Грција и долгот
26 мај 2015Насловот на прегледов на пишувањето на печатот е преземен од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), кој констатира: „Станува збор за 1,6 милијарди евра, кои земјата напросто ги нема“. Откако потсетува дека тоа беше најавувано и во април, па сепак Грција ја изврши достасаната обврска, весникот го цитира заменик-министерот за надворешни работи Никос Хунтис: „Грција нема да може да ја отплати наредната рата кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ако претходно не ја добие последната транша од вториот пакет за помош, која е блокирана од август минатата година“. Но, веднаш потоа се наведени и зборовите на владиниот портпарол Сакеларидис дека „владата сака да ги исполни паричните обврски и поради тоа се стреми кон постигнување согласност колку што е можно побргу“.
ФАЦ се осврнува и на драматичната седница на раководството на Сириза на викендот: „На таа седница се покажа во досега невидена јасност потенцијалната поделба на хетерогениот ’Сојуз на радикалната левица‘“. Лидерот на партијата Алексис Ципрас навистина доби тесна поддршка за својата поумерена линија во однос на кредиторите, наспроти екстремните барања на леворадикалното крило на Сириза за прекин на отплатата и за нов курс на Грција. ФАЦ ги пренесува и претпоставките на грчкиот конзервативен весник „Елефтерос типос“ дека „единството на Сириза во моментов е ’понепредвидливо од кога и да е‘, што индиректно е потврдено од самата партија, кога заменик-претседателот на парламентот Алексис Митропулос предупреди дека некоја потенцијална спогодба на владата со кредиторитенема да добие целосна согласност од фракцијата на левичарскиот сојуз во парламентот. Навистина досега на интерните гласања Ципрас постојано добиваше поддршка, оти левото крило на партијата може да мобилизира само околу една третина од пратениците. Без таа третина Ципрас во парламентот би загубил“, се вели во ФАЦ.
„Игра со оган“
„Зиддојче цајтунг“ во извештајот од Атина го цитира делот од усвоениот заклучок на седницата на „Сириза“, поднесен од Ципрас: „Кој мисли дека може да ги понижи Грците, си игра со оган. Владата во Атина нема да потпише нов меморандум, односно програма за штедење“. Пренесени се и зборовите на Ципрас на седницата на Централниот комитет на партијата: „’Ние го направивме она што моравме да го сториме, сега е редот на Европа‘. Неговата влада нема да ги исполни ’ирационалните барања‘ и опстојува на тоа ’одредени линии да не бидат пречекорени‘. Атина нема да дискутира за ’широко поставено‘ дерегулирање на платниот систем и нема да се согласи со никакво генерално натамошно намалување на пензиите“, пренесува „Зиддојче цајтунг“.
„Збрка во Атина“
И весникот „Tагесцајтунг“ од Берлин се прашува дали Грција ќе може да ги отплати јунските рати од долговите. „Кон средината на мај Грција само со помош на трик можеше да плати една рата на ММФ: подигна од својата сметка во ММФ за вонредна ситуација 650 милиони евра. Но, тие пари мора да ги врати веќе во јуни, така што севкупно во тој месец ќе мора да врати 2,2 милијарди“. Во однос на спорните теми во преговорите на Грција со кредиторите, за обемот на идното штедење се вели: „Грците сметаат дека Тројката ќе се задоволи со примарен буџетски суфицит (вишок во буџетот, откако од него ќе се издвојат трошоците за камати - н.з.) од 1 процент од севкупните стопански постгинувања на земјата во 2015 година. Првобитно тие бараа 3 проценти. Отстапката не е толу широкограда колку што изгледа, оти економијата бележи пад, токму како и приходите од даноци. Поради тоа Грците ќе мораат да заштедат натамошни 3 до 5 милијарди евра, што е неостварливо: од почетокот на кризата државните трошоци се намалени за речиси една третина“, укажува „Tагесцајтунг“.
„Последниот чин“
„Ное цирхер цајтунг“ во текстот со тој наслов навестува дека на 5. јуни Грција може да банкротира, ако не му исплати 330 милиони евра на ММФ. Во преговорите во Брисел досега „нема согласност за базичното сценарио меѓу Грција и институциите, кои не можеа да ги усогласат проценките за макроекономските очекувања за наредните години. И покрај подобрената клима, разговорите фактички тапкаат во место. Сакеларидис (владиниот портпарол - н.з.) призна дека и натаму остануваат разликите со доверителите во поглед на структурните реформи во системот на социјалното осигурување и на пазарот на работна сила, кај реформата на данокот на додадена вредност, како и кај фискалните цели. Токму тие разлики, меѓутоа, постоеја и пред три недели“. (...) Под такви околности не може во наредните денови да се постигне спогодба со претставниците на институциите. Финансиски експерти сметаат дека и онака веќе нема доволно време за формалната процедура (согласност со институциите, согласност во парламентот, прифаќање од страна на еврогрупата, ратификација во парламентите на земјите-доверители). Грција со тоа стапува на финансиско-политички непознат терен и ќе бидат потребни невообичаени импровизации од страна на доверителите, за да ја одржуваат земјата платежно способна“, забележува „Ное цирхер цајтунг“.