатори во прогонот и уништувањето на Евреите.
Холокаустот мора допрва да биде обработен
Тоа се промени дури со Јанис Бутарис, актуелниот градоначалник на Солун. Тој им го посвети своето внимание на околу 1000 членови на еврејската заедница, кои денес живеат во градот. Од 2013 година градот и заедницата организираат спомен-марш за да потсетат на депортацијата на Евреите од Солун. Беше изграден музеј на холокаустот, во дел финансиран и од Германија за на идните генерации да им бидат објаснети аспектите на историјата, кои досега во сеќавањата на ужасот на нацистичкиот терор биле малку познати.
„До денес многу Грци мислат: Што ме засега холокаустот? Тоа е впрочем проблем на Евреите?, вели Рена Молхо. „Притоа е сосема едноставно: холокаустот е неправда- најголема неправда. Кој ова не го признава, нема толку сериозно да сфати и други случаи на неправда“.
Бројните здруженија на жртви во Грција го користат поимот „холокауст“ во однос на ужазните масакри на германскиот Вермахт, во кој биле убиени луѓе, кои не биле Евреи. „Евреите биле убивани од едноставна причина, зашто се родиле. Повеќето други биле убивани од чисто политички причини. Многумина едноставно немаат сфатено. И многумина не сакаат ни до денес да сфатат. За мене токму тоа е антисемитизам“, вели Рена Молхо.
Ваквата форма на антисемитизам понекогаш и јавно се изразува: „Германците убија 360 луѓе во моето село“, вели пензиониран учител од Крит во разговорот со ДВ: „Но, со Евреите Хитлер имаше право. Тие до денес и натаму ја имаат моќта во светот и не го почитуваат Исусовиот крст“. Еден 41-годишен ветеринар од северногрчкиот Серес за тоа пак вели: „Зошто денес некој треба да се занимава со такви глупости како холокаустот? Младата генерација и без тоа нема ништо против Евреите“.
Антисемитизмот како структурен проблем
Токму тоа се чини дискутабилно. Според една глобална анкета на Антидефамациската лига од 2014 година антисемитизмот во ниту една друга европска земја не е толку присутен како во Грција. 74 проценти од анкетираните, изнеле уверување дека „Евреите имаат премногу контрола врз светот“. Речиси половина, односно 47 насто од испитаниците рекле дека „Евреите се омразени поради нивното сопствено однесување“. Ако се погледне возрасната структура забележливо е дека помладите генерално не се помалку антисемитистички настроени отколку повозрасните.
Теориите на заговор за Евреите се поттикнуваат и од делови на Грчката православна црква, критикува Рена Молхо: „Има митрополити како Серафим од Пиреја, кој се изјаснуваат антисемитистички и ниту се сменети ниту дале оставка. Тоа покажува каков однос има црквата кон оваа тема“. Во 2010 година Серафим на телевизија изјави дека Евреите ги контролираат меѓународните банки.
Но тоа не значи дека сите Грци се антисемити, истакнува историчарката. Токму за време на нацистичката окупација дел од грчкото цивилно население им давало помош на Евреите. Тоа што Грчката православна црква денес едноставно ги игнорира антисемитистичките изјави на свои високи свештеници, меѓутоа упатува на „основен системски проблем“, вели Молхо.
При сите проблеми, меѓутоа, таа забележува и оти нешто се придвижува- пред сѐ преку приватни иницијативи. Таа има надеж токму за генерациите кои доаѓаат. „Децата те слушаат и ти веруваат“. А и за Лидија Конста е јасно: „Солун не смее повеќе да талка во мрак. Конечно мора да се соочиме со тоа што всушност сме. Градот, каков што егзистира денес, има долга и културно разновидна историја“. Притоа негирањето на еврејското минато претставува голем товар за Солун. „Кој не признава дека половина од населението била еврејскоа, тој нема да сфати дека поради тоа е и грчка“.