Грција оди кон кулминација на кризата
28 јуни 2015Должничката криза во Грција кулминира, што ги стави во состојба на аларм и политичките раководства на некои водечки европски земји. Со оглед на драматичната состојба на буџетот на државата, Грција воведува контрола врз протокот на капиталот. Опозицијата побара формирање влада на национално единство.
Премиерот Алексис Ципрас рече дека наредните денови ќе биде потребно трпение и опуштеност. Критичната ситуација може да биде надмината. Достоинството на грчкиот народ со оглед на „уцената“ испраќа порака на надеж за цела Европа, рече премиерот. Грчките банки од утре ќе останат затворени, соопшти Ципрас по вечерната седница на владата во Атина. Тој истовремено ги повика граѓаните да го зачуваат мирот и нагласи дека штедните влогови, платите и пензиите на граѓаните се „апсолутно сигурни“. На банкоматите, барем за почеток, ќе можат да бидат повлечени само по 100 евра дневно. Националниот совет за стабилност, според наводи на инсајдери, препорачал лимит од 60 евра, како и тоа банките да останат затворени во наредните шест работни денови. Во Атина беше најавено и дека утре нема да работи ни атинската берза, но за тоа уште нема дефинитивна потврда. Грчките медиуми јавуваат дека банките повторно ќе бидат отворени дури на 6. јули, еден ден по референдумот.
Самарас: Наместо референдум, влада на национално единство
Лидерот на опозицијата Андонис Самарас од конзервативната Нова демократија побара од премиерот да го откаже најавениот референдум на кој Грците на 5. јули треба да се изјаснат дали ги прифаќаат условите од помошта понудена од доверителите. Наместо тоа, Самарас побара Ципрас да формира влада на национално единство, која би ја водела земјата кон излез од кризата.
Ципрас извести дека повторно побарал продолжување на програмата за помош за неколку денови. Еврогрупата вчера го одби грчкото барање за продолжување за неколку денови на програмата за помош, која истекува на 30. јуни. Европската централна банка денеска објави дека ја замрзна рамката на таканаречените ЕЛА-кредити за Грција на нивото од 90 милијарди евра.
ММФ ќе ги поддржи Грција и земјите во нејзина близина
Кристин Лагард, шеф на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), оцени дека наредните неколку денови ќе бидат решавачки за натамошната судбина на Грција, но и на еврозоната. ММФ ќе го следи развојот во Грција и во другите земји во нејзина близина и ако е потребно ќе даде поддршка, рече Лагард во Вашингтон. ММФ, според неа, е подготвен заедно со Атина и ЕУ да бара „урамнотежено“ решение, кое првенствено треба „да вклучува структурни и даночни реформи“.
Меѓународната заедница е алармирана
Американскиот претседател Барак Обама и германскиот канцелар Ангела Меркел, според наводи од САД, телефонски разговарале за развојот на настаните околу Грција. Обајцата биле согласни дека е важно да бидат преземени напори кои би воделе кон тоа, Грција да се врати кон реформи и стопански пораст во рамките на еврозоната.
Францускиот претседател Франсоа Оланд за утре свика вонредна седница на владата посветена на актуелниот развој на кризата околу Грција.
Ангела Меркел утре рано попладне ќе се состане со раководствата на сите партии кои се застапени во Бундестагот. Таа ќе ги извести претседателите на партиите и шефовите на нивните парламентарни фракции за актуелниот развој на настаните. За утре попладне се најавени и вонредни средби на парламентарните фракции на ЦДУ/ЦСУ, СПД и на Зелените.
Германското министерство за надворешни работи, поради новонастанатата ситуација, им препорача на граѓаните кои ќе патуваат во Грција да понесат со себе поголемо количество пари во готово.