Грција бара гаранции дека Македонија ќе исполнува обврски
11 јуни 2018Игра на нерви следува во наредните две недели, до Самитот на ЕУ, откако Атина и Скопје продолжуваат да се консултираат на највисоко ниво, со цел да се завршат преговорите кои ќе доведат до конечен договор за спорот за името, пишуваат повеќе грчки медиуми.
„Информациите укажуваат дека 95% од преговорите се завршени и остануваат малку, но важни детали“, пишува „Катимерини“. Според весникот, „основното прашање се однесува на временскиот распоред за спроведување на чекорите од договорот: од гласањето во парламентот (ако сѐ оди добро) пред Самитот на ЕУ на крајот од јуни, па до септември кога во соседната држава се очекува да се одржи и референдум што ќе ја 'откочи' и уставната ревизија“. Според „Катимерини“ распоредот не е проблем, но Атина сака формула „која апсолутно ќе осигура дека договорот ќе се спроведува само ако ПЈРМ успее во сите чекори на тој модуларен процес“.
Ако македонскиот парламент го одобри договорот, Атина со писма до ЕУ и НАТО ќе ја 'деблокира' можноста земјата да се приклучи на двете организации. Но, ако референдумот не успее, тогаш договорот меѓу Скопје и Атина нема да се спроведе, па прашањето е што со претходно „деблокираните“ можности за Скопје. Особено што во Атина сметаат дека за Македонија и онака се неизвесни чекорите кон ЕУ.
„Што се однесува до ЕУ, ситуацијата за Македонија е доста тешка и надвор од билатералниот спор за името со Грција, бидејќи треба да се надминат и сериозни забелешки за понатамошно проширување на земјите на Унијата, како што се Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и Данска“, пишува „Катимерини“.
Формула за заштита
Грчките медиуми ѝ придаваат и големо внимание на веста дека премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера имале семејно дружење во Струмица, со цел да покажат дека „се на иста линија“, наспроти тврдењата дека меѓу нив има разлики, или дека „Димитров игра свои игри“, како што подолг период објавуваа грчки медиуми повикувајќи се на владини извори.
„И покрај сликите и заедничките најави, внатрешните проблеми на Скопје се оние кои продолжуваат да го блокираат потпишувањето на договорот“, пишува „Прототема“.
Повеќе:
Името на половина пат меѓу усниот и писмениот договор
„Информациите велат дека речиси сè е затворено, со исклучок на договорениот распоред. Очигледно ќе има еден вид меморандум кој ќе го продолжи спроведувањето на договорот во период од околу две години. Меѓутоа, Атина сака да воспостави формула со која ќе ги обезбеди потребните заштитни мерки за исполнување на сите обврски што треба да ги преземе Скопје“, пишува весникот, потсетувајќи дека не останува многу време: три недели до самитот на ЕУ (28 и 29 јуни), по што следува Самитот на НАТО (11 и 12 јули).
„Грчката влада рефлектира опуштена и оптимистичка атмосфера, но чекањето сепак, предизвикува загриженост во врска со исходот на случајот, бидејќи гледаат дека времето тече. Извор од владата за 'Прототема' изјави дека се чини оти 'Заев игра опасна игра'. Сепак, Димитрис Ѕанакопулос изрази уверување дека 'ќе се постигне договор'“, пишува весникот.
И „Катимерини“ го нотира заедничкото дружење на Заев и Димитров, но повикувајќи се на неименувани извори, пишува дека „веднаш по објавувањето на соопштението на македонското МНР, Заев сепак контактирал директно со различни претставници на меѓународната заедница, со цел да се истакне дека Република Македонија останува целосно посветена на решавање на спорот за името со Грција“. Весникот нотира и дека „Атина е свесна дека за Заев, пристапувањето на Македонија во НАТО е предуслов за политички опстанок“.
Посета на Германија
Во недостиг од информации дали е надминат застојот во разговорите, во домашната јавност вчера се проширија шекулации дека денеска (11.6) е денот Д за финалниот разговор Заев-Ципрас, но од Владата го демантираат тоа. Сега интересот е насочен кон најавата дека владина делегација, предводена од премиерот, на 13-ти и 14-ти јуни ќе престојува во дводневна работна посета на Франкфурт, Германија.
Според соопштението од владината прес-служба, покрај премиерот во делегацијата е и неговата сопруга Зорица, вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за здравство, финансии и економија - Венко Филипче, Драган Тевдовскии Крешник Бектеши, и директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски. Предвидени се средби помеѓу претставници од Владата со професори и еминентни доктори од Универзитетската клиника „Јохан Волфганг Гете“, со цел зацврстување и разгледување на можности за продлабочување на соработката со оваа реномирана здравствена установа. Според соопштението, на 14-ти јуни, премиерот и министрите ќе остварат средби со претставници од Дојче банк и со раководствата на неколку успешни германски компании.
Но, во јавноста расте надежта дека зад формалната причина за посетата на Германија всушност се очекуваат важни разговори на премиерот околу финализирање на договорот со Атина. Ваквите очекувања немаат официјална потврда заради суптилноста на периодот и на процесите.