1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција е прилично малку мотивирана за решавање на спорот за името

АМ/миа27 септември 2014

Македонскиот министер за надвореши работи Никола Попоски синоќа (26.09), за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

https://p.dw.com/p/1DLxL
Фотографија: Reuters

По средбата, Попоски изјави дека го изразил интересот на Македонија за наоѓање на решение за спорот и дека од одговорот на Венизелос (на насловната фотографија) било јасно оти тоа не е меѓу грчките приоритети.

„Се разбира дека од наша страна беше потенциран интересот за суштински разговори за придвижување на процесот. Мислам дека во делот на одговорот немаме никакво изненадување, бидејќи сепак се работи за ситуација во која грчкиот интерес е на исклучително ниско ниво. Беше констатирано дека останува разликата во делот на мотивираност за надминување на наметнатиот спор околу името, односно во Грција таа мотивираност е се’ уште на прилично ниско ниво, на исклучително ниско ниво“, изјави Попоски.

Во другиот дел на разговорот беше изразен интерес дека постои желба кај грчката страна за интензивирање на проекти за билатералана соработка, било да се работи во делот на инфраструктурата, економската соработка, или за заеднички проекти во европски и во билатерален контекст, изјави Попоски.

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien
Никола ПопоскиФотографија: AP

За спорот со името, според македонскиот министер, во меѓународната заедница - кај сите фактори, постоело исто согледување дека во овој момент нема мотивација и интерес кај Грција за придвижување напред.

„Во таков еден контекст нашиот сосед се чувствува комотно да не вложува напори ниту на тој фронт, ниту пак во делот на евроинтеграциите кои се значајни за целиот регион. Од наша страна и во текот на оваа и во текот на другите билатерални средби изразивме подготвеност да работиме на сите полиња, но сметам дека од ваквиот застој е значајно да се потенцира дека цената паѓа на Републка Македонија. Нашата блокада, која ни е наметната и во НАТО и во ЕУ, со прекршување на меѓународното право, е нешто што треба да предизвика интерес и кај другите земји кои имаат влијание врз овој процес“, истакна Попоски.

Министерот ги појасни и ставовите со кои македонските претставници настапуваат во разговорите околу идентитетските прашања, конкретно отворени по неодамнешната изјава на идниот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли. Попоски рече дека од негова страна, во разговорите во Њујорк, се посочува дека Македонија не може да прифати да се нарушува правото на самоидентификување на македонските граѓани Македонци.

Berlin - mazedonische Flagge
Фотографија: DW/S. Padori

„Македонскиот јазик е во групата на словенски јазици, исто како полскиот, чешкиот, српски и други. Во секоја од овие земји живеат етнички Полјаци, Чеси, Срби, и истите не ги именуваат како Словени, а нивните јазици не се нарекуваат словено-полски, словено-чешки, словено-српски. Исто така, факт е дека еден наш сосед има политика на дискриминација и негирање на етничките Македонци и истите ги нарекува, меѓу другото, и Словени, а македонскиот јазик го нарекува и славо-македонски. Во заедница на држави кои држат до човековите права и на меѓународниот поредок, не може да се прифати насилство врз правото на себеидентификување“, изјави Попоски.

За влијанието на изјавата на Бејли врз американско-македонските односи, Попоски потенцираше дека се работи за старо, стратегиско партнерство кое опстојува. Попоски во Њујорк имал повеќе средби со американски дипломатски претстаници, кои појасниле дека изјавата на Бејли не претставува некакво менување на американскиот став кон Македонија или кон македонскиот идентитет.