Грција бара од ЕУ „план Б“ за мигрантите
3 август 2016По заканите од Турција дека ќе се повлече од договорот со ЕУ за запирање на бегалскиот бран, грчката влада инсистира ЕУ да подготви алтернативен план. ЕУ мора да размисли што ќе се преземе во случај Турција повторно да ги отвори своите граници за бегалците, изјави министерот за прашања поврзани со миграцијата, Јанис Музалас за вчерашното издание na весникот „Билд“: „Ние сме прилично вознемирени. Во секој случај, потребен ни е план Б“.
Камен на сопнување - визната либерализација
Турција во моментов енергично инсистира на безвизен режим за своите државјани, кој ЕУ и‘ го вети при потпишувањето на Договорот за запирање на бегалскиот бран. Анкара сега бара укинување на визите за своите граѓани најдоцна до октомври, во спротивно се заканува со истапување од договорот, како што најави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Спротивно на него, ЕУ аргументира дека визната либерализација на Турција може да и‘ биде овозможена само ако ги исполни сите 72 услови, поставени од Брисел. Под критичкото око на ЕУ посебно се антитерористичките закони во Турција.
Договорот меѓу ЕУ и Турција предвидува илегално влезените бегалци и мигранти во Грција да бидат враќани назад во Турција. За секој вратен сириски бегалец, еден друг Сириец од Турција може легално и директно да влезе во ЕУ, според правилата важечки од пролетоска. Оттогаш бројот на бегалци кои во Грција стигнуваат преку Средоземното Море драстично е намален. Музалас го обнови и апелот до другите членки на ЕУ за порамномерно распоредување на бегалците низ Унијата. Бегалците треба да бидат распоредувани во сите држави од ЕУ, а не само во одделни, истакнува грчкиот министер.
Против секаков прием
Но, првенствено кај членките на поранешниот Источен блок ова веројатно ќе наиде на глуви уши. На пример, чешкиот претседател Милош Земан отрфла прифаќање на околу 2700 бегалци, колку што предложи самата влада во Прага. „Претседателот е против било каков прием на бегалци на чешка територија“, изјави портпаролот на Земан. „Нашата земја не може да си дозволи да биде изложена на опасност од терористички напади како во Франција и во Германија“.
Покрај Чешка, на прифаќање бегалци и мигранти се спротиставуваат и Словачка, Унгарија и Полска.