Грција и еврозоната: кадија те тужи, кадија ти суди
5 јули 2015Кога една фирма или приватно лице ќе банкротира, понатамошните чекори се јасно регулирани. Случајот се изнесува пред судија, а потоа се одредува една неутрална инстанца која ја одредува понатамошната постапка. Лутите доверители остануваат надвор од процедурата. Со Грција- тоа не е така. Во овој случај, доверителите се тие кои ја кројат судбината, при што се обидуваат да ги сочуваат своите интереси и тоа го нарекуваат „спас“, а климата во која се разговара е затруена со недоверба и обвинувања. Филозофот Јирген Хабермас смета дека европските политичари потфрлија: „Тие, за волја на вистината изгледаат како политичари, но зборуваат само од својата економска улога на доверители“, рече Хабермас за „Зиддојче цајтунг“.
Отпор на банките
Неуспешните преговори покажаа колку е проблематична повеќекратната улога на државите во еврозоната. Како доверители, сакаат да му диктираат на должникот услови на шетедење, а тогаш уште и сами да го контролираат нивното спроведување. Тоа што во се’ учествува и ММФ, организацијата специјализирана за презадолжени држави, само уште појасно укажува на големината на конфликтот на интереси во кој се наоѓаат Европејците.
ММФ уште во почетокот на новиов век бараше воведување право на држави на прогласување банкрот- безуспешно. „Тогаш меѓународните банки се спротиставија на тоа барање“, вели Томас Мајер за ДВ. Тој добро ги познава позициите на финансиската бранша бидејќи до 2012. година беше главен економист во „Дојче банк“.
Има и други приговори на барањата за воведување на право на прогласување банкрот. Такви се, на пример, правните прашања за тоа колку длабока смее да биде интервенцијата во суверенитетот на една држава. Тој проблем беше очигледен уште во 2011., кога Германија, Франција и другите земји во еврозоната му забранија на тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу да распише референдум за натамошното однесување на државата во должничката криза.
Прогласување банкрот на една земја е нешто што долго се сметаше единствено за проблем на сиромашните земји. „За постапката за банкрот на земјите од еврозоната се дискутираше, но таа никогаш не е дефинирана“,, вели Мајер: „Се сметаше дека тоа не е потребно и оти е Грција осамен случај“.
Страв од избирачите
Затоа што таква постапка не постои, ММФ побара нов отпис на долговите на Грција. Економистите сметаат дека земјата никогаш нема да може да ги исплати своите долгови. Но, Европејците за тоа не сакаат ни да чујат. Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзините колеги по функција од другите земји, како луѓе кои долго се занимаваат со политика, знаат што е страв од избирачите. Откако големите банки се ослободија од т.н. гнили кредити со помош на политичарите, Меркел се презентираше како заштитничка на германските даночни обврзници кои не сакаат нивните пари да пропаднат во Грција. Предлогот барем дел од грчките долгови да се префрли во надлежност на Европскиот механизам за стабилизација ЕСМ, Меркел го отфрли- конечно, и за тоа гарантираат даночните обврзници. Моралната порака на канцеларката за Грците гласи: долговите мора да се вратат.
Лекции од Германија
„Тоа е виц“, изјави прочуениот француски економист Томас Пикети во интервју за неделникот „Ди Цајт“. „Токму Германија е земја која никогаш не ги отплати своите долгови. Таа нема право на другите да им држи лекции“. Во Лондонскиот договор од 1953., доверителите, меѓу кои беше и Грција, и’ отпишаа на тогаш младата Сојузна Република Германија голем дел од долговите- и така го овозможија германското економско чудо. Иако Германија и другите земји во еврозоната се против тоа „на некој начин ќе има натамошно отпишување на долговите на Грција“, смета Јоханес Мајер, економист од Баварската централна банка. „Тоа може да биде експлицитен отпис или- што е поверојатно- уште едно продолжување на рокот...“
Максимална штета, решенија нема
Тенденцијата на европската политика да ги одложува проблемите и да купува време доведе до бизарни ситуации. Тоа го покажува примерот на повеќе месечните и на крајот неуспешни преговори меѓу Грција и еврозоната. „Додека ние преговаравме за 7,2 милијарди евра без да можеме да се договориме околу условите, грчките банки без никакви услови добија кредити за итна помош во висина од 90 милијарди евра“, вели Томас Мајер од истражувачкиот институт Флосбах фон Шторх . Тој со тоа мисли на кредитите за итна помош кои и’ ги издаде Централната банка на Грција со благосов на Европската Централна Банка.