Грција: Бескрајно чекање на одлука за азил
28 септември 2020Процесот за носење одлука за пружање политички азил во Грција започнува со регистрација. Потоа следи лекарски преглед за да се утврди дали подносителот на барање за азил припаѓа на некоја посебно ранлива група. Дури тогаш почнува вистинската постапка. Првиот чекор е разговор со подносителот со посебно задолжени луѓе. И на тој чекор се чека со месеци.
По разговорот, следи одлука. Во случај подносителот да не е задоволен од одбивањето, може да вложи жалба кај посебна владина институција. Дури ако и тука биде одбиен, апликантот за азил има можност да се обрати пред управен суд. И тука на одлуките се чека често со години.
Спор правосуден систем
Андреас Потакис, омбудсман за Грција, во раговор за Дојче веле вели дека станува збор за „непримерно одолговлекување" во сите фази на носење одлука. За секој чекор мора долго да се чека, а според Потакис, тоа е одлика на грчкиот правосуден систем.
Повеќе:
Миграциската политика на ЕУ: победа на популистите
ЕУ и бегалците: На повидок нова кавга
Грција: Маскирани лица напаѓаат чамци со бегалци во Егејско Море
Александар Константину, адвокат во Грчкиот совет за бегалци, смета дека времето на чекање би се намалило единствено со кадровско зајакнување на одговорните установи. „Истовремено е потребен траен механизам на солидарност во рамките на ЕУ", вели Константину. Досегашните напори во таа насока, зајакнување на грчките власти од страна на Брисел, се покажаа недоволни.
10,3 месеци чекање
Кетерина Вулард, директорка на Европскиот совет за бегалци и прогонети (ЕЦРЕ), зборува за случаи на Авганистанци и Ирачани кои во 2019 година добиле термин за разговор за четири години подоцна, за 2023 година. За Сиријците ситуацијата е нешто поповолна, тие чекаат „само" до 2021 година. Лани просечно на разговор се чекало 10,3 месеци.
И Вулард смета дека доцнењата се поврзани со атруктурни проблеми и недостиг од кадри во грчкиот систем. Кон тоа треба да се придодаде и фактот дека Грција уште не е опоравена од финансиската криза, а и честите промени на законите не придонесуваат за подобрување. „Законите како и лицата кои треба да ги применуваат постојано се менуват што дополнително ја комплицира целата работа", вели директорката на ЕЦРЕ.
Притоа декларирана цел на грчките власти при промена на законите беше токму забрзување на постапката. Но, Константину смета дека целта била токму спротивна. „Вистинска намера беше постапката да се направи комплицирана за подносителот на барање за азил да не може воопшто да ја покрене без адвокат. Пристапот кон чесен процес стана невозможен", вели овој адвокат.
Илегални враќања на мигрантите
Омбудсманот Андреас Потакис пред сѐ го смета за правно проблематично приведувањето на оние чија апликација за политички азил е одбиена. Оваа пракса од исклучок стана рутина. Освен тоа, овие лица може во притвор да бидат задржани цели 36 месеци, поради што Грција повеќекратно беше критикувана од страна на Европскиот суд за човекови права, но тоа ништо не промени.
Во разговор за Дојче веле Потакис изрази загриженост и поради илегалните враќања на мигрантите преку граница, по правило – турската. Грчките власти негираат ваква пракса, без оглед што медиумите тоа го документираа и известуваа во повеќе наврати.