1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција го бара Фронтекс на границата со Македонија

Бернд Ригерт
6 октомври 2016

Фронтекс треба да се погрижи за подобра заштита на границите на ЕУ. Денеска на бугарско-турската граница беше промовиран новиот „Супер-Фронтекс“.

https://p.dw.com/p/2QxOE
Bulgarien Türkei Grenze - Start von Frontex Grenz- und Küstenschutzagentur
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Donev

За да ги претстави проширените овластувања на Агенцијата за заштита на границите - Фронтекс, еврокомесарот Димитрис Аврамопулос го одбра преминот „Капитан Андреево“ на турско-бугарската граница. На оваа надворешна граница на ЕУ и досега имаше ЕУ-граничари. Сега менаџирањето со границите треба да стане уште подобро, вети бугарскиот премиер Бојко Борисов на заедничката прес-конференција. Тоа значи дека жицата на границата ќе стане подолга и повисока и ќе биде заштитувана и со помош на Фронтекс.

Во употреба ќе бидат и најмодерни камери. Бегалците на тој начин би требало да бидат приморани да ги употребуваат регуларните гранични премини, да се регистрираат и да побараат азил на лице место. Би требало да бидат спречени илегални преминувања на границата, какви што минатата година во Бугарија, Грција и долж Балканската рута имаше во огромен број.

Bulgarien Türkei Grenze - Start von Frontex Grenz- und Küstenschutzagentur
Еврокомесарот Аврамопулос се поздравува со офицери на Фронтекс на граничниот премин „Капитан Андреево“Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

„Европа нема да стане тврдина“, рече Аврамопулос, отфрлајќи ги обвинувањата од активистите кои се занимаваат со судбините на бегалците. „Вратата останува отворена за оние на кои навистина им е неопходна заштита.“ Во иднина треба да доаѓаат само оние кои се навистина политички прогонувани или бегаат од војна. Таканаречените економски мигранти треба да бидат побрзо препознавани, меѓу другото и со помош на Фронтекс, и потоа да бидат враќани во татковините. Посилниот граничен менаџмент би требало да дејствува и како заплашување - за оние кои сакаат да тргнат во насока на Европа тоа воопшто и да не го пробуваат. Борисов оцени: „Ова е нашата последна шанса за обезбедување на границите.“

Новиот „Супер-Фронтекс“ би требало во тоа да им помага на членките на ЕУ, но не и да ја преземе во свои раце заштитата на границите.

Морската граница е проблем

Шефот на Фронтекс, Фабрис Леџери, смета дека  може да ја подобри контролата на границите на ЕУ со повеќе персонал и поголеми финансиски средства. „Првпат има и подготвеност да се соработува при контролите на море“, рече Леџери денеска во Бугарија. Тој вети дека ќе биде продолжена и проширена средоземноморската мисија „Тритон“ меѓу Либија и Италија. Фронтекс во рамки на таа мисија веќе има 18 бродови и над 500 офицери. Екипите меѓутоа не се задолжени да ја држат морската граница непроодна, туку да спасуваат бегалци од морето и да ги водат до Италија.

Според ЕУ, обезбедувањето на морската граница не функционира како што треба. Годинава досега преку море во Италија пристигнаа речиси 130.000 мигранти, или речиси исто толку како и минатата година. „Италија е под притисок. Ќе ѝ помогнеме кога ќе ни каже што ѝ е неопходно“, вети еврокомесарот Аврамопулос.

Грција веќе има поднесено барање до новата мисија на Фронтекс. Грчката влада бара ЕУ-граничарите да помогнат во обезбедувањето на границата со Македонија, значи таму каде што почнува Балканската рута.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија